Настани

Сликовницата „Шарени ириси“ отвора нови видици за оптимизмот и емпатијата

21.05.2024.
Сликовницата „Шарени ириси“ отвора нови видици за оптимизмот и емпатијата
Сликовницата „Шарени ириси“ отвора нови видици за оптимизмот и емпатијата

Во рамките на првото издание на новиот фестивал за литература и општа култура, „Видик“, вчеравечер (20 мај), во „Литература.мк“, „Дајмонд мол“, беше промовирана новата хибридна инклузивна сликовница на кирилско писмо и на Брајова азбука во издание на „Арс Ламина“, „Шарени ириси“.

Книгата, која е во издание на „Арс Ламина“, е со текст на Јована Матевска Атанасова и акварелните илустрации на Симонида Филипова Китановска, кои длабоко и лирски продираат во една деликатна семејна состојба во која таткото е слеп и метафорично кажано: живее во очите на својата ќерка. Промоцијата е проследена со изложба на акварели од уметницата Симонида Филипова Китановска. Во улога на промотори беа уредничката Оливера Ќорвезироска и ликовниот критичар Љупчо Маленко.

Ова издание, кое вклучува страници со Брајова азбука, е наменето за слепите лица и за лицата со оштетен вид, на кои им е достапно преку Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“, Скопје, и преку ресурсните центри за лицата со оштетен вид во нашата земја.

Авторката Јована Матевска Атанасова откри дека текстот за „Шарени ириси“ го испратила на конкурс за необјавени дела во „Арс Ламина“. Благодарение на уредничката Оливера Ќорвезироска настанала и соработката со илустраторката Симонида Филипова Китановска, со кои сфатиле дека имаат иста визија за тоа како треба да изгледа оваа книга.

– Текстот го пишував слика по слика, фрагментирано, со уметничка градација што би сакала да ја постигнам. Кога ги видов акварелите на Симонида Филипова Китановска сѐ што можев да направам, по првпат, во отсуство на зборови, беше да заплачам... Текстот е составен од слики, од бои и мириси, од допири и вкусови, ги спојува сензациите, но и една комплексна психолошка состојба, во која ќерката го води својот слеп татко низ животот. На крајот од сликовницата останува прашањето: чија инспирација е секој, што настанало прво – храброста да се остане или желбата за промена? Оваа сликовницата се раслојува на повеќе теми и егзистенцијални загатки: видливото наспроти невидливото, животните стадиуми, сивилото и шаренилото, меѓусебната зависност, кои сме и кои би сакале да бидеме, дали емпатијата преовладува над сѐ што постои и има моќ да го измени постојното. Главно тоа што и во сликовницата има само два лика е скицата на ирисите: дуализмот и изборите што секојдневно ги правиме, стегањето и опуштањето. Дури и во медицината ирисот и зеницата сe синхронизираат, што донекаде ја оцртува и целокупната приказна во сликовницата: колку светлина е потребна за да го видоизмениме нашиот хоризонт – рече Матевска Атанасова.

Познатата сликарка Симонида Филипова Китановска, која зад себе има богато и раскошно уметничко портфолио, вели дека создавањето илустрации за книги е дел од нејзиното фамилијарно наследство.

– Татко ми цел живот илустрираше книги... Поканата за соработка од издавачката куќа „Арс Ламина“ е само резултат на мојот минат труд како сликарка. Но, првпат илустрирам книга за деца и возрасни. Јована, авторката на книгата, сакаше да знае дали ми се допаѓаат текстовите. Одговорив ДА, а на крајот јас ја прашав како ѝ се допаѓаат илустрациите и тоа беше сѐ... Многу е важен спојот помеѓу двата автора, што секогаш треба да биде со уникатен и инспиративен набој, да ја поттикнува имагинацијата на читателот. Тоа е единствено важно во вакви потфати – да им се помогне на младите читатели нивната креативност да добие крилја и да се почувствуваат помалку осамени на овој свет... Но, креативноста не постои без емпатија, без човечната варијанта. Доволно е едно дете, кое можеби никогаш не видело и не знаело дека постојат луѓе со оштетен вид, да почне да размислува... Главната порака на книгата е преку поетски обликувани сказни да се поттикне креативноста и чувството за другите околу себе. Додадена вредност е инклузивноста од аспект на тоа што текстот е релевантен за сите возрасти – истакнува Филипова Китановска.

Промоторката Ќорвезироска рече дека „Шарени ириси“ е многу повеќе од илустрирана книга за деца, тоа е хибриден инклузивен проект, наменет и за лица со оштетен вид и за нивните семејства.

– Со многу чувства и со специфичен ликовен сензибилитет, во „Шарени ириси“ истовремено се испишува и се исцртува љубовта помеѓу таткото и ќерката, при што темнината и светлината се во цврста прегратка. Иако сликовницата е за возрасни, со неа „владее“ едно дете, па оттаму можат да ја читаат или да им се чита и на деца. Станува збор за книжевно-ликовна приказна, за она што се гледа и за она што не може да се види. Метафорични очи во кои живеат светлината, темнината и љубовта. Можен свет (пре)создаден низ своите или низ очите на блискиот. „Шарени ириси“ е сликовница за големи и мали, што треба да се чита, да се гледа, да се допира со... ширум отворено срце – рече таа.

Издавачката куќа „Арс Ламина“ е партнер за книжевната програма на првото издание на фестивалот „Видик“. Вечерва (21 мај, вторник) во 19 часот, во „Литература.мк“, на улица „Македонија“, е закажана промоцијата на збирката раскази „Атакама“ од црногорскиот автор Никола Николиќ. Промоторка на книгата ќе биде писателката Румена Бужаровска, а ќе модерира Оливера Ќорвезироска. На програмата со литературни проекти се мултимедијална презентација на најновата поетска книга на Никола Маџиров – „Шестарот на времето“, промоција на наградуваното дело „Коњски житија“ на Зоран Анчевски, која се одржа на отворањето (16 мај), промоција на серијалот сликовници од младата авторка Маја Мишевска, тематскиот интерактивен настан за фанови, „Враќањето на Шерлок Холмс“, како и театарски изведби на книгите „Железно небо“ на Марјан Георгиевски и „Торонто експрес (Тибам штркот)“ на авторот Зоран Спасов-Ѕоф.

Фестивалот во организација на „Литература.мк“, што трае од 16 мај до 16 јуни 2024 година, ги обединува литературата, музиката, театарот, сликарството, филмот и дизајнот, давајќи значајна поддршка на авторите од сите области на културата. Со дваесетина настани, кои ќе се одржуваат во книжарниците на „Литература.мк“ на улица „Македонија“, во „Дајмонд“, „Ист гејт“ и „Скопје сити мол“, на публиката ќе ѝ се понуди квалитетна содржина и непосреден контакт со најактуелните домашни и регионални автори и проекти од областа на културата.

За пошироката читателска публика, сликовницата „Шарени ириси“, која е објавена под импринтот за детска литература „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е достапна во сите поголеми книжарници, во „Литература.мк“ и онлајн, преку www.literatura.mk.
 

Поврзани производи

Sačuvano u omiljne
Motivišuće
Kreativno
Prilagođeno uzrastu
220 МКД
3,56 EUR

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

09.
Oct.
Настани
Роман-ламја со 100 глави и недобројни опашки (односно значења). Ракопис филмичен како сценарио на Кшиштоф Кишловски. Книга – искривено огледало во кое ...
07.
Sep.
Настани
Првата авторизирана биографија на легендарниот фудбалер Дарко Панчев ќе биде промовирана на 25 септември (среда), во 19 часот,  во „Литература.мк&...
07.
Jun.
Настани
Поминаа вкупно 15 настани, а нѐ очекуваат уште 5 да го заокружиме првото издание на фестивалот.
31.
May.
Настани
Со завршна изложба со симболичен наслов „Поглед кон Порта Европа“, во рамките на програмата на фестивалот за литература и општа култура „Ви...
29.
May.
Настани
Во првите две фестивалски недели на „Видик“ се одржаа промоции на книги за возрасни и за деца, музички настапи, театарска изведба, изложба н...
24.
May.
Настани
Популарниот битолски стендап-комичар Марјан Георгиевски, вчеравечер, во „Литература.мк“, „Дајмонд мол“, во рамките на новиот фес...
23.
May.
Настани
Во рамките на новиот фестивал за литература и општа култура – „Видик“, вчеравечер (22 мај), во „Литература.мк“ во „Скопје...
22.
May.
Настани
Во рамките на новиот фестивал за литература и општа култура – „Видик“, вчеравечер (21 мај), во „Литература.мк“, на улица &bdquo...
20.
May.
Настани
Промоцијата ќе се одржи во рамките на првото издание на „Видик“ – новиот фестивал за литература и општа култура. Ова издание на „Арс ...
17.
May.
Настани
Скопје доби нова културна инфузија – новиот фестивал за литература и општа култура „Видик“!
array(0) {
}
Memory Consumption is: 10.38 MB