Првата книга на новинарот Александар Видиновски, „На местото на настанот“, ќе биде промовирана на 5 ноември (четврток), со почеток во 19 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“.
За книгата, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе зборува промоторот Борислав Тноковски. Специјални гости на настанот ќе бидат музичарите Дуке Бојаџиев и Зарина.
Што значи да се биде новинар кога историјата се случува пред твоите очи?
Во „На местото на настанот“ Александар Видиновски ги носи читателите зад телевизиските прилози и зад директните вклучувања, таму каде што камерата бележи само дел од приказната, а новинарот се соочува со вистинските размери на настаните. Од престрелките во Диво Насеље и драматичната ноќ на воениот удар во Турција до воени зони, несреќи, кризи и предизвици од македонското секојдневие, авторот раскажува за настаните што ги следел од непосредна близина и за луѓето што ги сретнал на терен.
Ова не е само книга за големите вести и за драматичните моменти што ја исполнуваат новинарската хроника. Таа е и лична приказна за адреналинот, ризикот, стравот и професионалната одговорност, но и за созревањето на еден репортер, кој со години се обидувал да стигне што поблиску до вистината. Преку искуствата од теренот, Видиновски открива што се случува зад објективот, во миговите кога новинарот мора брзо да реагира, да донесува одлуки и да ѝ остане доследен на својата професија.
„На местото на настанот“ е сведоштво од прва рака за времиња и ситуации во кои новинарот не ја следи историјата од дистанца, туку се наоѓа среде неа.
Александар Видиновски (1981) е новинар, уредник, телевизиски водител и општествен активист со речиси две децении искуство на македонската медиумска сцена. Во текот на професионалната кариера ги поминал сите новинарски скалила – од работа на деск и теренско известување, преку ангажман како дописник на Македонската информативна агенција (МИА) од Словенија, до уредничка позиција и водител на политички дебати, меѓу кои и емисијата „Само вистина“. Моментално работи како уредник и водител во телевизијата Канал 5. Паралелно со телевизиската работа, Видиновски ја развива и својата независна дигитална новинарска платформа на YouTube (@a_vidinovski), придонесувајќи кон развојот на новите форми на медиумско изразување. За својата долгогодишна работа има добиено повеќе признанија, а во јавниот ангажман им останува посветен на професионалните новинарски стандарди, на вистината и на општествената одговорност. Неодамна го доби признанието „Македонствуваме“ на „ЕХО – Фестивалот на планински филм“, за придонесот во подигнувањето на јавната свест за значењето на грижата за природата и нејзините богатства.
Книгата „На местото на настанот“ наскоро ќе биде достапна во книжарниците „Литература.мк и онлајн преку www.literatura.mk.