Секогаш е нова книжевна авантура кога читателот се впушта во дело на Тејлор Џенкинс Рејд. Не само што ликовите ѝ се како изрежани од таблоидите, притоа таа и исклучително принципиелно си игра со формата и нарацијата. Вистинско уживање е да се поминува дождлив ден ракувајќи со нејзина книга наместо бесцелно да се листа по трач-рубриките на интернет. Иако сите се еднакво егзотични затоа што помалку или повеќе се coming of age романи, сепак, „Дејзи Џоунс енд Д Сикс“ е посебна, особено во нарацијата. Рејд ја отстапува фронтменската позиција на секој член, притоа секој концизно ја опишува сопствената верзија на посебен настан, преку некаква изјава или мисла. Овој книжевен принцип на доку-книга е одличен за да ги имплицира споредните и концентрично да ја наврти приказната околу двата главни лика.
Овој пат Џенкинс Рејд хронолошки го следи оформувањето на популарниот рок-бенд „Д Сикс“. Уште на почетокот, пред да биде преименуван, бендот ветувал квалитетна музика и талентирани музичари. Првично, браќата Били и Греам Дјун ја оформиле групата „Д Дјун брадрс“, на која како и на „Д Сикс“ Били е носечкиот столб - роден лидер што истовремено е и симпатичен и антипатичен, а често и егоцентричен.
Како и во секоја група, „Дејзи Џоунс енд Д Сикс“ се соочуваат со проблеми - љубомора за вниманието што го добива еден член од групата, вмешани романтични емоции и фрустрација во зачеток. Во рок-музиката не постои консензус, но постои едно златно правило „љубов, зависност и рокенрол“.
Дејзи Џоунс, пак, е стереотипен пример на женски вокал од тоа време, проблематична тинејџерка со ултрабогати, но зафатени родители во светот на шоу-бизнисот. Таа не е само надарена со вокални способности, таа е целосен пакет на вонсериски музички талент, урбана, друштвена, правична и добродушна. Сепак, иако наизглед е мила и темпераментна, нејзината душа носи длабока скршеница уште од детството, која ја тампонира со недоверба и прилично брутална осаменост. За да го поттикне лечењето на овие пукнатини Дејзи нурка во светот на опијатите и дрогата, до степен што си станува самата себеси најголем непријател. А, тука е Били, кој веќе го изодел истиот пат и во Дејзи ја препознава цената на славата, духот што го напуштил без страв дали тој ќе ги повлече и љубовта и способноста да сака со него. Сепак, дрогата и конкуренцијата на двата вокали не е тоа што им пресудило на „Дејзи Џоунс енд Д Сикс“, туку нешто многу поподмолно и потивко, жарче што ги почнало повеќето војни и некои од најпознатите изреки.
Додека бев на турнеја со Дејзи (буквален превод би бил Маргарита) неодоливо многу ме потсетуваше на Маргита од ЕКВ, поетска душа и див, нескротлив темперамент, која како и Дејзи поседувала доволен креативен набој за целодневен концерт, често поттикнат од мрачните понори на опојните средства.
Со својата ангажирана проза за турбулентниот период кога во заднина се случувала офанзивата на Виетнам и се родиле движењата на Децата на сонцето, Тејлор Џенкинс Рејд низ секој свој роман всушност ја раскажува историјата на модерната Америка во 20/21 век. Ликовите како Евелин Хуго, Кери Сото и Дејзи Џоунс се монументални и намерно изградени да личат на познати ѕвезди и ликови од шоу-бизнис енциклопедијата затоа што, барем во Америка, тоа и купува и продава, не само тиражи, туку и приказни што остануваат да живеат долго во замаглен облак меѓу фикцијата и нефикцијата.
Јована Матевска-Атанасова