Хрватската писателка и колумнистка Ведрана Рудан почина на 76-годишна возраст. Родена е во Опатија на 29 октомври 1949 година. Позната е по својот остар, провокативен и често контроверзен стил. Во своите текстови и јавни настапи, со години безрезервно коментираше за политиката, за општеството, за медиумите, за бракот, за семејството и за положбата на жените, поради што редовно предизвикуваше силни јавни реакции.
Во текот на своето литературно творештво Ведрана Рудан објави 17 книги, романи и збирки, а нејзините дела се преведени на повеќе светски јазици, меѓу кои: англиски, руски, француски, италијански и полски. Со своето пишување често предизвикуваше силни реакции, но токму бескомпромисната искреност, иронијата и препознатливиот хумор ја направија една од најчитаните авторки во регионот.
Веста за нејзината смрт беше објавена на нејзината официјална веб-страница со едноставната, но симболична порака: „Ведрана замина во подрачје без сигнал“.
„Арс Ламина“ во 2019 година го објави романот „Костурите на округот Медисон“, дело што дотогаш не беше преведено на македонски јазик. По тој повод, Ведрана Рудан дојде во Скопје како гостинка на Саемот на книгата.
Средбата со македонската публика не беше класична книжевна промоција со однапред подготвен разговор. Рудан ја водеше самата, низ отворен и провокативен разговор со публиката. Во свој препознатлив стил, без ракавици и без заобиколување, таа ги отвори темите за кои пишуваше и во романот – љубовта и сексот во зрелите години.
На промоцијата имаше многу публика, а нејзините директни прашања и отворениот пристап дел од присутните ги извадија од комфорната зона. Токму тоа беше Ведрана Рудан – авторка што не сакаше само да раскажува приказни, туку сакаше да го поттикне читателот да размислува, да се преиспитува и да се соочи со темите за кои често се молчи.
Набрзо потоа „Арс Ламина“ ја објави и нејзината автобиографија „Танц околу Сонцето“, во која Рудан продолжува да пишува за себе со истата искреност и директност со која пишуваше и во своите романи. Во книгата се навраќа на своето детство, на децата и внуците, на својот животен пат и на годините поминати во новинарството. Пишува за патот што го поминала од продавачка на сладолед на плажа до една од најчитаните писателки во регионот, но и за тешките и болни искуства што го обележале нејзиниот живот.
Во „Танц околу Сонцето“ Рудан не го разубавува своето минато. Отворено пишува и за првиот брак, во кој, според нејзините сведоштва, трпела насилство и неверство. Подоцна го запознава адвокатот Љубиша Драгељевиќ, осум години помлад од неа, со кого започнува ново поглавје во својот живот. За нивната врска во повеќе наврати зборувала како за однос што ја променил и ѝ помогнал да стане потолерантна и подобра верзија од себе.
Токму затоа „Танц околу Сонцето“ е повеќе од класична автобиографија. Тоа е книга во која Ведрана Рудан повторно не се штеди себеси. Искрено и без разубавување зборува за своите избори, грешки, љубови, разочарувања и животни пресврти. Како и во своите романи, таа и овде покажува дека најтешко е човек без срам да се погледне себеси во очи.
Ведрана Рудан беше авторка што не се плашеше од непријатните прашања. Напротив, токму таму ја наоѓаше својата книжевна сила. Пишуваше за животот онаков каков што е – несовршен, понекогаш болен, понекогаш смешен, но секогаш вреден да се раскаже искрено.
Нејзините книги остануваат како сведоштво за еден силен и препознатлив глас што никогаш не се обидуваше да им угоди на сите. Ведрана Рудан замина, но нејзиниот глас останува во нејзините книги – остар, храбар, духовит и секогаш подготвен да го каже она што другите би го премолчеле.
„Арс Ламина“ на македонски јазик ги објави „Костурите на округот Медисон“ и „Танц околу Сонцето“, две книги преку кои и македонските читатели можат да го запознаат книжевниот свет на Ведрана Рудан.