Ново migrirano

Ване Костуранов одржа изложба и работилница на фестивалот за сликовници Овца во кутија во Нова Градишка, Хрватска

26.05.2022.
Ване Костуранов одржа изложба и работилница на фестивалот за сликовници Овца во кутија во Нова Градишка, Хрватска

Познатиот македонски сликар, илустратор и автор на книги за деца Ване Костуранов одржа изложба и работилница на Меѓународниот фестивал за сликовници „Овца во кутија“, што од 23 до 25 мај се одржа во Нова Градишка, Хрватска.

Настанот е во организација на „Креативна мрежа“, „Книга во центарот“ и Домот на културата Нова Градишка, каде што се одржаа главните активности. Покрај Костуранов, на фестивалот учествуваа и познати хрватски и регионални автори, илустратори и издавачи на книги за деца: Николина Манојловиќ Врачар, Бранка Холингсворт, Нара Илустрација, Ана Галант, Ирена Д Зелена, Алма Понграшиќ, Дарко Мацан, Зоран Понграшиќ, Ива Цицеран и Ана Ѓокиќ. Тие ги претставија новите хрватски и регионални современи сликовници и книги за деца.

Фестивалот „Овца во кутија“ беше свечено отворен со изложба на илустрации од книгите на Ване Костуранов во галеријата на Градското собрание во центарот на градот. На свеченоста се обрати градоначалникот на Нова Градишка, Винко Гргиќ.

За време на гостувањето Костуранов одржа ликовна работилница за најмладите инспирирана од неговата книга „Девојчето и градот“. Оствари и средба со средношколците од Нова Градишка, на кои им раскажа како е да си илустратор и за сите предизвици што ги носи животот на еден уметник.

– Ми беше чест и задоволство да бидам учесник на годинешното издание на фестивалот „Овца во кутија“ во Нова Градишка, Хрватска. Благодарност за топлиот пречек – изјави Костуранов по завршувањето на настанот.

Ване Костуранов е роден во 1979 година во Струмица, каде што живее и работи. Автор е на сликовниците: „Sвездено дете“ (2018), „Девојче и мече“ (2019), „Девојчето и градот“ (2020) и „Рекичето што сакаше да порасне“ (со текст на Ана Торма, 2022), кои се во издание на „Арс Ламина“. „Sвездено дете“ и „Девојче и мече“ освоија први награди за најдобро ликовно-графички уредени изданија на Саемот на книгата во Скопје, во 2018 и 2019 година, а „Девојчето и градот“ – трета награда во истата категорија на Саемот на книгата во Скопје, следната, 2020 година. „Девојче и мече“ се најде на престижната листа „Вајт рејвенс“ во 2019 година, селектирана од Интернационалната младинска библиотека (International Youth Library) од Минхен. Сликовниците на Ване Костуранов се преведени и издадени на српски, хрватски, корејски, турски и германски јазик. Коавтор е на сликовницата „Мирко Немирко“ (Staško Nestaško), по текст на Ана Ѓокиќ, која на македонски јазик ја објави „Арс Ламина“ и која го освои второто место во категоријата за најдобро ликовно-графички уредено издание на годинашното доделување на престижните книжевни награди на Македонската асоцијација на издавачи (МАИ). Автор е и на илустрациите на „Јaс“ (Ja), по текст на Даниела Павлек, издадена од Здружението „Креативна мрежа“ во Хрватска. Како илустратор е потпишан и на голем број корици на книги за македонски изданија.

Неговата најнова сликовница, со текст на српската авторка Ана Торма – „Рекичето што сакаше да порасне“, ќе биде промовирана на 2 јуни (четврток) во 19 часот, во „Литература.мк“ во Струмица. Промоторка на книгата ќе биде Бисера Бендевска, уредничка во „Арс Ламина“, која придонесе за пловноста на приказната од „Рекичето што сакаше да порасне“ на македонски јазик.

Промоцијата во родниот град на Костуранов следува по претставувањето на делото на годинешниот Саем на книгата, што се одржа на почетокот на мај.

https://blog.literatura.mk/2022/05/07/promovirana-slikovnicata-rekiceto-sto-sakase-da-porasne/

Книгата е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, а ја уредуваше Оливера Ќорвезироска.

Сликовницата „Рекичето што сакаше да порасне“, како и другите книги од Ване Костуранов, се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14873

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 7.61 MB