Со театарска претстава и музичка изведба на најпознатите композиции на Бетовен, на 7 февруари, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ се одржа промоција на книгата „Златната книга на Лудви“ од Тина Иванова. Сликовницата, која е збогатена со илустрациите на Рената Јосифовска, е дел од новата едиција „Музичка кутија“ во издание на „Арс Ламина“.
Книгата ја промовираше уредничката Бисера Бендевска, по што се одржа мини-претстава за деца, во која учествуваа авторката Иванова и диригентката Дијана Имери-Илкоска, која беше задолжена и за интерпретација на музиката на Бетовен за пијано. Настанот, кој се одржа во рамките на фестивалот „Денови на литературата“, го проследија многубројни деца и нивните родители.
„Златната книга на Лудви“, која е инспирирана од животот и творештвото на Лудвиг ван Бетовен, е првата од петте книги за деца во серијалот „Музичка кутија“, во кој ќе бидат застапени и сликовници инспирирани од Моцарт, Бах, Верди и Чајковски. Овие книги не го обработуваат животот на композиторите, туку претставуваат нови бајки за деца, смислени од авторката Иванова.
- Од сè што досега имам издадено — стручни книги, романи, раскази и монографии — објавувањето на овие сликовници ме прави најсреќна, бидејќи се наменети за најискрената и најубавата публика: децата. Книгите се создадени со идеја да ја поттикнат желбата кај децата, но и кај возрасните, да се посветат на класичната музика. Приказните не се инспирирани од детството или животот на музичарите, туку се измислени, но имаат голема поврзаност со карактерите на композиторите и нивните композиции. На пример, Лудви е типичен Бетовен, а Вулфи е токму каков што бил Моцарт, но интерпретирани според моето доживување како музиколог и автор... Поради тоа што за детството на Бетовен се знае многу малку, има простор денес да го замислуваме и претпоставуваме каков бил тој како дете – рече Иванова во промотивниот дел.
Иако во јавноста прво беа прикажани театарските претстави, всушност прво беа напишани книгите, од кои потоа се развиле сценските изведби.
- Книгите ги напишав пред две години, летото кога првпат останав сама без моите деца, бидејќи тие пораснаа и секој тргна по свој пат. Ми недостигаше таа врска родител–дете, бев меланхолична што децата ми пораснаа и веќе не се дружиме како порано. Моето бегство од таа носталгија беше да напишам книги за деца. Идејата произлезе од тоа што додека беа мали, секоја вечер им измислував приказни за Лошко и Добре, два лика за кои долго време бараа да им раскажувам. Така се разви мојот однос со детската литература и така се роди желбата да пишувам за деца. Сега, кога ги напишав овие книги, сакам да продолжам да творам за најмладите - додаде таа.
Главниот лик во „Златната книга на Лудви“, малиот Лудви, е необично дете - кое сака книги и свири на пијано, но минува низ низа неочекувани случувања. Приказната е топла, разиграна и полна со емоции, вистинско доживување за деца и возрасни.
- Лудви е нетипично дете за денешното време — затоа што за разлика од другите, тој чита книги, свири пијано, се интересира за природата и вселената и има голема библиотека со книги. Книгата е бајковита и полна со магични елементи. На пример, во неа постои златна книга која му помага на Лудви да стане видлив за другите — иако е повлечен и срамежлив и понекогаш е исмеан од другарчињата, преку златната книга неговиот талент и вистинскиот карактер се согледуваат од сите околу него. Преку Лудви ја откриваме главната порака на приказната: секој од нас има свој талент, само треба да го следи својот сон и да ги реализира своите идеи – рече Иванова, која по професија е музиколог.
Музиката е дел од нејзиното секојдневие, професионално и приватно. Вели дека сите книги ги има напишано слушајќи музика. Според неа музиката и книжевноста се основа за уште поинтензивна креација и се одлична ментална храна.
- Научно е докажано дека мозокот подобро работи кога читаме или кога слушаме музика, особено класична. Музиката е друг јазик — јазик на ноти — но и литература, бидејќи во неа се кријат многу длабоки книжевни остварувања и филозофски мисли. Таа е уште многу неистражено поле; кога зборуваме за класичната музика, тоа е како бунар без дно. Музиката ја поттикнува фантазијата, а кога фантазијата е разбудена, настапува креацијата, а со неа и среќата. Кога децата се среќни, среќни се и родителите. Тоа е еден круг на животот и креацијата - рече на крајот Иванова.
За време на „Денови на литературата“, на 21 февруари (сабота) во 18 часот, „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ ќе биде промовирана и втората книга од оваа едицијата „Музичка кутија“ во издание на „Арс Ламина“ - „Магичната флејта на Вулфи“ со текст на Тина Иванова и илустрации на Рената Јосифовска.
Програмата на „Денови на литературата“ продолжува и наредната недела. Од вторник до петок, во утринските часови, во книжарниците „Литература.мк“ во „Ист гејт мол“ и во „Сити мол“ ќе се одржат едукативни работилници за деца и ученици. На 11 февруари, со почеток во 20 часот, во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ ќе се одржи промоција на новата стихозбирка „Со една четка два зајака“ од Владимир Мартиновски, во издание на „Арс Ламина“. Промотор на книгата ќе биде Иван Џепароски.
Целосната програма на „Денови на литературата“ може да ја проследите на следниот ЛИНК
Во рамките на продажната акција се нудат попусти на книги до 70 %, од 17 македонски издавачки куќи. Секој ден на онлајн-продавницата www.literatura.mk ќе има специјален, дополнителен еднодневен попуст на книги. Со купени книги во вредност од минимум 1.500 денари следува грепка со подарок. Секоја грепка е добитна!
Попустите може да ги проследите ТУКА
Еднодневните специјални попусти се достапни на следниот ЛИНК