Ново

Билјана Герасимовска: Книгата „Бубрег и бременост“ ќе биде од корист на докторите при следење на бремените пациентки со бубрежни заболувања

25.10.2024.
Билјана Герасимовска: Книгата „Бубрег и бременост“ ќе биде од корист на докторите при следење на бремените пациентки со бубрежни заболувања
Билјана Герасимовска: Книгата „Бубрег и бременост“ ќе биде од корист на докторите при следење на бремените пациентки со бубрежни заболувања

Првата стручна книга на македонски јазик што се осврнува на дилемите при следење на бремените пациентки со хипертензија или со бубрежни заболувања „Бубрег и бременост“, од проф. д-р Билјана Герасимовска, беше промовирана вчеравечер (24 октомври), во преполната „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“. Кон публикацијата, која е во издание на „Арс Ламина“ се осврнаа рецензентките проф. д-р Катица Зафировска и проф. д-р Ѓулшен Селим. Настанот беше збогатен со музички настап на Елизабета Мицева на виолончело.

Промоторките истакнаа дека оваа книга содржи повеќе практични упатства кои се однесуваат на следење и третман кај жени кај кои бубрегот првпат е засегнат во текот на бременоста, како и кај жени кои веќе имаат бубрежно заболување. Затоа, ќе биде од корист за нефролози, гинеколози и интернисти, а можеби и за општи лекари кои водат бремени пациентки. Книгата се препорачува и за специјализантите, за време на нивното учење и практичната работа. Изданието ќе им биде од корист и на студентите на Медицинскиот факултет доколку сакаат да научат повеќе и ако размислуваат за специјализација во сродни области. Бидејќи книгата содржи конкретно упатство за водењето одредена болест во текот на бременоста, можна е директна примена во работата на лекарите од сите споменати специјалности.

Д-р Герасимовска, која е професор на катедрата по интерна медицина на Медицинскиот факултет во Скопје, истакна дека својата професионална кариера како лекар и нејзината научноистражувачка работа ја почнала со грижа за бремени пациентки кои имаат висок крвен притисок.
- Искуството во оваа област кое го стекнував во период од повеќе од 25 години бараше постојано надградување со следење стручна литература, консултации со колеги, како и многу дилеми во клиничките одлуки. Ставовите за лекувањето на состојбите поврзани со бубрежни болести, или новонастанати состојби во бременоста кои го засегаат бубрегот, се менуваат. Бременостите кај пациентки со бубрежни заболувања не се препорачуваа. Сега постојат повеќе можности за нивно водење и успешно завршување. Секоја бременост со добар исход, во такви околности, е успех. Мотивацијата да се вклучат тие сознанија во книга настана поодамна, но се кристализираше во 2023 година. Објавени се поголем број нови клинички упатства кои се однесуваат на темата и постојат препораки за водење на бременоста и во претходно постоечки болести. Досега не е објавена таква книга кај нас, што беше и причина за подготовката на книгата. Многумина од помладите колеги секојдневно се среќаваат во амбулантата со бремени пациентки кои имаат некакво бубрежно засегање. Бременоста е состојба во која грижата е и за мајката и за плодот, и затоа постојат сериозни дилеми во водењето. Овие консултации се чести, и затоа претпоставив дека доколку имаат една книга, која конкретно им ги посочува приказите на случаи и упатствата за дијагноза и лекување, би им помогнала во нивната работа... Водењето на бремените пациентки со бубрежно засегање бара внимателно, често и темелно следење во текот на бременоста. Многу од овие состојби имаат влијание врз здравјето на мајката по завршувањето на бременоста и затоа следењето треба да продолжи. Со соодветно знаење, следење и мултидисциплинарен пристап со вклучување повеќе специјалности, исходот на бременоста ќе биде успешен. Верувам дека книгата ќе помогне за таа цел - рече авторката Герасимовска.
Таа додаде и дека големо е задоволството кога ризичната бременост ќе заврши добро за мајката и за плодот. Следењето не завршува тука бидејќи во иднина кај мајката се можни промени во бубрежната функција и хипертензија. Овие пациентки треба и понатаму да останат под контрола на нефролог.

Секое поглавје на книгата почнува со презентација на случај со кој се сретналa авторката во реалната клиничка практика. Книгата почнува со она што се очекува во нормална бременост, во врска со физиолошките промени на бубрегот, и очекуваните лабораториски резултати во бременоста. Нормалните лабораториски наоди се многу изменети во споредба кога нема бременост, и тоа често создава забуна кај пациентките и кај лекарите.

Во книгата е застапено и поглавје за очекуваните наоди на бубрегот при одредени дијагностички постапки. Вклучена е и опсежна табела со лекови кои се дозволени или не во текот на бременоста. Во натамошните делови на книгата се опфатени патолошки состојби поврзани со бременоста и бубрегот, како што се акутно бубрежно оштетување и хронична бубрежна болест, системски болести, висок крвен притисок, уринарни инфекции. Вклучени се и дијабетичната бубрежна болест, гломерулонефритиси и неколку други вродени бубрежни заболувања со специфики за бременоста. Покрај приказот на случај и краткото дефинирање на состојбите, за секоја опишана состојба се вклучени табели или алгоритми, засновани на клинички упатства, за водење на состојбата. За поважните клинички состојби  е вклучен и приказ на исходот од бременостите.

Билјана Герасимовска е родена во Скопје, во 1969 година. Медицинскиот факултет го завршува во 1994 година на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Вработена е на ЈЗУ Клиника за нефрологија од 1998 година. Во 1999 година е добитничка на признанието „Жена на годината“ издадено од Американската биографска асоцијација за нејзиниот ангажман за подобрување на женското здравје. Завршила специјализација по интерна медицина, супспецијализација по нефрологија, како и специјализација по семејна медицина. Магистерската и докторската теза успешно ги одбранила во областа на хипертензија во бременост. Претседател е на Македонската асоцијација за хипертензија. Од 2007 до 2012 година била национален соработник на Светската здравствена организација за областа родови односи и здравје. Автор е на книгата „Integrated prognostic model and prediction of risk for preeclampsia“ издадена од германската издавачка куќа „Scholar's Press“. Коавтор  е на книгата „Методологија на научноистражувачка работа“, како и  неколку книги од областа на интерната медицина. Била активно вклучена во изработка на повеќе научноистражувачки проекти. Особен интерес посветува на научни истражувања во областа на хипертензијата и хипертензијата во гравидитет. Од 2022 година е редовен професор на Медицинскиот факултет во областите интерна медицина и нефрологија.
 
Книгата е достапна во поголемите книжарници и онлајн на www.literatura.mk.

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

12.
Feb.
Вести
Инспириран од светот на животните и нивната сеприсутност во светската и домашната литература и уметност, сестраниот уметник и книжевник Владимир Мартиновски ...
09.
Feb.
Вести
Со театарска претстава и музичка изведба на најпознатите композиции на Бетовен, на 7 февруари, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд ...
07.
Feb.
Вести
Во весел и креативен амбиент, исполнет со многу емоции, детски џагор, смеа, боење и дружење, вчеравечер (6 февруари) во „Литература.мк“ во &bdquo...
07.
Feb.
Вести
По повод отворањето на 25. Зимски олимписки игри, кои вчеравечер официјално започнаа во Милано и Кортина, споделуваме извадок од книгата „Спортски стор...
26.
Jan.
Ново
Од авторката на бестселерите на Њујорк тајмс За пет години и Едно лето во Италија пристигнува љубовна приказна што зборува за љубовта и животот на една цела ...
21.
Jan.
Најнови изданија
Од авторката на бестселерот „Раскажувачката“, Џоди Пико, ни пристигнува новиот роман „Посакувам да си тука“. Книгата, која е бестселе...
20.
Jan.
Акции
Литература.мк подготви специјална онлајн понуда со мотивациски наслови што инспирираат, охрабруваат и помагаат во личниот развој.
29.
Dec.
Ново
Нова книга, совршена за овој празничен период - „Повик за будење“ од Бет О’Лири, авторката на светскиот бестселер „Заеднички стан&ldq...
25.
Dec.
Ново
Овој декември, „Арс Ламина“, ви ги носи најновите светски бестселери: романси што ќе го стоплат срцето, трилери што ќе ве држат на работ на седиш...
24.
Dec.
Ново
Новиот психолошки трилер „Лажгото“ од Луиз Џенсен, излезе од печат во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публи...
array(0) {
}
Memory Consumption is: 8.22 MB