Интервјуа

Сашо Кузмановски: Трилерот „Луѓе-сенки“ има добар потенцијал да добие филмска адаптација

17.07.2026.
Сашо Кузмановски: Трилерот  „Луѓе-сенки“ има добар потенцијал да добие филмска адаптација
Сашо Кузмановски: Трилерот  „Луѓе-сенки“ има добар потенцијал да добие филмска адаптација

По успешно затворените случаи со украдениот тетробол од Музејот на пари во Народната банка на Македонија („Афера во музејот на пари“) и со мистериозното убиство во локалитетот Стоби („Бахус“), инспекторот за крвни деликти Јован Ингилизов – Џовани се соочува со својот најсложен случај: атентатот врз претседателот на државата. Ревносниот и правдољубив инспектор е ставен пред истрага од највисоко државно значење, во која се испреплетуваат прашањата за вистината, за моќта и за државноста.

Во најновиот трилер „Луѓе-сенки“ на авторот и новинар Сашо Кузмановски се заокружува трилогијата за инспекторот Џовани. Романот, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина - публикации“, е инспириран од атентатот врз претседателот Киро Глигоров, кој се случи пред 31 година. Врз основа на познати историски факти и настани, авторот гради нова, книжевно обликувана приказна. Книгата беше промовирана во април на фестивалот „Видик“, а од тогаш добидобар прием од љубителите на трилери.

Кузмановски е познат спортски новинар, моментално ангажиран со следење на Светското првенство во фудбал, а неговото долгогодишно новинарско искуство се препознава во специфичниот спој од факт и од фикција што го гради во своите романи.

Во ова интервју, тој зборува за создавањето на „Луѓе-сенки“, за развојот на ликот на Џовани низ трилогијата и за врската меѓу новинарството и книжевната фикција.

  • „Луѓе-сенки“ е завршниот дел од трилогијата за инспекторот Јован Ингилизов – Џовани. Дали од почетокот знаеше како ќе се развива и како ќе заврши неговата приказна или таа се градеше постепено додека ги пишуваше трите романи?

-Не, напротив. Ликот на Џовани созреваше со секое ново издание од трилогијата.  Кога почнав да го пишувам првиот роман немав конкретна идеја како ќе расте неговиот лик и како ќе изгледа тој низ годините. Улогата што ја наследи од „Афера во музејот на пари“ бараше негово прекалување во секоја наредна приказна, иако со самата идеја за оваа трилогија тргнав од претпоставката дека добро е да ја раскажам и животната приказна на секој од инспекторите што се во неговото најблиско работно опкружување. Тоа се заокружи со „Луѓе-сенки“.

  • Романот е историска фикција инспирирана од реални настани од нашето колективно минато, каков што е  атентатот врз првиот претседател на Р. Македонија - Киро Глигоров. Колку има факти во приказната, а колку фикција?

-За да направиш уверлива приказна мора да се послужиш со фактите. Ако зборуваме за стилови, веројатно, мојот, како прва алатка при градбата на приказните, ја користи животната фактографија. Во „Луѓе-сенки“ фикциската приказна е длабоко исплетена во реални историски настани од нашето поново минато, во случајов, атентатот на претседателот. Како автор на овие приказни, се трудам од една поинаква перспектива да ги видам, да ги согледам, добро да ги протресам, па потоа да ги составам овие редови. Фактите се одлична подлошка за проектирање  фикциска приказна. Така можеш да го уловиш читателот во вителот од нему познати факти и од сосема нови моменти што се појавуваат во приказната. Тука почнува самоанализата: Што од тоа што го читаме е реално, а што е само фикција?

  • Во „Луѓе-сенки“ повторно навлегуваш во теми, какви што се: политиката, институциите, моќта и вистината. Зошто токму овие теми се во сржта на твоите романи?

-Правдата и вистината се битот на трилерите. Политиката и моќта, заедно со институциите се креатори на она што го живееме. Желбата за правда, за поредок,  за победа на вистината е тоа што ги движи приказните во оваа жанровска литература. Тоа е она и што го мотивира читателот, затоа што тие се животот. И во „Луѓе-сенки“ и во минатите два романи, приказните се еден вид интроспекција на она што го живееме. Тоа се приказни што се раѓаат, што растат и што умираат на нашите улици, изградени се врз ликови, кои горе-долу изгледаат како некои наши пријатели, познаници, соседи, како некои мрачни ликови од криминалното милје и како политичари што ги гледаме сега или сме ги виделе некогаш на вести.

  • Како долгогодишен (спортски) новинар, секојдневно си во контакт со информации и со вистински приказни. Колку  ти помага тоа во градењето на заплетот и на ликовите, а колку понекогаш те ограничува?

-Новинарската работа ми овозможи да изградам еден вид дата-база на податоци, кои, за моја среќа, можам да ги користам како материјал за работа во оваа моја книжевна авантура. Не чувствувам дека нешто со што сум се сретнал во професионалната кариера може да ме ограничи во пишувањето. Напротив, информациите, секојдневието, човечките особини, случките (некои знаат да бидат и неверојатни и бизарни сами по себе) со кои како новинари се среќаваме секојдневно, некогаш, некаде, сигурно ќе ми послужат во создавањето на приказните за моите романи.

  • Инспекторот Џовани стана препознатлив лик меѓу читателите на домашните трилери. Што мислиш дека најмногу ги привлекува кај него и дали ти беше тешко да се збогуваш со овој лик?

-Не се збогував, само се разделивме на некој перод (ха, ха, ха)... Џовани е можеби еден од ретките ликови во ваквите крими-трилер романи што не е порочен (освен што пуши и што пие по некоја чашка шток), кој нема пропаднат брак зад себе и дете што сопругата му дозволува да го гледа само за викенд. Тоа ми е клише во романите што ни доаѓаат однадвор. Сакав Џовани да изгледа малку „помакедонски“.  Можеби тоа што карактерно и животно е близок до луѓето со кои живееме и со кои се сеќаваме, нѐ предизвикува лесно да минеме низ вратата што ни ја отвора со неговата приказна.

  • Дали „Луѓе-сенки“ има потенцијал за ТВ- адаптација или за филмска адаптација и кој актер го замислуваш како инспекторот Џовани?

-Како автор ќе речам дека верувам во овие приказни и во нивниот потенцијал да добијат некаква ТВ-адаптација или филмска адаптација. Сепак, луѓето што се во таа дејност, веројатно најдобро можат да дадат процена. Никогаш не сум размислувал на таа тема кој наш актер најдобро би влегол во „кожата“ на Џовани, но, еве сега, кога подобро ќе размислам, од нашава гарнитура помлади актери, можеби би бил Сергеј Димовски или Тони Денковски од „Театар Комедија“.

  • Дали си љубител на ваков тип литература, серии и филмови и колку ги следиш светските и домашните трендови?

-Да. Голем фан. Веројатно да не бев толку голем фан, никогаш и не ќе се зафатев да направам некоја од овие три приказни. Следам што се случува на светската сцена, особено во ТВ- и во филмската продукција, и сведоци сме на бројни телевизиски и филмски адаптации на книжевни дела, особено кај трилерите. Секако, следам што се нуди и во оваа жанровската литература, читам домашни автори, правам компарации со она што доаѓа однадвор и сметам дека јазот меѓу нашите автори (за жал, сѐ уште е мал бројот на оние со убедливи четива) и оние од надвор, станува се потесен.

  • Со „Луѓе-сенки“ ја  заокружуваш трилогија. Дали веќе размислуваш за нов книжевен проект – нов лик и серијал, или постои можност повторно да му се вратиш на инспекторот Џовани?

-За оние што навистина во последно време се почесто ме прашуваатшто ќе биде следно, да споделам со вас дека штотуку го завршив новиот роман, кој го работев во последните две години. Ќе откријам само дека станува збор за историска драма/трилер.  Пишуван е малку нетипично за мојот стил, но тоа е убавината во овој занает.

  • Како спортски новинар, овој период си многуангажиран околу Светското првенство во фудбал. Колку „трилер“-ситуации има во спортот, особено во фудбалот?

-Чудни се животните патишта на фудбалерите и на спортистите (ха, ха, ха...). Многу често знаат да влезат во драма, која брзо прераснува во трилер, некогаш ,за жал, и со примеси на крими-трилер. Сепак, на теренот и тие како и ние, се извонредни автори на забавна содржина. Навистина уживам во долгото, топло фудбалско лето, а секој слободен момент го користам да подистражам некоја нова идеја што наскоро, можеби, ќе прерасне во некоја нова приказна.

Книгата е достапна во книжарниците на Литература.мк и онлајн преку www.literatura.mk.

Поврзани производи

Sačuvano u omiljne
Motivišuće
Kreativno
Prilagođeno uzrastu
Цена 360 МКД
5,83 EUR

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

08.
Jul.
Интервјуа
Популарниот и повеќекратно наградуван серијал за малата вампир-самовила Исидора Мун, препознатлив по својот уникатен розово-црн визуелен свет, ги освои срцат...
01.
Jul.
Интервјуа
Во новата поетска збирка „Длабок простор“ на Зоран Анчевски, просторот не е само вселенска бесконечност, туку и нешто што се отвора во секојдневи...
11.
May.
Интервјуа
Со секој нов роман, Саманта Даунинг успева да ги изненади читателите со ликови кои се и шармантни и вознемирувачки. Во нејзиниот нов трилер „Престара з...
22.
Aug.
Интервјуа
Лазар Еленовски ја напиша новата книга „Пробив кон глобална алијанса: Непознатите познати на НАТО“. Книгата неодамна излезе од печат во издание н...
30.
Nov.
Интервјуа
На македонските читатели Маша Колановиќ им стана позната преку преводите на издавачката куќа „Арс Ламина“ на романот за млади и возрасни „Б...
14.
Feb.
Интервјуа
„Девојката што ја наслика смртта“ е дебитантска книга на Андреа Мирческа. Станува збор за психолошки трилер со примеси на мистерија и драма што п...
13.
Feb.
Интервјуа
Дејан Василевски - добитник е на повеќе награди за неговата кратка проза и неговите песни и е објавен во повеќе литературни списанија и една антологија....
15.
Sep.
Интервјуа
Зошто сјајот и бедата на славата ѝ се толку инспиративни и како ги прикажува во романите ни открива авторката на бестселерите: „Дејзи Џонс енд Д с...
06.
Jul.
Интервјуа
Со моите сликовници сакам да им помогнам на децата да го прифатат светот околу нив
array(0) {
}
Memory Consumption is: 6.72 MB