Интервјуа

Зоран Анчевски: „Длабок простор“ е ново нурнување во длабокиот простор на поезијата

01.07.2026.
Зоран Анчевски: „Длабок простор“  е ново нурнување во длабокиот простор на поезијата
Зоран Анчевски: „Длабок простор“  е ново нурнување во длабокиот простор на поезијата

Патување низ тишината меѓу зборовите, низ местата каде што видливото се претвора во прашање, а прашањето во нова светлина. Во новата поетска збирка „Длабок простор“ на Зоран Анчевски, просторот не е само вселенска бесконечност, туку и нешто што се отвора во секојдневието, во јазикот, во човековата внатрешност и во постојаното движење меѓу надворешното и внатрешното, меѓу минливото и трајното.

Книгата во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, која беше промовирана на 16 јуни во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, ја потврдува поетиката на постојано преиспитување – каде експериментот со јазикот, со ритамот и со формата не е украс, туку суштински дел од значењето, а песната не е затворена целина, туку процес што се случува во движење. Во интервјуто за нашиот блог тој длабоко нурнува во суштината на ова дело.

*„Длабок простор“ како наслов носи силна асоцијација на нешто бесконечно и непознато. Што претставува овој „длабок простор“ – место на сеќавањата, на јазикот, на поезијата или на нешто сосема друго?

- Да, секако. Иако оваа синтагма е влезена во јазикот да ја означува бесконечноста на вселената (deep space), т.е. на макропросторот, јас во книгата се обидувам да ја поткренам на рамниште од повеќезначен симбол. Така, длабокиот простор го согледувам и во просторот што непосредно нѐ опкружува, т.е. во микропросторот, без оглед дали станува збор за урбан или за природен простор. Го барам и во најсекојдневните нешта кои честопати ги пренебрегнуваме и воопшто не им обрнуваме внимание. Но за мистеријата на длабокиот простор да биде уште поголема, него го барам и во нас самите, во нашето физичко и духовно битисување, во нашата миговност и вечност – едновремено. Се разбира, јазикот е еден посебен вид длабок простор кој во себе ги крие заборавените тајни на нашето примално битие и затоа во книгата има добиено посебен третман. Притоа се обидувам да ги подријам и да ги измешам стандардно поставените двонасочни релации, како што се: надвор – внатре, горе – долу, минато – сегашност, стварност – сон, факт – метафора и сл.

 

*Во колкав временски период беа создадени песните и од што црпевте инспирација?

- Некои песни во книгата се настанати уште пред повеќе од 6–7 години, но тогаш не си најдоа контекст во кој би соодветствувале со други песни, па затоа останаа „во фиока“ за да си го дочекаат моментот. На книгата како целина работев 3–4 години, сѐ додека не си дојде сѐ на свое место, иако сметам дека една книга никогаш не може да биде завршена. Дури и сега, откако книгата излезе од печат (значи од поголема дистанца), би можел сѐ уште да чепкам низ неа, да ја придотерувам, да бришам и да допишувам, да поправам и да расипувам... Но, сметам дека авторот го знае и го чувствува мигот кога книгата сака да си замине од него и да се пресели кај читателот. Што се однесува до инспирацијата – јас не сум зависник од неа. Претпочитам сосредоточена, секојдневна работа, а тоа значи постојано читање и препрочитување на внимателно избрана литература, упорита љубопитност да се открие нешто ново во јазикот, во поетската постапка и сл. Претпочитам да се однесувам како неумолив истражувач, отколку како мрзелив ум што ја чека својата муза да го исполни со вдахновеност.

* Ова е Ваша десетта поетска збирка. Колку „Длабок простор“ се надоврзува на Вашите претходни дела и колку отвора нови поетски територии? Што е новото што го откривте во оваа збирка?

- Секој автор си има своја развојна линија. Кај некого таа е рамномерна и стамена, кај друг – скоковита и непредвидлива. Кога ќе погледнам наназад кон почетоците од моето дело, доаѓам до заклучок дека јас сум некаде помеѓу. Стамената развојна линија можам да ја проследам сѐ до мојата дебитантска книга, но тоа не значи дека во сите тие мои книги сум одел „на сигурно“. Напротив, речиси во секоја од нив сум одвојувал простор за експеримент, како на тематски, така и на формален план. Отсекогаш сум ги сакал експериментот, бунтовноста, неверството на востановените поетски клишеа и сл. Но, никогаш не сум бил склон да експериментирам само поради експериментот. Често, експериментот во една книга ми станувал узус во некоја следна, но општо речено, мора да забележам дека тој, како по правило, е поприсутен во раните развојни периоди кога младиот автор талкајќи низ влијанија ги бара и ги гради својот поетски сензибилитет, стил и јазик.

Во „Длабок простор“ продолжувам да експериментирам со јазикот оти тој е најголемиот предизвик за мене како поет. Но, упатно би било да речам дека во завршницата на првиот циклус „Ничија земја“ се поместени две песни во проза, а во петтиот циклус „Плахи песни во еден здив“ воведувам една нова динамика на стихот што се разликува од песните во другите циклуси. Песните во него се ослободени од секаква интерпункција и строфизација, а губењето на здивот или издишката, како и вдишката што треба да следува потоа се означени со празни простори, сѐ со цел да се долови „плахоста“ и не/можноста да се каже нешто во еден здив или во секвенца од скусени или аритмични здивови. Значи, се обидувам на формата да ѝ дадам сериозен удел во значењето на песната. Се разбира, за тоа да биде успешно изведено, динамиката на песната треба да соодветствува со нејзиниот емотивен набој.

*Книгата започнува со песна исполнета со прашања, а завршува со песна што нуди одговор. Дали поезијата за Вас е потрага по одговори или начин подобро да ги поставиме прашањата?

- Тоа е мое омилено структурирање на книгите. Во случајов, проложната песна е составена од низа прашања кои на извесен начин ги трасираат тематските јадра поместени во различни циклуси што следуваат. Епилогот или кодата го сумира стореното, но истовремено ја означува и разделбата помеѓу авторот и песната, пред таа да се најде во рацете на читателот. Најчесто авторот ѝ се обраќа на песната/книгата и ѝ посакува добар пат во непознатото без негова поткрепа и придружба. Инаку реторичкото прашање ми е една од омилените стилски фигури и често го користам во оваа и не само во оваа книга. Како такво, тоа ја разлачува поезијата од философијата. Имено, иако поезијата и философијата се занимаваат со обмислување на човечкото искуство, тие методолошки се разликуваат. Философијата не прашува, таа дава одговори, се стреми кон објективна вистина. Поезијата си ја зема слободата и да прашува и да одговара. Таа не поставува аксиоматски начела што ќе водат кон вечни вистини за битието и искуството или за просторот и времето, туку се гушка со различни начини на гледање и размислување за нив и низ реторски прашања, метафори и други естетски постапки ни овозможува субјективно да ја почувствуваме потрагата по одговорите на клучните прашања, дилеми, јанѕи, ставови, стравови и сл. од нашето секојдневно битисување што постојано навираат во нас и бараат какви-такви одговори. Да заклучам, според мене философијата се занимава со „досадната“ вечност, а поезијата со разноличниот и недофатлив миг.

*Дали постои песна во оваа збирка што ја чувствувате како нејзино „јадро“ или како централна точка?

- Не. Иако постои песна насловена како „Длабок простор“, таа не е и не може да биде „јадро“, ако воопшто може да говориме за такво нешто. Значи, во оваа книга „јадрото“ е разнебитено и посеано во речиси секоја песна. Дури и „најпериферните“ песни не се случајни. Тие се во постојана комуникација со „носечките“ песни, исто како што „носечките“ се напати поставени „периферно“. Целта на ваквата постапка е токму во идејата дека не е воопшто можно да се говори за цврст, стабилен „центар“, „јадро“ или „стожер“ што ќе е крепител на сѐ. Во оваа книга значењето на една песна се прелева во низа други, а низ нив и во трети, од кои, пак, реверзибилно – значи во постојано движење напред-назад, песните се надополнуваат и зрачат што е можно повеќе значења.

*Што би сакале читателот да понесе со себе откако ќе излезе од Вашиот „длабок простор“?

- Токму тоа се обидував да го објаснам и претходно. Не е до авторот да му кажува на читателот што треба да „понесе“ со себе од неговото дело. Моето нуркање низ различните симболични претстави за длабокиот простор е еден вид игра која на читателот може да му се чини досадна и веднаш да ја занемари, или, пак, сосема спротивно, да му се види многу забавна и да се вклучи во неа со сето задоволство што таа може да му го понуди. Во таа игра добивката може да биде голема, т.е. кај читателот да бидат разбудени и повторно (уште поинтензивно) доживеани најразлични, веќе подзапретани чувства. Притоа не може да загуби никој – ни авторот, ни активниот читател. Можеби само „читателот“ што не сака да си игра.

Книгата „Длабок простор“ е достапна во книжарниците на Литература.мк и онлајн преку www.literatura.mk.

Поврзани производи

Sačuvano u omiljne
Motivišuće
Kreativno
Prilagođeno uzrastu
Цена 250 МКД
4,05 EUR

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

11.
May.
Интервјуа
Со секој нов роман, Саманта Даунинг успева да ги изненади читателите со ликови кои се и шармантни и вознемирувачки. Во нејзиниот нов трилер „Престара з...
22.
Aug.
Интервјуа
Лазар Еленовски ја напиша новата книга „Пробив кон глобална алијанса: Непознатите познати на НАТО“. Книгата неодамна излезе од печат во издание н...
30.
Nov.
Интервјуа
На македонските читатели Маша Колановиќ им стана позната преку преводите на издавачката куќа „Арс Ламина“ на романот за млади и возрасни „Б...
14.
Feb.
Интервјуа
„Девојката што ја наслика смртта“ е дебитантска книга на Андреа Мирческа. Станува збор за психолошки трилер со примеси на мистерија и драма што п...
13.
Feb.
Интервјуа
Дејан Василевски - добитник е на повеќе награди за неговата кратка проза и неговите песни и е објавен во повеќе литературни списанија и една антологија....
15.
Sep.
Интервјуа
Зошто сјајот и бедата на славата ѝ се толку инспиративни и како ги прикажува во романите ни открива авторката на бестселерите: „Дејзи Џонс енд Д с...
06.
Jul.
Интервјуа
Со моите сликовници сакам да им помогнам на децата да го прифатат светот околу нив
array(0) {
}
Memory Consumption is: 11.24 MB