Литература

Брачниот портрет: Кој ја уби Лукреција Медичи

04.09.2023.
Брачниот портрет: Кој ја уби Лукреција Медичи

Во „Брачниот портрет“ влегуваме во испаничениот ум на една тинејџерка која знае дека нејзиниот сопруг планира да ја убие. За неколку месеци таа ќе биде мртва!

Оваа извесност мора да била алармантна за главната хероина, воедно и огромен предизвик за авторката. Каде, на крајот на краиштата, лежи неизвесноста во животот кој знаеме дека е осуден на пропаст?

За среќа, авторка на оваа книга е Меги О`Ферел, една од највозбудливите современи писателки. Пред три години го објави романот „Хамнет“ кој говори за синот-единец на Вилијам Шекспир. Книгата, што ги освои наградите на Националниот круг на критичари и Woman`s Prize за најдобар роман, содржи неверојатна напнатост и тага, со оглед на фактот што за малиот Хамнет не се знае речиси ништо освен дека починал во 1596 година.

Во „Брачниот портрет“ авторката „ексхумирала“ една млада личност која имала слична судбина – Лукреција, ќерката на Козимо I Медичи, големиот војвода од Тоскана. Како што беше случајот и со Хамнет, Лукреција се наоѓа само во историските фусноти. Но сепак „преживеала“ благодарение на мрачната, иронична песна „Мојата последна војвотка“ од Роберт Браунинг.

За овој случај се знае мошне малку, а и тоа што се знае е многу тажно. Лукреција е родена во легендарното италијанско семејство во 1545 година. Една од нејзините сестри требало да се омажи за Алфонсо Втори д’Ест, војводата на Ферара, но починала пред церемонијата. Нејзиното место го зазема Лукреција. Во шеснаесеттата година, пред да ја прослават првата годишнина од бракот, погребана е во мавзолејот на нејзиниот сопруг.  

Записите сугерираат дека Лукреција најверојатно починала од туберкулоза, но гласиштата дека ја отрул нејзиниот амбициозен маж кружат над 400 години.

Настаните од „Брачниот портрет“ не ги следиме хронолошки, па таквата структура на романот ја одразува дислоцираноста на Лукреција и го засилува нашиот страв. Во воведниот пасус ја гледаме младата војвотка како со нејзиниот сопруг седи на долгата трпезариска маса во мрачна куќа со високи ѕидови, длабоко, длабоко во шумата. Лукреција не може а да не забележи колку е чудно што во домаќинството нема луѓе – или сведоци. „Веќе не ја чувствува главоболката, ама ù оставила шу­плина во черепот, необична јаснотија, како небаре агонијата да ù го прочистила умот. Мислите ù се остри како точно пресечени и сјајни дијаманти. Доаѓаат една по друга како да се наредени на нишка. Гладна е, стомакот ù е рамен и измачувачки празен. Во твр­дината е. Смртта ќе дојде да ја земе – ако не вечерва, ако не утре, без­друго многу скоро.“ – пишува О`Ферел. Опкружувањето и претчувството на оваа девојка личат на сцена опишана од перото на Едгар Алан По. „Сигурноста дека наумил да ја види мртва покрај неа седи како зло присуство, како на сто­лот да ù слетала птица-грабливка со црни пердуви.“

Од тој момент на ужас што ѝ ги отвора очите, нашата хероина станува љубопитен набљудувач на сопствената несреќа. „Го остава пехарот, ја крева брадата, погледнува накај сопру­гот, Алфонсо, војводата на Ферара, и се прашува што ќе се слу­чи следно.“ Моќта на раскажување на Ферел е толку голема, што и ние, читателите, го правиме истото.

Следните 300 страници од романот покриваат хронолошки расфрлани настани од животот на Лукреција - најпрво низ исклучителната епизода од адолесценцијата што ја поминала во Тоскана. Меги О`Ферел плете нишки од историски детали за да ја исплете оваа приказна за прерано созреаната девојка и чувствителноста на контрадикторноста што со себе ја носи нејзината положба. Ѝ се чини дека палатата на нејзиниот татко се менува во зависнот од светлината. „Некогаш го чувствуваше како најбез­бедно место на светот, како камена тврдина со широки бедеми во кои децата на великиот војвода беа безбедни како во кутија за стаклени фигури: другпат ù се чинеше угнетувачко како затвор.“ 

Кога против нејзина волја е одведена во домаќинството на Алфонсо, го има истото чувство што ја притиска и измачува – но тоа чувство е засилено со тоа што е прогонувана од нејзината мртва сестра, додека нејзиниот нов сопруг ја планира нејзината смрт.

Меги О`Ферел манипулира со времето и точката на гледање, поради што постојано осцилираме меѓу сочувствителност и скептицизам. На крајот на краиштата, Алфонсо е можеби цврста рака и брутален кон неговите поданици, но ова е Италија во 16. век; неговиот политички и буквален опстанок зависат од доследно покажување моќ. Но, во сите моменти што ги поминува со неговата млада сопруга, зар Алфонсо не е соодветно човечен и грижлив? Нема ли нешто параноично и заблудно во опсесијата на Лукреција со апсурдноста на „неговата приказна, неговото преправање, неговото прикривање, неговата лажлива појава?“

Во еден момент на среќа сфаќа: „Не, невозможно е, сигурно згреши, сигурно сепак ја сака, си­гурно ја цени и почитува, зашто никој не би бакнувал вака, толку страстно и топло, нели – кој би можел да планира да убие неко­го ако во исто време го бакнува како да сака преку устата да му ја претури душата?“

Кутрата, наивна Лукреција...

На следната страница од овој роман и сенките на камените ѕидови почнуваат да делуваат злокобно. Врз Лукреција се зголемува притисокот да роди наследник, почнува да се здодева, животот одеднаш и делува застрашувачки апсурдно.

Единствен спас наоѓа во сликањето, со кое се занимава уште во татковиот дом. Особено се интересира за сликарите кои неговиот маж ги ангажира да го насликаат нејзиниот портрет -  сè додека не почне да се сомнева дека портретот, со својата шокантна веродостојност, би можел да ја замени...

Можеби ја познавате историјата и мислите дека знаете што следува, но не бидете толку сигурни. О`Ферел и Лукреција, со нивниот „кристално праведен гнев“, секогаш ќе бидат чекор пред вас.

Книгата „Брачниот портрет“, е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Поврзани производи

Sačuvano u omiljne
Motivišuće
Kreativno
Prilagođeno uzrastu
490 МКД
7,93 EUR

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

26.
Jul.
Литература
Не се согласувам, зборуваше Олга, сакам да се вратам во сонот и да се разбудам во некое друго утро, а луѓето трчаа низ правта што стануваше сè полесна...
26.
Jul.
Литература
Денеска одбележуваме 61 година од разорниот скопски земјотрес. Историјата, луѓето, архитектурата и населбите на Скопје се проткаени низ повеќе книги во издан...
26.
Jul.
Литература
За кратко време сите излегоа надвор. Децата беа по гаќи и по маица, таа по ноќница, а тие двете, двоглавата змија, стуткани до своите мажи, беа без шминка, б...
25.
Jul.
Литература
Во пресрет на почетокот на Летните олимписки игри, кои ќе се одржат од 26 јули до 11 август 2024 година во Париз, се потсетуваме на успесите на нашите спорти...
24.
Jul.
Литература
Нејзината импресивна приказна ја раскажува во биографската книга „Вистините во кои веруваме“, која на македонски јазик е во издание на „Арс...
21.
Jul.
Литература
Со книжевни настани во библиотеки, книжарници и културни институции во светски рамки деновиве се одбележуваат 125 години од раѓањето на големиoт американски ...
19.
Jul.
Литература
Ви претставуваме избор со топ 5 книги што ги препорачуваме за сите млади читатели за ова лето, кои ветуваат возбудливи и незаборавни авантури.
04.
Jul.
Литература
Оваа „папка“ со документирани случаи кои ги разрешил Шерлок Холмс се состои од 13 раскази неповрзани меѓусебе, во кои Артур Конан Дојл уште еднаш...
01.
Jul.
Литература
Станува збор за возбудлив крими-трилер, по кој е снименa и новата телевизиска мини-серија „Јаболката никогаш не паѓаат“ (Apples Never Fall), со А...
01.
Jul.
Литература
Романсата „Само ова лето“ од една од најталентираните нови авторки Аби Хименез наскоро ќе излезе од печат на македонски јазик, во издание на &bdq...
array(0) {
}
Memory Consumption is: 11.01 MB