На 26 јули во 1963 година, во 5:17 часот, Скопје беше погодено од најголемата природна катастрофа - земјотрес со јачина од 6,1 степени според Рихтеровата скала. За само дваесет секунди остави зад себе разурнувања, повеќе од илјада загинати, илјадници повредени и десетици илјади луѓе без дом. Но, од пепелта на трагедијата се роди и една друга приказна – приказната за солидарноста. Од 87 земји пристигна помош, а Скопје стана симбол на човечката поврзаност, на меѓународната соработка и на надежта. Новиот град што израсна по земјотресот не е само архитектонско наследство туку и дел од колективната меморија на неговите жители.
Скопје живее и преку книжевноста – преку романите, есеите, фотографиите, биографиите и преку приказните што ги чуваат неговите улици, луѓе, маала и спомени. Во чест на 63-годишнината од земјотресот, ви претставуваме избор на книги во издание на „Арс Ламина“, кои го документираат, го толкуваат и го оживуваат Скопје низ различни времиња и перспективи.
Станува збор за книгите „The Skopje Project“ – проф. д-р Огнен Марина, „Скопје – Архитектурата како фотографска скулптура (1963–1990)“ – Ерина Богоева, „Три Марии“ – Оливера Ќорвезироска, „Зелениот дворец“ – Сибо, „Џабе живиш у Скопје“ – Зоран Спасов Ѕоф, „Скопски есеи“ – Јелена Лужина, „Дарко Панчев: Авторизирана биографија“ и „Спортски стории“ – Зоран Михајлов, „Вистинита, но не многу веројатна историја…“ и „Вкусот на праските“ – Влада Урошевиќ, „Скопјани“ – Гане Тодоровски, „Зора зад аголот“ – Димитар Солев, „Боксерот од Ново Маало“ и „Динга стоп: скопски приказни од Ново Маало“ – Владимир Плавевски, „Деса“ – Ивана Трајаноска и „Мистериозниот град под Калето“ – Александра Тодоровиќ.
Книги што го чуваат сеќавањето за Скопје
„The Skopje Project“ – проф. д-р Огнен Марина
„The Skopje Project“ ја истражува обновата на Скопје по земјотресот од 1963 година како уникатен светски урбанистички и архитектонски експеримент. Книгата открива како, со помош од речиси деведесет земји и под покровителство на Обединетите нации, градот станал симбол на меѓународната солидарност и соработка. Преку архивски материјали и преку оригинални истражувања, авторот ја раскажува приказната за визиите, за предизвиците и за трајното наследство на една од најзначајните урбани обнови во 20 век.
„Скопје – Архитектурата како фотографска скулптура (1963–1990)“ – Ерина Богоева
Монографијата на Ерина Богоева претставува визуелна приказна за модерната архитектура на Скопје по земјотресот. Преку осумдесетина фотографии, авторката ги документира значајните објекти создадени во периодот на постземјотресната обнова, меѓу кои се и: Градскиот ѕид, Телекомуникацискиот центар, Домот на Армијата и други архитектонски обележја. Книгата е добитник на престижната награда „13 Ноември“ што ја доделува Град Скопје, признание за нејзиниот придонес во зачувувањето на архитектонското наследство на градот.
„Три Марии“ – Оливера Ќорвезироска
Романот „Три Марии“ ги доби трите најзначајни награди за проза за 2025 година: „Роман на годината“, наградата „Стале Попов“ на ДПМ за најдобро прозно дело и „Рациновото признание“. Романотбасма е внимателно осмислен омаж на Славко Јаневски, којшто не е класична посвета, ниту римејк на конкретно дело. Романот-басма носи три приказни за три жени со исто име – Марија, испреплетени со љубовта, со судбината, со народните верувања и со скопскиот микропростор.
„Зелениот дворец“ – Сибо
„Зелениот дворец“ е роман-временска машина низ историјата на Скопје, кој ги поврзува дваесеттите и шеесеттите години на минатиот век со современоста. Главниот лик Петар, научник од денешницата, преку мистериозната куќа-дворец во Црниче започнува патување низ времето и низ сопствените размислувања за паралелните светови. Ова е приказна за градот што се менува, но и што ги чува своите тајни, легенди и спомени.
„Џабе живиш у Скопје“ – Зоран Спасов Ѕоф
„Џабе живиш у Скопје: водич до сигурна смрт од смеење“ е духовита книга за скопскиот јазик, менталитет, навики и апсурди. Авторот преку хумор и иронија создава своевидна енциклопедија на изрази, на фрази и на појави што го прават препознатлив духот на градот. Книгата е забавна, но и искрена посвета на Скопје и на неговите жители.
„Скопски есеи“ – Јелена Лужина
Во „Скопски есеи“, Јелена Лужина создава книжевен портрет на градот преку приказните за луѓето што оставиле трага во македонската култура. Авторката ги оживува имињата на уметници, на писатели, на актери и на интелектуалци што го обликувале културниот идентитет на Скопје. Ова е книга за сеќавањето, за припадноста и за невидливите врски што ги создава еден град со своите жители.
„Дарко Панчев: Авторизирана биографија“ – Зоран Михајлов
Авторизираната биографија на Дарко Панчев го следи животниот и спортски пат на еден од најголемите македонски и југословенски фудбалери. Книгата открива детали од неговото детство, кариерата, успесите и моментите што го обележаа како легенда на фудбалот. За ова дело Зоран Михајлов лани ја доби наградата „13 Ноември“ што ја доделува Град Скопје.
„Спортски стории“ – Зоран Михајлов
„Спортски стории“ е збирка текстови во која Зоран Михајлов ги оживува најзначајните моменти и личности од македонскиот спорт. Со новинарска прецизност и личен раскажувачки стил, авторот ги претставува приказните зад успесите, зад победите и зад предизвиците на спортските легенди. Книга за сите што ги сакаат спортот и неговата историја.
„Вистинита, но не многу веројатна историја…“ – Влада Урошевиќ
Романот на Влада Урошевиќ, кој беше прогласен за „Роман на годината“ во 2023 година нè носи во Скопје од крајот на 19 век, во приказна за семејството Пустополски и нивните скриени тајни. Преку фантастични елементи, мистерија и историски детали, авторот создава необичен свет во кој минатото и имагинацијата се преплетуваат. Ова е дело за градот, за неговите легенди и за невидливите приказни што ги чуваат старите улици.
„Вкусот на праските“ – Влада Урошевиќ
„Вкусот на праските“ е роман во кој Влада Урошевиќ создава атмосфера исполнета со сеќавања, необични настани и суптилна магија во старо Скопје. Книгата го истражува односот меѓу реалноста и фантазијата, меѓу минливото и трајното. Преку својот препознатлив стил, авторот создава книжевен свет што останува долго по последната страница.
„Скопјани“ – Гане Тодоровски
„Скопјани“ е поетска посвета на градот и на неговите жители. Во оваа книга Гане Тодоровски ги собира песните, сеќавањата и малите градски приказни што го сочинуваат духот на Скопје. Ова е дело за улиците, за луѓето и за времето што остава траги во колективната меморија.
„Зора зад аголот“ – Димитар Солев
„Зора зад аголот“ е роман што ја оживува атмосферата на старо Скопје и на животот во Дебар Маало пред земјотресот. Преку приказната на младиот писател што ги набљудува луѓето околу себе, Димитар Солев создава хроника за градот и за неговите жители. Делото е реиздадено во рамките на едицијата „Македонски книжевни класици“ на „Арс Ламина“.
„Боксерот од Ново Маало“ – Владимир Плавевски
Романот на Владимир Плавевски ја раскажува приказната за Ангел Тотевски – Шуре Катиљ, легенда од скопското Ново Маало и од боксерскиот клуб „Вардар“. Преку неговиот живот авторот ги прикажува духот на старите скопски маала и времето пред земјотресот. Книгата ја доби наградата „Стале Попов“ за најдобра прозна книга во 2020 година.
„Динга стоп: скопски приказни од Ново Маало“ – Владимир Плавевски
Оваа книга носи низа носталгични приказни за животот во Ново Маало и за едно одамна минато Скопје. Преку маалскиот јазик, преку детските игри и преку секојдневните случки, авторот го враќа духот на градот пред земјотресот. „Динга стоп“ е топла приказна за луѓето, за пријателството и за изгубеното детство.
„Деса“ – Ивана Трајаноска
„Деса“ е роман што отвора интимна приказна за човековите односи, избори и последиците од животните одлуки. Преку силни ликови и емотивна нарација, авторката создава приказна блиска до современиот читател. Романот содржи длабока приказна врзана за кобното утро на 26 јули во 1963 година, денот на катастрофалниот земјотрес во Скопје.
„Мистериозниот град под Калето“ – Александра Тодоровиќ
„Мистериозниот град под Калето“ е интерактивна авантура за деца што ги води читателите низ историјата на Скопје. Преку избори и предизвици, децата стануваат дел од приказната и откриваат интересни факти за градот под османлиска власт. Книгата е спој на игра, на историја и на читање што ја буди љубопитноста кај најмладите.
Скопје не е само град – тоа е приказна што продолжува да се раскажува. Низ книгите, неговите улици, луѓе и спомени остануваат живи за идните генерации.
Книгите се достапни во книжарниците Литература.мк и онлајн преку www.literatura.mk.