Интервјуа

Јордан Николов: Книгата „ОбојОбојОбој“ е како музички албум, кој го „бои“ сивило што нè опкружува

19.08.2022.
Јордан Николов: Книгата „ОбојОбојОбој“ е како музички албум, кој го „бои“ сивило што нè опкружува
Јордан Николов: Книгата „ОбојОбојОбој“ е како музички албум, кој го „бои“ сивило што нè опкружува

Замислена како плоча, со раскази како музички секвенции, новата збирка „ОбојОбојОбој“ од авторот и диџеј Јордан Николов, наметнува нов ритам на книжевната сцена кај нас. Во оваа книга, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, по првпат се применува методот на Бјордан (Byordan) – техника за одредување на просечно времетраење на едно книжевно дело (вредност дефинирана откако бил тестиран примерок од 37 случајно одбрани читатели во различни временски услови, расположенија, периоди од денот, местоположба, замор и исцрпеност од работни обврски или наспани и одморени разгалени студенти, влијанија од кофеин, алкохол или слични стимуланси или отсуство од нив…). Накусо: тоа е времетраењето потребно за едно книжевно дело (во овој случај – расказите) да се прочита во вообичаени, секојдневни околности.

Книгата „ОбојОбојОбој“ ќе биде промовирана на 26 мај (четврток), со почеток во 19 часот, во КЦ „Магаза“, Битола. Промоторка ќе биде Бисера Бендевска, уредничка во „Арс Ламина“. По официјалното претставување на книгата, ќе следува диџејски настап на авторот Николов.

За инспирацијата за расказите, за насловот на книгата, за пишувањето, за литературата и музиката, за клупските настапи и за сите борби со ветерници во културната сфера, разговаравме со авторот пред промоцијата на неговата прва книга раскази, во неговата родна Битола.

* Покрај впечатливата корица (како грамофон со плоча), прво нешто што паѓа во очи (или уво) е насловот на книгата. Можете ли да ни објасните што означува називот „ОбојОбојОбој“ и како настана идејата за именувањето?

– Првичната намера (кога се думав како да ја насловам збирката раскази) ми беше да биде: „Обој!“ (глагол во императив) што го сметав како соодветен за конкретната друштвено-политичка состојба во која се наоѓавме во периодот кога требаше да се издава книгата – 2021 година (а во кој сè уште се наоѓаме): пандемија, светска економска криза и, генерално, – општо пукање по шевови на една општествена парадигма – а јас сакав да фрлам „боја“ врз целото сивило што нè опкружуваше – кога (изговарајќи го наглас, дома, пред компјутер) сфатив дека во него има простор за игра на зборови на три нивоа. Имено, да обоиш нешто на македонски јазик, кажано набрзина и трипати на англиски јазик, значи лелекање (Oh boy! Oh boy! Oh boy!) – што исто така одлично соодветствува со општото расположение во светот, и трето: со оглед на тоа дека уметничкото име како диџеј ми е B.Boy – и таму, по звучност, го имаме бој. Така се одлучив на „ОбојОбојОбој“ – што би требало, во исто време, да повикува на очаен повик „Дајте да си ги обоиме животите“, и ЛелеЛелеЛеле – лошо ни се пишува!

* Зад себе имате повеќе авторски обиди, а наградуван сте и за неколку ваши раскази. Рецензентот Илија Упалевски ќе рече дека „долго оформуван авторски светоглед и една трпеливо ткаена нарација конечно добиваат своја пишана премиера“. Зошто се чекаше толку долго на прва Ваша авторска книга и кои околности доведоа до објавувањето на книжевното првенче?

– Па, фактички, ова не е мое книжевно првенче… Во 2017 година, во рамките на фестивалот „Скопје Креатива“, беше издадена мојата збирка раскази „Играчките на д-р Бре“ – и тоа беше пишаната премиера. Во прилог на книгата беше поместено и цеде со скици од моја авторска музика, како и четири „ремикси“ на некои од моите раскази напишани од мои драги пријатели (меѓу кои и рецензентот Илија Упалевски)… Расказите беа намерно пишувани на битолски дијалект и книгата излезе во таа форма (и за тоа сум им многу благодарен на членовите од уметничкиот тим на фестивалот што го одобрија проектот). Сепак, така издадена книга има една тежина и стриктно ограничена платформа за дострел, а сосема друга приказна е кога една од најголемите и најплодни издавачки куќи во Македонија ќе оценат дека делото ти е вредно и одлучуваат да ти го издадат. Така: „ОбојОбојОбој“ може да се каже дека е прописната дебитантска збирка раскази (лекторирано, проширено и дополнето издание) преку „Арс Ламина“.

* Замислени како музички секвенции, Вашите раскази брзо прескокнуваат од една тема на друга, меѓутоа никогаш на начин на кој нешто ќе остане недокажано. Колку долго се создаваа расказите и од каде црпевте информации и инспирации?

– Книгата е замислена и е конципирана да потсетува на музички албум. Откако паметам за себе, сакам да бидам тапанар во некоја група (и бев – некое време – во една група додека бев средношколец). Животна цел ми е да издадам носач на звук (и тоа, ќе мора да биде – на плоча). Така, кога збирката раскази почнуваше да се крчка кај мене во главата и да ги здобива контурите – ми текна дека секој расказ би требало да измерам колку време ми е потребно за да го прочитам (исто како што покрај секоја музичка нумера на компакт-дискот, плочата или на „Јутјуб“ има назнака колку време трае тоа). Значи, ќе си вклучев стоперка и ќе почнев да си ги читам расказите со некое темпо што го сметав дека е со средна вредност. (Ни пребрзо – оти се мои твoрби и знам што следува во текстот, ниту пребавно, едноставно – некако на средина.) Интересно (а морам да признам и дека се гордеам) е дека ова техника за одредување на времетраење на еден текст ми светна пред 2017 година (доказ за тоа е „Играчките на д-р Бре“ и неговото датирање) е своевиден мој „трејдмарк“. По некое време (сосема случајно) налетав на еден новински напис дека во некој град во Белгија (или, Франција – не се сеќавам) на автобуските постојки поставиле некаков вид автомати што печателе кратки прозни дела (по формат и должина на поголема фискална сметка) во зависност од тоа колку време консументот имал на располагање или време за тепање додека го чека автобусот. На пример: гледаш дека до следниот автобус имаш седум минути и четириесет и седум секунди, па разгледуваш од „менито“ на автоматот кое дело е со приближно толкаво времетраење и кликнуваш да ти се испечати. Види, мајката – си реков и се озарив. И една многу добра пријателка (ако не и најдобрата) тој метод (тогаш, во 2017) го применила во описот на деловните мејлови кон потенцијалните клиенти – дека времето што ќе треба да го посветат на понудата им е назначено во subject-от на мејлот. Ми рече дека резултирало со многу успешни зделки. Сега, гледам, како коментар за многу содржини на интернет во заграда стои и „reading time“. Пионер бев и во Титово време.  Расказите се пишувани во распон од 2002 година (кога по првпат добив награда во „Студентски збор“ на конкурсот за краток расказ), па сè до неделите непосредно пред книгата да излезе од печат. А инспирација и информации црпев (исто како и секој еден од нас) од: Акаша.

* Која е заедничката нишка на расказите? Можат ли да се поврзат како песни во еден албум или поголема приказна? Како би ги дефинирал со книжевен јазик, жанровски?

– Заедничката нишка (конципираноста како да се музички секвенции во функција на албум – затоа има и интро и аутро дел во збирката) и нивната поврзаност и потенцијал да можат да творат поголемо дело/приказна – верувам дека ја образложив во претходниот одговор – но исто така – пристапот го проширувам и продлабочувам, а за кој, се надевам, ќе имаме можност да разговараме во иднина… Жанровски, и со книжевен јазик (искрено) никогаш не сум се помислил како би ги дефинирал. Сметам дека се од широк дијапазон (од сатирични, романтични, комични, дневнички… Оставам на книжевните критичари да ги стават „во фиоки“ доколку сакаат…). Веќе претходно (неслучајно) го нафрлив пристапот ремикс на литературно дело – по тоа би сакал читателите да ме одделуваат од другите автори.

* За што најчесто пишувате? Кои теми, епохи, географски одредници и личности се опфатени во книгата?

– Мислам дека сите автори, врти-сучи, всушност, цело време пишуваат за себе (односно, за слоевитоста и комплексноста на нашето битие и како тоа е во корелација со другите души – без разлика дали се проектираме во машки или во женски лик, во оваа или во онаа епоха или на оваа географска одредница или во онаа далечна галаксија). Јас не сум исклучок. Сè уште не сум начисто дали способноста сè да се забележува во секојдневието е дар или проклетство. Некако, како што одминува времето и како повеќе се култивираш – сè полесно ги „скенираш“ ликовите кои продефилираат низ твојот живот: мили луѓе, фејкери, љубови, фејк-љубови, енергетски вампири, манипуланти, психопати… Со што доаѓам до одговорот за тоа кои личности се опфатени во книгата.

* Во најавата за книгата се вели дека сте битолчанец, книжевник (компаратист) и диск-џокеј. Дали ова е редоследот по кој се дефинирате како личност? Која пасија се роди прва?

– Хмммм… Има една нејасност во прашањето, а тоа е констатацијата дека сум битолчанец. Како што велеше Борхес (да го парафразирам): „…го среќавам името Борхес на писмата што ги добивам, на поканите за предавања, на сметките. Така и ми се обраќаат луѓето на улица, соседите… ама, кој е тој Борхес? Дали сум јас тој истиот?“ Се осмелувам за ваква паралела со генијалецот од Аргентина од проста причина што – да, навистина – јас сум битолчанец, ама Битола никогаш не ја доживеав како мој дом. (Жалам ако сограѓаните ќе ме мразат поради ова.) Го обожавам градот – ама со претежниот (мало)граѓански менталитет сме како масло и оцет. Не се мешаме. (Еве, јас нека бидам оцетот.) Значи: редоследот по кој се дефинирам би била: диск-џокеј (сепак ми е прва и најстара пасија – годинава славам и 30-годишен јубилеј), па писател (немам дипломирано општа и компаративна книжевност), а потоа, ахм – битолчанец.

* Како се разви желбата за пишување, кој Ви ја поттикна љубовта кон литературата и кон пишувањето, како тоа растеше низ годините? Кои се најзначајните моменти од вашата биографија како пишувач/раскажувач?

– Желбата за пишување се појави како последица на случајно забележан конкурс за краток расказ. Сериозно. Никогаш во животот немав никакви литерарни обиди (ако не се сметаат дневничките записи што ги водев во средношколските денови – само од прагматична, и себична, природа: веќе еднаш, да увидам, по ѓаволите! кој сум и што сакам). Да, студирав компаративна книжевност, и да – читав туѓи дела што ме фасцинираа и ме фрустрираа во исто време. Никогаш нема да бидеш толку добар – запаѓав во патетично самосожалување типично за секој што се соочува со резултат на пресувано книжевно уметничко дело во форма на скапоцен камен. Пресувано од истите фактори што се потребни и за дијамант: притисок и време. Тогаш, ниту сметав дека сум под соодветен притисок ниту, пак, дека имам доволно време нешто (вредно или невредно) да излезе од мене. Значи: само читав и ништо не пишував. Ни поезија, ни расказ, ни книжевна цртичка ни бутур. Ништо! (А читав од не толку богатата, ама одбрана библиотека на мајка ми – од неа доаѓа инфицираноста.) И тогаш (во 2002) го видов конкурсот за краток расказ во студентското гласило и си реков „Ајде да пробам…“ Кога ми се јавија (на фиксен телефон) дека сум добитник на откупна награда скокав од радост. Следната година пак освоив откупна награда во истиот весник, а потоа шест-седум години објавував колумни и кратки раскази во еден локален, битолски неделник – „ЕГО“.

За најзначаен момент (од мојата досегашна писателска кариера) би бил мигот кога на „Фејсбук“ видов објава од внука ми (Екатерина), каде што вели дека омилени писатели ѝ се: „Џ. К. Роулинг и Јордан Николов!“

* Дали најчесто пишувате раскази или можеби во вашата фиока (или компјутер) има папка со песни или необјавен роман?… Колку самиот читате раскази и дали го следите современиот македонски расказ? Какво е Вашето мислење?

– Да, најчесто пишувам раскази, но и афектни статуси на социјалните мрежи (од кои потоа го црпам битниот момент и ги претопувам во нешто поголемо – доколку, се разбира – има материјал). Поезија пишувам чисто од зезање. Сериозно. Се обидувам да пишувам најлоша поезија што можам да ја смислам колку да се расположам, бидејќи имам впечаток дека секој втор денес се дрзнува да пишува (и објавува) поезија, мислејќи, притоа, дека тоа е најлесниот книжевен вид каде што можеш да блефираш дека „не си сфатен“ и затоа не ти го ценат делото. Проклето тешко е да се пише добра поезија! Ама, затоа е и проклето забавно да пишуваш лоша поезија (еден од животните предизвици ми е и да уредувам едиција Најлошите песници – денес!). Роман имам еден, необјавен и – да, е в компјутер. Влезе во потесен избор (од пет ракописи) на ланскиот конкурс на „Темплум“ за Новите! 2021 – ама не победи… Се разбира дека читам и раскази и романи од македонски автори (воопшто не заостануваме квалитативно зад актуелните раскажувачки трендови) и тука би сакал да оддадам особена почит на македонските издавачи кои им даваат шанса и ги афирмираат домашните автори (си знаат кои се)… 

* Каква е врската на книгата со музиката? Дали препорачувате да се слуша одреден изведувач или стил на музика при читање на расказите?

– Мислам дека врската на книгата со музиката е исто онаква каква што е врската на книгата со виното, сирењето и пршутата. Иста каква што е врската на книгата со планината или со Преспанското Езеро. Книгата има врска и со поранешните. И со велосипедот. Врската на книгата со музиката е исто онаква каква што е врската на музиката со книгата. Сакам да кажам: сè е поврзано. Писателите не живеат во лабораториски изолирани и стерилни околини каде што се во допир само со книжевни дела и комуницираат само со нив. Сè е испреплетено и се стреми да постигне (посакувана) хармонија оформено во уметничко дело. Така и ова мое дело. Би можел да предложам еден куп артисти и музички правци што по атмосфера би се сакале со тоновите во книгата – но, интервјуто тогаш би здобило форма на еп. Еве (ќе си земам слобода и ќе ја искористам можноста), па ќе им предложам на потенцијалните читатели да им дадат шанса на моите авторски музички скици што можат да се слушнат овде: https://soundcloud.com/byordan.

* Колку години сте дел од клупската сцена како диџеј? Кои изведувачи или музички бранови најмногу можат да се слушнат на вашите сетови? Што ќе пуштате на промоцијата?

– Пресметувам дека од 1992 година досега се сториле 30 години како сум активен на клупската сцена како диџеј. Никогаш жанровски не сум сакал да се ограничувам и да се профилирам – од причина што музиката ја делам на добра и лоша и затоа што сметам дека е исклучително еднолично, мрзливо и неинвентивно некој диџеј да се „запне“ во само еден музички стил (па, кога одите на негов настап доживувањето ви е како да сте во предобар и преснабден бар, а шанкерот да ви дава да пиете само џус – оти само тоа знае да ви го послужи, а вие сакате да пробате од целата понуда) – па затоа на моите настапи можат да се слушнат хаус, електро-поп, електро, спејс-диско, техно (но вистинско, а не она што луѓето кои сакаат да оцрнат лоша електронска музика го нарекуваат како техно), преку хип-хоп (неколку години работев и како радиоводител, уредник и диџеј во една локална радиостаница), па до гараж, драменбејс и инди-рок нумери… Затоа секогаш на диџеј-настапите одам вооружен со неколку тера-бајти музика, бидејќи исто колку што сакам да ја изненадувам публиката со мојот музички избор (и правецот во кој ќе се движи приказната) исто толку сакам да се изненадувам и себеси. Затоа, на присутните ќе им биде „сервирано“ по нешто од погореспоменатите жанрови.

* Активен протагонист (и консумент) сте на културната сцена во Битола. Дали сте задоволен од случувањата, содржините, квантитетот и квалитетот, од сите културни сфери што се пласираат… Доколку не, како може да се подобри тоа? Колку оваа книга ќе придонесе во подигнување на културните и книжевните вредности кај новите генерации?

– Да, факт е дека во моето досегашно живеење во градот може да се каже дека сум активен протагонист во културната сфера. Активен диџеј, колумнист и писател во локален неделник, радиоводител и уредник на сопствена емисија, соработник како грамофонџијаво првата постава на „Фолтин“ и „Љубојна“, (кратко) сопственик на книготека на Широк сокак. Би сакал да можам да кажам дека сум задоволен од случувањата, квантитетот и квалитетот на културните содржини што ни се нудат – но тоа, едноставно, за жал, би била лага. Општеството е систем на врзани садови и во клима каде што буквално во сите аспекти нашето живеење во Македонија е гребење по дното (попрецизно би требало да се нарекува „преживување“ и при таква олимписка дисциплина постојано – како нација – би освојувале злато), изолирање и величање на прашањето околу културниот живот би било, во најмала рака, дегутантно. Луѓето се борат за гола егзистенција. Сведочиме на комплетна девалвација на сите морални норми, искривоколчување и демонизација на традиционалните вредности, анулирање на секакви квалитети и авторитети што го имаме како население. Отапеност, летаргија, безнадежност и бесперспективност се состојките што граѓаните ги мешаат со лажица заедно со нивните утрински кафиња. Не сум дефетист. Само сум реалист. Мојот придонес со книжарницата (во која прво работев, па ја презедов) и мојот литерарен труд – преку оваа книга – не мислам дека не резонира на позитивен начин во заедницата (инаку не би го правел). Секојдневно добивам добар фидбек. Колкав и да е бројот на корисниците. Нема предавање.Книгата „ОбојОбојОбој“ е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14762

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

14.
Feb.
Интервјуа
„Девојката што ја наслика смртта“ е дебитантска книга на Андреа Мирческа. Станува збор за психолошки трилер со примеси на мистерија и драма што п...
13.
Feb.
Интервјуа
Дејан Василевски - добитник е на повеќе награди за неговата кратка проза и неговите песни и е објавен во повеќе литературни списанија и една антологија....
15.
Sep.
Интервјуа
Зошто сјајот и бедата на славата ѝ се толку инспиративни и како ги прикажува во романите ни открива авторката на бестселерите: „Дејзи Џонс енд Д с...
06.
Jul.
Интервјуа
Со моите сликовници сакам да им помогнам на децата да го прифатат светот околу нив
array(0) {
}
Memory Consumption is: 8.17 MB