Третиот конкурс за наградата „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади за 2027 година е во тек и ќе трае заклучно со 31 декември 2026 година. Конкурсот, кој е во организација на издавачката куќа „Арс Ламина“, беше отворен на 11 март, веднаш по соопштувањето на вториот добитник на признанието – „Чудна случка во гратчето Капи и Штици“ на Ванчо Полазаревски. Победникот на третиот конкурс ќе биде прогласен на 11 март 2027 година, на денот на раѓањето на големата македонска писателка.
Право на учество на конкурсот имаат сите полнолетни лица што ќе пратат необјавен ракопис – роман за деца и за млади, напишан на македонски јазик и со кирилско писмо. За наградата можат да конкурираат необјавени романи (ракописи) за деца и за млади, во должина од 2 до 5 авторски табаци (од 32 до 80 страници), што ќе ги достават самите автори (со полно име и презиме), по електронска пошта на е-адресата konkurs@arslamina.com, како ворд- или како пдф-документ, со назнака: „За конкурсот ‘Оливера Николова’“. Еден автор не може да учествува со повеќе од еден ракопис.
Наградата е откупна и се состои од паричен износ од 60 000 денари, од статуетка и од објавување на романот во посебна едиција на издавачката куќа „Арс Ламина“.
Наградата „Оливера Николова“ е востановена на 11 март 2025 година, на првиот роденден без физичко присуство на Оливера Николова, која почина на 3 ноември 2024 година.
На првото издание на конкурсот, во 2025 година, победи ракописот „Џинџуџе“ на Ермис Лафазановски, избран во конкуренција од 38 пристигнати ракописи, а на второто издание, одржано оваа година, лауреат беше „Чудна случка во гратчето Капи и Штици“ на Ванчо Полазаревски. Тој беше избран во конкуренција од 46 ракописи.
Наградата е востановена од издавачката куќа „Арс Ламина“, со поддршка од семејството на Николова, со што се продолжува мисијата на Оливера Николова – да се поттикнува и да се негува романот за деца и за млади како дефицитарен жанр во современата македонска книжевност.