Мигрирано

Алма Растодер, авторка на Музеј на детството: Децата се моите најдобри критичари, но и инспирација што нема крај

15.03.2022.
Алма Растодер, авторка на Музеј на детството: Децата се моите најдобри критичари, но и инспирација што нема крај

Прозна сложувалка, како колаж од повеќе приказни за детството, раскажани во различно време и од различни простори е новата книга за младите читатели „Музеј на детството“ од авторката Алма Растодер. Тоа што ги обединува во целина и што овозможува да ги читаме и како фрагментарен роман за млади е можноста личните приказни да се сфатат како книжевни експонати во замислениот музеј на детството, што е и носечката идеја при раскажувањето. Книгата ќе биде промовирана на 17 март (четврток), со почеток во 19 часот, во книжарницата „Literatura.mk Superstore“ во „Скопје сити мол“. Делото е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Алма Растодер е родена на 01.07.1986 година во Скопје. Дипломирала на катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Уредник е во списание специјализирано за трговија со стоки за широка потрошувачка. Пишува поезија и проза. Нејзината прва книга за деца „Сонливи приказни од тајната шума“ е објавена на три јазици во 2019 година. Нејзини песни се вклучени во збирката поезија „Mostovi prijateljstva“, а расказот „Белата шапка“ во електронското издание на „Карантински приказни“. „Музеј на детството“ е нејзина втора книга за деца. По повод промоцијата разговаравме со авторката.

* Различните приказни, раскажани од главните ликови во романот, ги „сместуваш“ во еден т.н. музеј на детството. Како се роди идејата за „Музеј на детството“?

– „Музеј на детството“ се роди како приказна за помали деца, а израсна во роман. Интересно е што воопшто немав идеја да биде роман, напротив. Прво напишав приказна за децата, кои поради различни причини се чувствуваат дека се затворени во своето тело, во својот ум, поради одреден трауматичен момент од нивните животи. Потоа, се прашав како тие ликови успеале во животот, дали успеале да ги пребродат траумите. Така се развија расказите. Долго време така напишани стоеја во фиока, оти не успеав да ги спојам двата дела. На крајот, успеав да ја најдам нишката што ги поврзува – имагинарниот музеј на детството. Него решава да го направи Си, лик од иднината. Таа живее во време кога сè е достапно на еден клик, каде што технологијата ги направила луѓето речиси роботи. Така се создаде овој фрагментарен роман за млади каде што личните приказни на ликовите станаа книжевни експонати.

* Кои се главните протагонисти во книгата и како се развија нивните карактери, дали се инспирирани од вистински личности?

– Главните ликови се група деца, кои решаваат да избегаат од една антикварница, каде што се заробени во песочни часовници, стаклени тегли, шишиња и сл. Заеднички, успеваат да избегаат, но по првпат се соочуваат со дотогаш невидено летало и суштество, кое им дава пораки, кои се всушност нивните главни проблеми што треба да ги надминат, за вистински да го живеат животот. Во групата се и Ена и Трини, кои подоцна ќе ја добијат ќеркичката Си. Ена е писателка, која сака да се врати во своето минато, но умира, а Си се враќа во минатото на мајка ѝ и татко ѝ токму во моментот кога децата го среќаваат суштеството. Тука се сретнуваат сите ликови и тука се раѓа и идејата за создавањето на Музејот на детството – тој музеј е составен од приказните на децата раскажани од различни временски дистанци. Да, има многу случки што се лично мои, има некои работи што сум ги доживеала јас и со кои сум се обидела да се соочам на овој или на оној начин. Некои приказни се инспирирани и од децата во мојата поширока фамилија.

* Што содржи Музејот на детството во твојата книга и дали тој физички постои или е синоним за нешто невидливо, а суштинско?

– Музејот содржи приказни што неколку ликови ги раскажуваат кога се наоѓаат на различна возраст. На крајот на книгата тој навистина е создаден и е многу интересен за луѓето од иднината, кои забораваат на сето тоа што е човечно, особено на емоциите и доживувањата. Но, музејот може да се перципира и како синоним за она што ни е навистина суштинско и значајно – детството. За некои деца тоа многу брзо поминува, некои деца, поради одредени трауми и сакаат да им помине што побрзо, да се изборат со него. Тоа е период кога се гради карактерот, се перципира и се чувствува интензивно светот околу нив и мислам дека е многу значајно какво ни поминало детството. За жал, кога ќе помине, остануваат само спомени и предмети што нè потсетуваат на сите добри или лоши ситуации.

* Кои се најважните детали од музејот на твоето детство? Кои спомени (и предмети) сакаш да ги зачуваш засекогаш?

– Игрите! Сакам и уште си играм со децата. Среќа што имам големо семејство (браќа и сестри мои и на сопругот), па можам и понатаму да останам дете, играјќи си со нивните деца. Многу им е интересно кога ќе им покажам некоја игра и навистина им го задржувам вниманието, ама за жал, за кратко. Се враќаат потоа на игрите од мобилните телефони. Сакам да ги задржам спомените од игрите пред зграда, на јадењето сендвичи надвор за да не испуштам нешто од играта. На, салфетките што ги собирав, на ластикот што секогаш кога ќе го видам ме потсетува на играњето ластик со девојчињата, на тоа што сакав да станам кошаркар, па игравме со брат ми...

* Книгите за деца обично се со некоја порака или поука. Која е главната порака што сакаш да ја пренесеш со книгата?

– Ме замисли прашањето... Сакам да напоменам дека детството многу брзо поминува и дека треба да се живее секој момент, како дете. Тоа би било пораката за децата. Повеќе да се дружат, повеќе да споделат чувства и да помогнат, а не да ги злоупотребат... Да не бидат, уште на мала возраст, толку вклучени во виртуелниот свет, особено не градејќи личност која ја сакаат другите и која е според критериумите на другите. Особено во време кога и тие самите треба да ја изградат својата личност и да оформат одредени карактерни особини што ќе ги имаат и како возрасни.

* За кого е наменета оваа книга? Дали ова е четиво само за деца и млади или во него ќе се пронајдат и возрасните?

– Книгата е наменета за млади, но многу лесно можат да се пронајдат и возрасните. Како родител, имам страв дали ќе бидам доволно успешна во таа улога. Книгава, во голема мера, може да биде поттик и за возрасните, да размислат како влијаат нивните одлуки на децата, како нивното однесување како родител влијае на оформувањето на личноста на детето. Најпосле, дали секогаш сме виновни за сè, иако правиме сè што е во наша можност, за децата да израснат во подобри личности.

* Повеќето автори за деца велат дека прв „филтер“ или први „уредници“ на нивите дела се нивните деца. Дали на своите деца им ги читаш твоите текстови и колку тие се инволвирани во твојот креативен процес?

– Да, се согласувам дека моите деца се моите први „уредници“. Тие се најдобрите судии и критичари, но и инспирација што нема крај. Им ги читам приказните што се за нивна возраст и гледам како реагираат тие. Има некои приказни што се подобро прифатени, а некои што не им се допаѓаат. Веднаш знам во која насока треба да одам.Ќеркичката Хана, која има осум години, сака поинакви приказни во споредба со Тарик, кој има пет години и е сосема различен карактер. Кај него „поминуваат“ поинакви приказни, раскажани на поинаков начин. Многу ми е интересно како ги доживуваат приказните, секој на свој начин и како во исто време придонесуваат во развојот на приказните и на различните ликови. Моите деца ми се голема инспирација. Некако, како во круг, сè почнува и сè завршува со нив.

* Ова не е твоја прва книга за деца... Како се разви љубовта кон пишувањето и кон творењето за деца?

– Ова е мојата втора книга. Не знам, искрено никогаш не сум мислела дека ќе објавам нешто што сум напишала, а сум пишувала многу и пишувам одамна. Уште помалку сум мислела дека тоа ќе биде поврзано за деца. Како што растеа моите деца, така се обидував преку приказни да им укажам на некои работи и тоа ми успеваше. Така, почнав да ги запишувам тие приказни. Тогаш, си открив друга особина, огромната детска фантазија што ја имам и што конечно преку приказните можев да ја преточам во приказна. Сосема спонтано, сосема опуштено се впуштив во тој детски свет и сега нема враќање, премногу е убаво и искрено сè во него.

* Кога најчесто пишуваш, како настануваат твоите книги и дали во моментов создаваш нешто ново?

– Немам некое време кога седнувам да пишувам. Некогаш кога ме „мачи“ некоја приказна, кога конечно тоа што се случува со некој лик во мојата глава се оформува и ми личи на нешто интересно, се обидувам да го напишам. Без разлика на време и место. Пишувам и на мобилен телефон и во автобус на некоја полуискината хартија... Имам неколку приказни за деца што ми се напишани, средени. Ама чекаат ред. Нека постојат уште малку, можеби ќе добијат некој нов тек.

* Ти си дипломиран филолог-компаратист, со работно искуство во маркетинг-агенција. Кои се најзначајните моменти од твојата образовна и професионална биографија?

– Студирав тоа што навистина го сакав и да имам можност повторно би го направила истото. Тој период ми е еден од најубавите во животот. Моментално работам во маркетинг-агенција што издава магазин, специјализиран за стока за широка потрошувачка, каде што имам новинарски ангажман. Претходно сум работела во невладина организација, на проекти поврзани со еманципација на жените од руралните делови на Македонија. Не можам да одвојам што ми е најзначајно. Досега ја имам објавено книгата за деца „Сонливи приказни од тајната шума“. Во една книга се достапни приказни на македонски, босански и албански јазик. Дополнително е приспособена и на Браево писмо, што особено ме радува.

Книгата „Музеј на детството“ веќе е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14741

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 8.11 MB