Хуморот е неизбежен придружник во неговото пишување. Понекогаш доаѓа и таму каде што никој не го повикал, но токму преку него најлесно се отвораат вратите кон сериозните теми. Во приказните на етаблираниот и наградуван писател за деца и за возрасни, Ванчо Полазаревски, смеата не е само забава – таа е начин најмладите да погледнат поинаку на светот околу себе, да постават прашања и да откријат важни пораки.
По повод добивањето на наградата „Оливера Николова“ за 2026 година за романот „Чудна случка во гратчето Капи и Штици“, како и за објавувањето на сликовницата „Бонтон“, разговараме со авторот за моќта на хуморот во детската литература, за инспирацијата зад неговите приказни и за тоа зошто децата заслужуваат книги што ќе ги забавуваат, но и што ќе ги поттикнат да размислуваат.
Романот „Чудна случка во гратчето Капи и Штици“ и сликовницата „Бонтон“, со илустрации на Александра Филипоска, се објавени во издание на Либи, дел од Арс Ламина – публикации. Додека „Капи и Штици“ преку хумор и преку фантазија отвора прашања за екологијата, за градот и за односот спрема природата, „Бонтон“, дел од едицијата „Големи зборови за мали уши“, преку блиска секојдневна приказна им ги приближува на најмладите важноста на убавото однесување и вредностите што се градат уште од детството.
Во разговорот, авторот зборува за своите книжевни инспирации, за привилегијата да се пишува за деца и за тоа што би сакал младите читатели да понесат со себе по средбата со неговите приказни.
*За романот „Чудна случка во гратчето Капи и Штици“ ја добивте наградата „Оливера Николова“ за 2026 година. Што значи за вас ова признание, особено имајќи предвид дека наградата го носи името на една од најзначајните авторки за деца во македонската книжевност?
- Уште се радувам, признавам, на ова вредно признание. Овде-онде и ќе си се пофалам како моето име, ете, се најде покрај името на една толку значајна личност за македонската литература, писателката Оливера Николова, за потоа да си речам: „Човек, сега треба да внимаваш што пишуваш, добро да ги одмериш зборовите, затоа што тие, еднаш штом излетаат на слобода, свашта прават.“
*Жирито ги истакна оригиналноста, хуморот и современиот пристап на романот. Кога ја создававте приказната за Капи и Штици, дали веднаш знаевте дека хуморот ќе биде главниот начин преку кој ќе ги отворите сериозните теми?
- Многу сум благодарен за комплиментите изречени од едно толку еминентно жири, составено од Оливера Ќорвезироска, од Ермис Лафазановски и од Јованка Денкова. А што се однесува до хуморот во книгата, тој во моето пишување отсекогаш бил и е неизбежен, па дури некогаш и здодевен придружник. Само се пика кај што никој не го вика... Во „Капи и Штици“ првобитната идеја беше токму тој, господинот Хумор, и по малку госпоѓата Сатира, да бидат главните јунаци, убаво да се распостелат по свое и да уживаат во таа бескрајна слобода. Но, работите излегоа од контрола. Сериозноста на проблемот – екологијата, полека се наметна и со право направи приказната да се навалува кон таа страна, да добие на сериозност, сè во обид младата читачка публика преку неа барем за нијанса да се заинтересира за она што директно се однесува на нејзината иднина.
*„Капи и Штици“ е уметничко име за Капиштец, за скопската населба каде што живеете. Како еден реален простор, со своитеубавини и проблеми, се претвори во книжевно гратче полно со необични случки, ликови и пораки?
- Да, Капи и Штици сè повеќе ми прозвучува како некој имагинарен, а сепак толку стварен простор, тука околу нас. Концентрат на разновидни случки и настани. Тоа е една преурбанизирана, пребетонизирана и преавтомобилизирана средина од која може да се очекува сè. Така, на пример, зошто таа средина привремено да не се нарече Капи и Лампиони, во расказот со тема Нова година и Дедо Мраз, кој токму го пишувам.
*Екологијата и односот спрема природата се важни теми во романот. Зошто сметавте дека токму преку приказна за деца и преку смеата најдобро може да се зборува за проблеми што ги засегаат сите генерации?
- Она што е актуелно на тој план деновиве кај нас (Гостивар итн.) е толку неверојатно што мислам дека дури и излегува од рамките на една приказна, сеедно дали таа е за деца или за возрасни. И токму поради тоа многу е небитна и формата и целната публика при пишувањето на оваа тема. Обврзувачки е да се пишува, не смее никако да се молчи за овие, од животна важност, проблеми. Јас, едноставно, не можев да не измислам едно Капи и Штици. Па секој ден бев еден од соучесниците на депонизирањето на прекрасното зеленило во Капиштец, со самото тоа што отсуствуваше некаква конкретна акција да се спречи претворањето на градот во неград.
*Капи и Штици е место каде што „наместо цвеќиња и дрвја често цвета отпадот“. По неодамнешното невреме во Скопје, кога многу дрвја беа оштетени или паднаа, реалноста на моменти повторно нè потсети на кревкоста на градската природа. Дали ваквите случувања може да бидат нов поттик за писателите да создаваат приказни што ќе ја разбудат еколошката свест кај најмладите?
-Па, да. Вие веќе одговоривте на ова прашање. Природата уште еднаш нè потсети на својата моќ. Нè потсети дека ние сме само потстанари, а не газди на овие дрвја, реки, улици и градови.
*Во романот велите дека главен јунак е хуморот. Што е она што според вас ја прави една детска книга навистина привлечна – смешната ситуација, фантазијата, ликовите или пораката што останува по читањето?
- Младиот читател е исклучително комплексна личност. На неговото мени денес има збунувачки разновидна духовна храна. И затоа, пред сè, потребно е да се освои неговата доверба, да го убедите дека го знаете материјалот и искрено да сакате да соопштите нешто за што сте сигурни дека имате право. Тогаш хуморот и лефтерноста на пишувањето ќе бидат само формата во која ќе го послужите јадењето.
*Изјавивте дека „пишувањето за деца е привилегија затоа што отвора врата кон бесконечното царство на фантазијата“. Што ви овозможува детската литература што можеби не ви го овозможуваат другите книжевни форми?
- Да, пишувањето за деца е фантастична привилегија. Ви овозможува да измислувате светови и суштества што можат да бидат, ако ја поседувате моќната вештина на пишување, бесконечно интересни не само за децата туку и за возрасните. Не велам дека пишувањето за возрасни ограничува, напротив. Но, сепак, кај одличните детски книги има нешто што може да се спореди само со моќта на златните денови на детството, со мечтаењата дека сè е можно и со огромната доза ведрина и оптимизам.
*Неодамна од печат излезе и Вашата сликовница „Бонтон“, со илустрации на Александра Филипоска, како дел од едицијата „Големи зборови за мали уши“. Како се роди приказната за едно семејство кое треба да научи што значи културно однесување?
-Семејство седнува да обедува. Тоа толку често е дел од нашето секојдневие што за тоа време, за време на јадењето, на секој од нас којзнае што сè не му паднало на памет. Во една таква пригодапомислив да ја оживеам храната и таа како лик да добие свој важен простор во приказната. Во овој случај таа реагира на бонтонот при јадењето и така се редат настани што треба да доведат до едно мало потсетување колку за сите нас е важно убавото однесување за време на јадењето.
* Во „Бонтон“ преку мала, секојдневна приказна се објаснува голем збор. Колку е важно сложените поими и вредности за децата да се пренесуваат преку блиски ситуации и преку хумор, наместо преку директни поуки?
- Приказните од едицијата „Големи зборови за мали уши“, особено ако се интересни, многу полесно му помагаат на „тешкиот“ збор да си го најде местото во секојдневниот говор на младиот читател. А да не заборавиме колку е шармантно кога ќе чуете дете да зборува течно, со точно определени зборови, да го употребува богатството на речникот на возрасните и на еден суптилен начин да ја прикаже убавината на начитаноста.
*Што би сакале децата да понесат со себе по читањето на „Чудна случка во гратчето Капи и Штици“ и на „Бонтон“?
-Па, убаво би било читањето на „Чудна случка во гратчето Капи и Штици“ и на „Бонтон“ кај младата читачка публика да разбуди убави мисли, приказните во нивната свест да имаат малку подолг рок на траење и, по можност, да поттикнат мали, минимални гестови на добра волја. Тоа би било сосема доволно.
Книгите се достапни во книжарниците на Литература.мк и онлајн преку www.literatura.mk.