Вести

Во чест на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик се одржа дебата во Europe House во Скопје

23.02.2023.
Во чест на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик се одржа дебата во Europe House во Скопје

По повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик на 22 февруари се одржа дебата во Europe House во Скопје. Панелисти на дебатата беа министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава амбасадорот Дејвид Гир, професорката на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје и директорка на Семинарот за македонски јазик, литература и култура д-р Весна Мојсова-Чепишевска, лауреатот на Европската награда за литература Петар Андоновски, како и Дејан Василевски, лектор по македонски јазик, кој е вработен во издавачката куќа „Арс Ламина“. Настанот беше во рамките на проектот #CultureTalks , во чиј фокус беше токму мајчиниот јазик, природната врска што секој човек ја гради со него, преку семејството, образованието и низ животот. „Раѓањето на зборот“ од славниот писател Ацо Шопов послужи како инспирација за овие разговори и идните активности.

На настанот беше истакнато виталното значење на овој ден за промоција и заштита на сите јазици, но истовремено и за подигнување на свеста за лингвистичката и културна разновидност.

Амбасадорот Дејвид Гир и министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска дискутираа за значењето на јазичната, а воедно и културна разновидност низ историјата и неопходноста да се зачува таа со процес на дигитализација – како одговор на модерните времиња.

Како голем чекор во заштитата на мајчиниот јазик беше посочен проектот за дигитализација на досиејата на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“. Министерката го изрази своето задоволство што македонскиот јазик е признаен како официјален во Европската унија и ги напомена активностите што се преземаат во насока на негова заштита и промоција. Таа нагласи дека годинава во културата се прославуваат неколку значајни јубилеи и во тој контекст се поддржани неколку проекти на Институтот за македонски јазик, преку кои достојно ќе биде одбележан нивниот седумдецениски јубилеј, како и одбележувањето на 120 години од објавувањето на книгата на Крсте Мисирков „За македонцките работи“.

Амбасадорот Гир рече дека со задоволство се приклучува, како што рече, на оваа прослава на мајчиниот јазик. Тој додаде дека за него англискиот јазик е мајчин јазик, јазик со кој е лично поврзан и чувствува дека има предност што зборува на јазик што е широкораспространет, исто како што тоа, на пример, го чувствува некој од Шпанија. За неговото познавање на македонската литература, амбасадорот Гир рече дека неговите соработници секогаш се трудат да го запознаат со тоа што нему му причинува задоволство. Тој додаде дека македонската книжевност има многу да ѝ понуди на Европската унија.

Д-р Весна Мојсова Чепишевска и Петар Андоновски потсетија дека за секој емотикон, кратенка или заемка најчесто веќе постои збор, жаргон или архаизам во мајчиниот јазик. Само треба да го побараме и да го оживееме повторно!

Дејан Василевски ги сподели своите искуства во однос на примената на македонскиот јазик и додаде дека состојбата со примената во повеќе аспекти е лоша. Рече дека македонските автори се трудат да пишуваат литературно. За преводите, примената е послаба, а според него, тоа е заради ниските цени на преводите. Лоша е состојбата во примената на македонскиот јазик во медиумите и на интернет-порталите, кои речиси и да немаат лектор, се пласираат информации што воопшто не се лекторирани. Василевски истакна дека потребна е поголема контрола на примената на јазикот и истакна дека тоа ќе се уреди со новиот Инспекторат за примена на македонскиот јазик, чие формирање е предвидено со новиот предлог-закон за употребата на македонскиот јазик.

Во дебатата свои размислувања на посочената тема дадоа и студенти, новинари, лектори, библиотекари и други.

Фото: Delegation of the European Union, Skopje

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

27.
Sep.
Вести
На 8 октомври (вторник), во 20 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, ќе се одржат свеченото доделување на наградат...
12.
Apr.
Вести
Книжарниците „Литература.мк“ и „Ист гејт мол“ донираа едукативни играчки во „СОС Детско село“. 
10.
Mar.
Вести
Онлајн-страницата на „Литература.мк“ e прогласена за најдобра е-продавница за култура, настани и едукација на Ecommerce Awards 2022. 
array(0) {
}
Memory Consumption is: 7.47 MB