Приказните се едни од најмоќните патишта до детското срце. Преку нив децата не само што учат, туку и создаваат сопствени светови, ги препознаваат своите чувства и полесно зборуваат за она што понекогаш не знаат како да го кажат. За авторката и новинарка Биљана Стојановска, приказните, покрај забава и игра, се и моќна воспитна алатка. Токму преку инспиративната приказна за сочувството, разбирањето и прифаќањето на другите, во својата сликовница „Емпатија“ таа се обидува да им го доближи на најмладите значењето на оваа важна човечка вредност.
„Децата се нашето огледало. Затоа нашите дела треба да бидат погласни од зборовите.“
Оваа мисла можеби најдобро ја опишува суштината на нејзината сликовница „Емпатија“ – книга што не се обидува само да им го објасни на најмладите значењето на еден „голем“ збор, туку да им покаже како емпатијата изгледа во секојдневниот живот. Да го почувствуваат другиот, да ја препознаат неговата тага или радост, да подадат рака и да разберат дека покрај „јас“ постојат и „ти“ и „ние“.
Сликовницата „Емпатија“ беше промовирана на годинашниот Саем на книгата, како дел од едицијата „Големи зборови за мали уши“. Значајна улога во „Емпатија“ има и визуелниот свет на илустраторот Орце Нинески, кој со својата интерпретација ѝ дава дополнителна емоција и препознатливост на приказната. За Стојановска, во книгите за деца зборот и сликата се еднакво важни – заедно му помагаат на детето прво да го почувствува, а потоа и да го разбере светот на приказната.
Книгата е издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“. По тој повод разговаравме со Биљана Стојановска за создавањето на „Емпатија“, инспирацијата за ликот на Виктор, моќта на приказните и илустрациите, но и за тоа зошто на децата, можеби повеќе од кога било, им се потребни приказни што ќе ги научат не само да читаат, туку и да чувствуваат.
* Како се роди идејата за сликовницата „Емпатија“, која е дел од едицијата „Големи зборови за мали уши“? Што те привлече во идејата на децата да им се приближат „големите“ зборови преку едноставни и топли приказни?
- За едицијата ,,Големи зборови за мали уши" дознав од мојата драга пријателка и почитувана авторка Оливера Ќорвезироска. Се воодушевив од идејата. Си реков, колку досетливо, низ приказна да им доближиме нешто големо на децата. Ако нешто лесно влегува во детската глава, па дури и во главата на возрасните, тоа се приказните. Морам да ја споменам Шехерезада и ,,Илјада и една ноќ“. Таа животот си го спасува затоа што кралот сака да слуша приказни. Човечката душа по природа е љубопитна, сака да дознава повеќе и повеќе, посебно ако некое „сознавање“ е презентирано со приказна, тоа е речиси загарантиран влез во нечија душа. А посебно за детската душа, не постои полесен пристап дотаму од добро стокмена и смислена приказна.
* „Емпатија“ е еден од најважните зборови што децата денес треба да го разберат. Што те инспирираше токму овој поим да го претвориш во приказна за најмалите читатели и колку влијаеја личните искуства врз создавањето на приказната?
- Емпатијата е едно од најважните чувства што секоја единка треба да го разбере. Не само децата, и многу возрасни имаат умствен и душевен дефицит во разбирањето на овој поим. Не може некој да се нарече човек аконе ја развие оваа најважна духовна дисциплина. Да се почувствува другиот, да се подаде рака на другиот, да не бидеме само „јас“. „Ти“ и „ние“ да бидат исто важни како „јас“. Зашто на овој свет сечиј живот е важен. И не зборувам само за меѓучовечките односи, зборувам и за животните, за растителниот свет...
Од најмали нозе децата треба да се учат што значи сочувство. И на тоа треба редовно да се укажува, меѓутоа не само преку приказни, туку и преку дела. Децата се нашето огледало. Тие нас нѐ имитираат. Затоа нашите дела треба да се погласни од зборовите.
* Главниот лик во книгата е инспириран од твојот син Виктор (а го носи и неговото име). Како реагираше Виктор кога првпат ја слушна (или ја прочита) приказната во која токму тој бил инспирација за главниот лик?
- Виктор е моја вечна инспирација. Освен во книгите за деца, него го има и во поетските книги. Во „Емпатија“ официјално го ,,повикав“. Дури и илустраторот Орце го замолив акоможе да направи главниот лик физички да потсетува на него, иако мојот став е дека не треба да интервенираме во креативниот процес на уметниците. Меѓутоа, ете, направив нешто спротивно на своите убедувања затоа што многу ми значеше. Тој, секако, не направи никаков проблем. И што се случува потоа? Лицето на Виктор блеснува откако сфаќа дека го има во книга и оттогаш наваму речиси секој ден ме замолува: „Мамо, ај те молам раскажи ми приказна“. Независно дали сме на плажа, на терасата дома, кога се гушкаме пред легнување, тој не заборава да посочи: „Главниот лик нека се вика Виктор“. Оттогаш до денес имам измислено околу 50 приказни, многу ми е жал што не ги запишувам. Ликот Виктор го сместувам во некоја ситуација многу слична со реалниот живот, и преку приказната тој учи што е добро, а што е лошо. Приказните покрај забава и игра, се најмоќна воспитна алатка.
*Илустрациите на Орце Нинески се важен дел од доживувањето на сликовницата. Колку неговата визуелна интерпретација придонесе или се надоврза на приказната? Дали сметаш дека илустрациите дополнително ги нагласуваат емоцијата и пораката што сакаш да ги пренесеш?
- До пред појавата на серијата колкумина од нас знаеја како ,,изгледа“ Зоки Поки на Оливера Николова? Сите знаевме. Поради илустрациите на Димитар Кондовски. Толку препознатливо е нацртан, што таа жолта коса (намерно не велам руса, зашто е жолта и топла како сонцето), тркалезните сини очи, црвените обравчиња и насмевката, би ги препознале секаде.
Син ми Виктор летово ја чита ,,Зоки Поки", лектирата за второ одделение. Во домашната библиотека најдов Собрани дела на Оливера Николова и во неа ја имаше и неа, но тоа беше сосема друго издание). Ги прочитавме оттаму првите неколку раскази, но тоа ми создаваше немир. Се чувствував како да му одземам нешто на Виктор. Па се потрудив и го најдов изданието со илустрациите на Кондовски. Не сакав на своето дете да му ја скратам визијата на Кондовски за изгледот на Зоки Поки. И така и бидна.
Зошто го кажувам ова? Затоа што илустрациите се преважни во книгите за деца. Децата првенство се визуелни суштества, многу им е полесно да запомнат нешто ако го видат. Барем на помала возраст, додека се учат да читаат. Потоа, се разбира, треба сами да замислуваат и да ја развиваат фантазијата, зборовите да станат портал кон еден свет што ќе се создава во нивната глава.
Орце одлично ја заврши својата работа. Посебно ме плени што им даде извесен ретро шмек на илустрациите, па вака, книгата е визуелно многу препознатлива. Како што авторот мора да знае што прави кога пишува за деца, така и илустраторот ја има истата одговорност. Во сликовниците за деца зборот и сликата се еднакво важни.
*Што би сакала децата и родителите да понесат со себе по читањето на „Емпатија“? Како книгата може да биде повод за разговор за чувствата, за разбирањето и за грижата спрема другите?
- Како што споменав погоре, барем со мојот син е таква ситуацијата, откако ќе ја раскажеме приказната - разговараме. Зошто некој постапил како што постапил, што значи тоа, како се чувствува потоа. Верувам дека повеќето родители разговараат со своите деца за приказните.
По читањето на ,,Емпатија“ се надевам дека децата ќе научат нов збор, а уште поважно, ќе го научат значењето на тој збор. Да научат зошто е важно да бидеме емпатични едни кон други, зошто е важно ,,да плачеме кога другиот плаче“ и „да се радуваме кога другиот се радува“.
* Едицијата „Големи зборови за мали уши“ веќе е препознаена и наградена. Како гледаш на значењето на ваквите книги во време кога децата растат во брз и дигитален свет? Дали веруваш дека приказните можат да ги поттикнат не само да читаат туку и самите да создаваат?
- Многу се израдував кога дознав дека едицијата беше наградена. Ми значи кога се препознаени и кога се вреднувани одредени уметнички проекти зашто тоа ми дава надеж дека, сепак, некој чита, некој има критериум и го уважува она што е вистински квалитетно. Во време кога детските мозоци се стимулирани претежно со инстант-содржини, кога се подложени на виртуелна реалност, неопходно е тие исти мозочиња да се хранат и со „слики“ што самите ќе ги создаваат во здрав креативен амбиент. Инаку, на долгорочен план, човештвото би било поразено.
Кога бев мала мајка ми многу ми читаше и ми раскажуваше приказни. Цели светови носев во себе. Се сеќавам дека едвај чекав да си легнам и да бидам сама за да можам да измислувам свои приказни. Денес јас го правам тоа со своето дете и, на мое големо задоволство, досега тој има измислено десетина приказни. Благодарение на тие негови приказни, јас имам можност да видам од најблизу што се случува во неговото срце. Зашто многу работи што нам ни изгледаат банално, за нив се особено важни, но тие често ги премолчуваат, а тоа знае да стане товар што тие не треба сами да го носат. Треба да ги инспирираме да ја раскажат приказната и ние внимателно да ги сослушаме. Фасцинантно е да слушаш дете што ти раскажува своја, измислена приказна.
*Работиш како новинарка, а паралелно градиш и авторски пат како поетеса и како писателка за деца. Како се надополнуваат новинарската работа и пишувањето? Дали искуството од разговорите со луѓето и секојдневното следење на приказните околу тебе влијае врз твоето творештво?
- Животот околу мене и во мене влијае врз моето творештво. Некогаш е поврзано со работата, со луѓето што ги среќавам, но најчесто не треба некого да сретнам за во мене да се јави порив нешто да запишам.
Новинарската работа и книжевното изразување секако дека се надополнуваат. И во едното и во другото мора да оставиш дел од себе. Не сум човек што сака многу да зборува. Многу подобар слушател сум. Од секогаш знаев дека ќе работам нешто поврзано со пишување. Мојот дом, моето светилиште, отсекогаш бил белиот лист што чека да биде испишан.
Ана Несторовска - Саздовска