Ново

„Бубрег и бременост“ од проф. д-р Билјана Герасимовска – нова книга за специјалистичко следење на бремените пациентки

15.10.2024.
„Бубрег и бременост“ од проф. д-р Билјана Герасимовска –  нова книга за специјалистичко следење на бремените пациентки
„Бубрег и бременост“ од проф. д-р Билјана Герасимовска –  нова книга за специјалистичко следење на бремените пациентки

Стручната книга што се осврнува на дилемите при следење на бремените пациентки со хипертензија или со бубрежни заболувања „Бубрег и бременост“, од проф. д-р Билјана Герасимовска, излезе од печат во издание на „Арс Ламина“. Станува збор за прва публикација на оваа тема на македонски јазик.

Оваа книга содржи повеќе практични упатства кои се однесуваат на следење и третман кај жени кај кои бубрегот првпат е засегнат во текот на бременоста, како и кај жени кои веќе имаат бубрежно заболување. Затоа, ќе биде од корист за нефролози, гинеколози и интернисти, а можеби и за општи лекари кои водат бремени пациентки. Книгата се препорачува и за специјализантите, за време на нивното учење и практичната работа. Изданието ќе им биде од корист и на студентите на Медицинскиот факултет доколку сакаат да научат повеќе и ако размислуваат за специјализација во сродни области. Бидејќи книгата содржи конкретно упатство за водењето одредена болест во текот на бременоста, можна е директна примена во работата на лекарите од сите споменати специјалности.

Недостигот на студии кои со точност би определиле безбеден начин на лекување, ограничената можност за примена на лекови, недоволно прецизните упатства, се причините зошто лекарот мора да биде особено внимателен во лекувањето на овие пациентки.

Големо е задоволството кога ризичната бременост ќе заврши добро за мајката и за плодот. Следењето не завршува тука бидејќи во иднина кај мајката се можни промени во бубрежната функција и хипертензија. Овие пациентки и натаму треба да останат под контрола на нефролог.

Секое поглавје на книгата почнува со презентација на случај со кој се сретналa авторката во реалната клиничка практика. Книгата почнува со она што се очекува во нормална бременост, во врска со физиолошките промени на бубрегот, и очекуваните лабораториски резултати во бременоста. Нормалните лабораториски наоди се многу изменети во споредба кога нема бременост, и тоа често создава забуна кај пациентките и кај лекарите.

Во книгата е застапено и поглавје за очекуваните наоди на бубрегот при одредени дијагностички постапки. Вклучена е и опсежна табела со лекови кои се дозволени или не во текот на бременоста. Во натамошните делови на книгата се опфатени патолошки состојби поврзани со бременоста и бубрегот, како што се акутно бубрежно оштетување и хронична бубрежна болест, системски болести, висок крвен притисок, уринарни инфекции. Вклучени се и дијабетичната бубрежна болест, гломерулонефритиси и неколку други вродени бубрежни заболувања со специфики за бременоста. Покрај приказот на случај и краткото дефинирање на состојбите, за секоја опишана состојба се вклучени табели или алгоритми, засновани на клинички упатства, за водење на состојбата. За поважните клинички состојби  е вклучен и приказ на исходот од бременостите.

Билјана Герасимовска е родена во Скопје, во 1969 година. Медицинскиот факултет го завршува во 1994 година на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Вработена е на ЈЗУ Клиника за нефрологија од 1998 година. Во 1999 година е добитничка на признанието „Жена на годината“ издадено од Американската биографска асоцијација за нејзиниот ангажман за подобрување на женското здравје. Завршила специјализација по интерна медицина, супспецијализација по нефрологија, како и специјализација по семејна медицина. Магистерската и докторската теза успешно ги одбранила во областа на хипертензија во бременост. Претседател е на Македонската асоцијација за хипертензија. Од 2007 до 2012 година била национален соработник на Светската здравствена организација за областа родови односи и здравје. Автор е на книгата „Integrated prognostic model and prediction of risk for preeclampsia“ издадена од германската издавачка куќа „Scholar's Press“. Коавтор  е на книгата „Методологија на научноистражувачка работа“, како и  неколку книги од областа на интерната медицина. Била активно вклучена во изработка на повеќе научноистражувачки проекти. Особен интерес посветува на научни истражувања во областа на хипертензијата и хипертензијата во гравидитет. Од 2022 година е редовен професор на Медицинскиот факултет во областите интерна медицина и нефрологија.

Книгата е достапна во поголемите книжарници и онлајн на www.literatura.mk.

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

02.
Jun.
Вести
 Свеченото доделување на книжевната награда „Оливера Николова“ за 2026 година. Наградата беше врачена на Ванчо Полазаревски за романот &bdqu...
02.
Jun.
Ново
Новиот роман „Срце, љубовникот“ од американската авторка Лили Кинг, позната и по романот „Писатели и љубовници“, излезе од печат во и...
25.
May.
Ново
„Случајно Ејми“ од Лин Пејнтер, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина - публикации“, е книга што лесно ќе г...
18.
May.
Ново
Со романот „Заплет“, авторката Џин Ханф Корелиц создава интелигентен и напнат книжевен трилер што ги вовлекува читателите во светот на писателите...
08.
May.
Вести
Денес светот одбележува сто години од раѓањето на Дејвид Атенборо – легендарниот и најпознат британски автор на природонаучни филмови, природонаучник, ...
01.
May.
Вести
Во весела и топла атмосфера, исполнета со детски џагор и насмевки, на 27 април, во рамките на Саемот на книгата, на штандот на „Арс Ламина“, беа ...
28.
Apr.
Вести
По хит-романите за Тито и Сирма, авторот на бестселери Зоран Спасов Ѕоф деновиве ја промовираше својата нова книга – „Гоце Делчев: Љубов и смрт&l...
27.
Apr.
Вести
Во прекрасниот и инспиративен амбиент на книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, во петокот (24 април) беше промовирана книгат...
26.
Apr.
Вести
Енергична и ведра, со постојана насмевка и исклучително топол и пријателски пристап, популарната американска авторка на психолошки трилери Сара Пеканен, во с...
22.
Apr.
Вести
На денешната прес-конференција, што се одржа во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, се обратија Бранка Бугариска, директорка на издаваш...
array(0) {
}
Memory Consumption is: 8.17 MB