Интервјуа

Димитрие Дурацовски: Самотијата е моја природна состојба, мила придружничка

12.08.2026.
Димитрие Дурацовски: Самотијата е моја природна состојба, мила придружничка
Димитрие Дурацовски: Самотијата е моја природна состојба, мила придружничка

Понекогаш се враќаат писателите. Има такви што пред читателите се враќаат со секоја нова книга, а има и такви чие враќање само по себе е книжевен настан. Димитрие Дурацовски е од оние вторите.

Култниот струшки писател и сликар, автор што со децении го гради својот творечки свет далеку од книжевните центри и од големите наративи, по вторпат во само две години се врати со нова книга. По „Околу три по полноќ“, објавена лани, неодамна   беше промовиран неговиот нов роман „Понекогаш се враќаат“, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. 

„Понекогаш се враќаат“ е книга за она што никогаш вистински не си заминало. Дурацовски не ја нарекува својата книга автобиографија. Не се обидува ниту да повлече јасна граница меѓу фактите и фикцијата. Кај него тие граници одамна се избришани: луѓето, гласовите, собите, предметите и исчезнатите времиња продолжуваат да живеат во ист простор – просторот на литературата. Во „Понекогаш се враќаат“ се враќаат оние што ги нема, но и еден свет што полека исчезнува. Се враќа Струга од шеесеттите и седумдесеттите, куќата во која седумдесет и две години се наталожувале животи, а со нив и тишини, загуби и приказни. Се враќа и сликарот во писателот – преку кадри, светлина, предмети и визуелни траги, како литературата да продолжува таму каде што некогаш застанало сликарството.

Разговаравме со Димитрие Дурацовски за самотијата како „природна состојба“, за куќата што му е „засолниште“ и „школка“, за Струга која постои уште само во сеќавањето, за границата меѓу фикцијата и вистината, за враќањето на сликарството, за пишувањето како ненадеен повик – и за можноста „Понекогаш се враќаат“ навистина да биде неговата последна книга.

* „Понекогаш се враќаат“ е роман за сеќавањето, за самотијата и за враќањето кон минатото. Дали самотијата беше поттик за пишувањето или низ пишувањето ја откривте нејзината присутност?

-А, не, немаше никаков поттик поврзан со самотијата, таа е моја природна состојба, мила придружничка, туку тоа беше некој чуден повик што ми се јави една ноќ, некој глас кој ми рече „еј ти, седни и напиши го тоа што го носиш во тебе, направи го видливо“, а таа приказна ја носев во себе секаде и секогаш, тие ликови, тие гласови, тоа минато, беа во куќата низ собите и ходниците, во ѕидовите. Не ме оставаат никогаш сам, секогаш беа со мене, сега се овде во книгата, ги распослав и ги направив да бидат видливи.

*Иако во книгата велите дека приказната треба да се прифати како фикција, таа носи многу лични слоеви. Каде завршува сеќавањето, а каде започнува литературата?

- Па сето тоа е фикција што е напишно таму, небитно дали некогаш нешто се случило, неважно дали ликовите се вистинските оние што живеат околу мене. Си правеле тие во мојата глава приказни со децении и јас најпосле не можам да разликувам што е фикција, а што е вистина. И тоа ми е сосем неважно, изедначена е стварноста со литературата. Најмногу се пишуваат измислици, за некои луѓе што не постоеле, се прават приказни и конструкции. Тоа е всушност литературата, пишување фикција. Е сега,бидејќи јас не се сметам за писател од оние што реконструираат туѓи животи на луѓе што не постојат во стварноста, го направив она што најдобро го знам – пишувам за себе си, за луѓето што ги познавам и што ги познавав. Кога ја напишав книгата, роман ли е што ли е,  „Инсомниа“ не знаев едноставно што да правам, како да продолжам. Тоа траеше со години. Ѝ кажав  на мојата другарка Јадранка Владова, која ја обожавав, за моите недоумици, беше една бескрајно сензибилна душа Јадранка. Ми рече, „еј, што ти е, па сврти се и гледај околу себе, па потоа и во себе погледај. Не треба ништо да измислуваш. Тоа е таму, стои, треба само да го извадиш“.

* Повеќемина откриваат дека плачеле читајќи го романот, а Вие зборувате за тоа со одредена непријатност. Дали писателот мора да биде подготвен целосно да се соголи пред читателот?

- Па не мора да се соголи, како што на едно место кажав, да си ја одере кожата. Може да пишува за некои луѓе и настани што ќе ги измисли, па им дава живот, не мора да пишува за себеси. А јас тоа го направив овде. А,  тоа дека некој сронил некоја солза не ме чуди,  бидејќи овој роман ги погодува тие чувствителни и сензибилни души, кои иако немаат непосредна врска со содржината, се нашле себеси во некоја секвенца, во некој кадар, во некоја од приказните, им се вратило нивното минато, па срониле некоја солза. Тоа е лековито, некој вид катарза. Навистина малку ми е непријатно тоа, но, пак, од друга страна многу ми е драго кога ќе се јават да ми го кажат тоа. Тоа е некаква невидлива струна што се протега во крвта на таквите личности, ги поврзува, прави некакво сродно друштво и со тоа покажуваат колку точно ја примиле приказната, ја покажуваат својата блискост со авторот.

*Куќата во романот е повеќе од простор – таа е чувар на луѓето, на предметите и на спомените. Што претставува таа куќа за Вас?

-Куќата и јас сме скоро врсници,таа е постара од мене две години, без мене била тие први две години, а потоа, кога сум дошол јас од неа не сум излегол 72 години. Таа ми е сѐ, засолниште, школка во која сум сместен најудобно. Се изнапишав во книгата за куќата, да не се цитирам сега овде самиот себеси. Најдолго ја имав напуштено кога бев млад, на осумнаесет години кога се школував за сликар, морав да одам во Скопје и тоа беа мачни пет години, но си доаѓав дома во куќата секој петок. Тоа беше една куќа секогаш полна со луѓе, со домашните нејзини жители, со пријатели и со роднини што вршеа опсада на куќата во летните месеци и ја освојуваа. Куќата имаше и свои падови и подеми во својот седумдесет и две годишен живот. Сега сѐ е стишено, штама, останавме сами јас и таа, но тоа е само привид, бидејќи таа е, како што рековте во прашањето, чувар на луѓето, на предметите и на спомените.

*„Понекогаш се враќаат“ има две завршници – една во книгата и една на задната корица. Зошто приказната доби две можни крајни точки?

- Не би можел тоа да го објаснам точно, ако се обидам можеби ќе погрешам. Тоа беше така, ја завршив книгата, крајот беше тој, ефектно, сепак паралелно со тоа го напишав на еден лист другиот крај, но не бев сигурен како тоа би било изводливо да се вметне, а да не го наруши ефектот на крајот, книгата имаше веќе своја завршница. Оливера Ќорвезироска се досети на едно ингениозно решение, ми предложи да биде вака, како што е сега, се согласив бидејќи и вториот крај е крај на книгата. Се покажа дека е тоа одлично решение.

* Струга е постојано присутна во Вашото творештво – како град, но и како состојба на духот. Колку денешната Струга се разликува од онаа што живее во Вашите сеќавања?

- Катастрофа. Струга е збришана, таа мала Струга што ја знаевме и што си ја сакавме, онаа Струга која на славната Ребека Вест ѝ заличила како „Бел излупен бадем“ некој ни ја одзеде и од неа создаде монструм. Се изгуби тој дух, ние веќе не го чувствуваме, градот сега е на некои други луѓе, но остана тој „spiritus loci“ засекогаш во книгава. Ние што растевме со Струга на нашите стари сега и самите остаревме и не излегуваме веќе на нејзините улици, тоа се непрепознатливи други градби, големи, грди, не се по мера на човек  и тоа е една приказна што за нас заврши жалосно. Во книгава ја зачував онаа Струга од нејзините најубави денови, шеесеттите и седумдесеттите.

*Во младоста сте ја одбиле можноста да заминете во Париз затоа што не сте сакале да ја напуштите Струга. Што е тоа што Струга Ви го дала како човек и како уметник?

- Не знам како да ви одговорам на ова прашање, некој ќе помисли овој бил нетокму кога го одбил Париз за некаква парталава, бедна, и правлива Струга. Не знам што да речам, немав едноставно никаква желба, уште помалку амбиција да бидам на друго место, ехеј, во Париз. Едноставно, убаво ми беше овде, ги имав Езерото и Реката, сокаците и излижаната калдрма во нив и во чаршијата. Мислам дека го остварив основниот концепт што беше во мене цело време, далеку од големите центри, успеав да живеам опкружен со уметност, со естетски феномени или тоа беше само нешто што сум го забележувал, а за останатото сум бил слеп. Бидејќи сум интровертен, тоа и ми прилега, ако не сакаш да патуваш, ти останува да слушаш убава музика од големата колекција, многу читање и -  пишување кога ќе ти дојде да пишуваш, не секојдневно, го прекршив тоа мое правило на секој десет години да објавувам книга, но ова со оваа книга беше исклучок, последниов роман  сомнабулно го напишав, деноноќно, без прекин три месеци и уште еден да прочитам што тоа сум напишал. И сам се зачудив што беше тоа, нешто нестварно, како треска, тој виор и наплив, една жестокост до исцрпување. Инаку со мојот „modus vivendi“ во некоја смисла ја остварив фундаменталната модернистичка идеја дека животот е еднаков на уметноста, независно дали си во Париз или си во Струга.

*По речиси четири децении повторно се вративте пред публиката со изложба. Дали сликарството некогаш престана да биде дел од Вас или само се пресели во литературата?

- Па немаше ни да се вратам,  ако се прашував јас, но има еден човек, се вика Горанчо Георгиевски, кој е кустос во Националната галерија на Македонија во Скопје, кој повеќе пати низ годините ме „малтретираше“ со предлог да го изложат тоа што некогаш сум го работел. Јас му реков нека прави како мисли, но мене да не ме прашуваат за совети, што било, како било. Му дозволив да прави што сака,а тој, преревносен човек  ја смислил и ја конципирал изложбата која се отвори на 1 септември 2023 година во Чифте Амам во Скопје. Направија убав каталог со сите мои слики, Горанчо напиша необичен текст, а професорот Вилиќ текст за само ЕДНА слика, идеја што ме воодушеви. Сѐ она што сум сработил од 1973 до 1987 година кога ја насликав последната слика е тука, во каталогот. Но, да не бидам неправеден кон моето сликарство, во право сте кога велите дека тоа се пресели во литературата, наjпрвин и буквално. Мојот прв расказ носеше наслов „Мебиусова лента“, а тоа беше насловот на една моја, можам да кажам, сјајна слика од 1981 година. Е, тоа беше како она во алхемијата, оној процес наречен „Sublimatio“ што го има во десетици мои цртежи, трансформација „In vivo“ - од сликарство во литература.

*Вашите објави на Фејсбук одамна се препознаваат како книжевни минијатури, а романот „Околу три по полноќ“ произлезе од такви записи. Дали социјалните мрежи за Вас станаа нов книжевен простор?

- Тоа е сјаен простор посебно сега кога не постојат, како порано месечни книжевни списанија, има две-три излегуваат еднаш-двапати во годината. Фејсбук е убаво место каде што можат да се објавуваат пократки книжевни содржини, а мене тоа ми се погоди бидејќи текстот таму може фино да се илустрира. Вистина, таму се објавуваат различни содржини, манџи, плажи, миленици, слики од егзотични дестинации, триста чуда, има и политика, и да простите и многу глупави работи, штоне ми пречат воопшто, она што не ми се допаѓа го прескокнувам, но има и убави работи да се прочитаат, тука сознаваме за објави на нови книги, информации за изложби, и тоа е убавата страна на медиумот. Од тие објави таму (но, не само од таму, имаше во книгата и од “Окно“) излезе и книгата „Околу три по полноќ“, која многу ја сакам бидејќи го спојува она што некогаш, во седумдесеттите во уметноста се нарекуваше вербо-воко-визуелно изразување  во тогаш владејачката концептуална уметност чиј учесник бев и самиот. Пред стотина и повеќе години, книжевните дела на големи писатели најпрвин излегувале во дневни весници во продолжение, во вид на фељтони, сега ја имаме оваа убава можност за објавување кратки книжевни форми тука.

*Ве сметаат за култна фигура на современата македонска книжевност. Како го доживувате тој статус, а што би им порачале на младите писатели?

- Тоа се провлекува од старите времиња, кога објавував во почетокот на осумдесеттите но, никој тогаш ниту ме видел ниту ме чул, појма немаа кој сум. Се прашуваа во Скопје, кој е овој? Се сеќавам во една критика за мојата прва или втора книга Катица Ќулавкова меѓу другото напиша „...овој чуден писател“. Инаку отсекогаш сум имал чувство дека сум на маргините на големите книжевни наративи во земјава, некако ми е најудобно да делувам некако постранички, никогаш во центарот, откосо. И кога баш морав да се појавувам во јавност, имав чувство дека така изложен пред луѓето  се смалувам до најситна точка, се топам и исчезнувам. Навистина не би можел да кажам како го доживувам тој статус што ме чуди и што ми го доделуваат, немам едноставно никакво доживување ниту мислење околу тоа. А на младите писатели не би им советувал ништо бидејќи тие самите, какви што се паметни, ќе си го најдат својот пат и својот „modus operandi“.

* Во едно интервју рековте дека сте мислеле дека „Понекогаш се враќаат“ ќе биде Вашата последна книга, но потоа Оливера Ќорвезироска открила дека во романот се крие уште една приказна – можеби роман за деца. Дали таа идеја веќе почна да се развива?

- Тешко ќе оди таа работа бидејќи навистина мислам дека оваа книга ќе ми биде навистина последното што го напишав. Па, нели книгата тоа и самата го кажува, со логиката на нејзиниот крај?


Книгата „Понекогаш се враќаат“ е достапна во книжарниците на Литература.мк и онлајн преку www.literatura.mk.

Поврзани производи

Sačuvano u omiljne
Motivišuće
Kreativno
Prilagođeno uzrastu
Цена 500 МКД
8,09 EUR

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

05.
Aug.
Интервјуа
Во приказните на етаблираниот и наградуван писател за деца и за возрасни, Ванчо Полазаревски, смеата не е само забава – таа е начин најмладите да погле...
23.
Jul.
Интервјуа
За Гоце Делчев се напишани многу историски книги, студии и биографии во кои се претставени неговото дело, идеалите и револуционерниот пат. Но, без амбиција д...
17.
Jul.
Интервјуа
Во најновиот трилер „Луѓе-сенки“ на авторот и новинар Сашо Кузмановски се заокружува трилогијата за инспекторот Џовани. Романот, во издание на &b...
08.
Jul.
Интервјуа
Популарниот и повеќекратно наградуван серијал за малата вампир-самовила Исидора Мун, препознатлив по својот уникатен розово-црн визуелен свет, ги освои срцат...
01.
Jul.
Интервјуа
Во новата поетска збирка „Длабок простор“ на Зоран Анчевски, просторот не е само вселенска бесконечност, туку и нешто што се отвора во секојдневи...
11.
May.
Интервјуа
Со секој нов роман, Саманта Даунинг успева да ги изненади читателите со ликови кои се и шармантни и вознемирувачки. Во нејзиниот нов трилер „Престара з...
22.
Aug.
Интервјуа
Лазар Еленовски ја напиша новата книга „Пробив кон глобална алијанса: Непознатите познати на НАТО“. Книгата неодамна излезе од печат во издание н...
30.
Nov.
Интервјуа
На македонските читатели Маша Колановиќ им стана позната преку преводите на издавачката куќа „Арс Ламина“ на романот за млади и возрасни „Б...
14.
Feb.
Интервјуа
„Девојката што ја наслика смртта“ е дебитантска книга на Андреа Мирческа. Станува збор за психолошки трилер со примеси на мистерија и драма што п...
13.
Feb.
Интервјуа
Дејан Василевски - добитник е на повеќе награди за неговата кратка проза и неговите песни и е објавен во повеќе литературни списанија и една антологија....
array(0) {
}
Memory Consumption is: 7.23 MB