Авторизираната биографија на Славе Димитров – „Чија си“ од Максим Ристески ќе биде промовирана на 12 ноември (четврток), во 19 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“. За книгата, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе зборуваат промоторите Сашо Гигов-Гиш и Александар Трајковски.
Биографијата на еден од најзначајните македонски композитори, пејачи, аранжери и музички продуценти, Славе Димитров, е хроника на една тивка, постојана потрага по вистинскиот тон – често неразбрана, понекогаш попречувана од светот што претпочита бучава. Но, ова е и запис за духот на едно време, раскажан низ приказната за човекот чија музика не престанува да одѕвонува. Секојпат кога некоја нова генерација ќе ја пушти „Чија си“, песната добива нов живот и нови спомени, дури и кај оние што не биле родени кога настанала.
Структурирана хронолошки, книгата ги следи животниот и творечки пат на Димитров – од Битолско Генимале до еден од клучните творци на златната ера на македонската забавна музика. Преку личните искуства, творечките предизвици и песните што го обележале неговиот опус, Максим Ристески го открива човекот зад мелодиите што со децении живеат во колективната меморија.
Насловот на книгата е преземен од антологиската песна „Чија си“, еден од најголемите хитови на Димитров. Музиката за песната ја компонирал во 1969 година во Битола, а таа првпат била јавно изведена на Фестивалот на забавни мелодии „Скопје 71“, во две верзии – во интерпретација на Славе Димитров и на Крунослав Киќо Слабинац. Освоила втора награда од публиката, а со текот на годините прераснала во безвременска музичка класика.
Книгата излегува во годината кога се одбележуваат 80 години од раѓањето на Славе Димитров (1 јуни 1946, Битола) и шест децении од почетокот на неговото творештво. Воедно, годинава се навршуваат 55 години од првото јавно изведување на „Чија си“, песна што беше прогласена за песна на минатиот милениум.
Во чест на 80-годишнината од раѓањето на Димитров, исто така, на 28 ноември во Македонската филхармонија ќе се одржи концерт на Националниот џез оркестар, насловен „Од Евридика до Чија си“, со кој ќе диригира Џијан Емин. На концертот ќе бидат изведени некои од најпознатите композиции на Димитров во нови оркестарски аранжмани, со учество на истакнати македонски музички имиња.
Авторот Максим Ристески (1973) повеќе од 30 години се занимава со пишување како новинар, копирајтер, текстописец и сценарист. Бил музичар, а се занимава и со ликовна уметност. Автор е на книгите: „Пештера“ (роман, „Или-или“, 2022), „Нешто трето“ (раскази, „Или-или“, 2025) и „Ништо“ (роман, Biblos Books, Белград, 2025).
Книгата „Чија си“ е достапна во книжарниците на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.