Ново

„Арс Ламина“ го реобјави книжевниот класик „Книга на небото“ од Крсте Чачански

12.11.2024.
„Арс Ламина“ го реобјави книжевниот класик „Книга на небото“ од Крсте Чачански
„Арс Ламина“ го реобјави книжевниот класик „Книга на небото“ од Крсте Чачански

Книжевниот класик во македонската литература „Книга на небото“, од еден од најзначајните наши постмодернистички писатели Крсте Чачански, излезе од печат во ново руво и со нов поговор од Димитрие Дурацовски. Книгата, која е во издание на „Арс Либрис “, дел од „Арс Ламина – публикации“, е класифицирана во едицијата „Македонски книжевни класици“, придружувајќи им се на реобјавените дела на книжевните великани Блаже Конески, Оливера Николова, Петре М. Андреевски, Влада Урошевиќ,  Живко Чинго, Димитар Солев, Гане Тодоровски, Јадранка Владова и многу други.

Крсте Чачански е македонскиот Милорад Павиќ, Павиќ е европскиот Борхес, оттаму, Чачански е еден од најсилните текови на борхесовската струја во македонскиот постмодернизам.
Во романот „Книга на небото“ – круна на творештвото на бележитиот струшки раскажувачки маг Крсте Чачански, впрочем како и во неговите раскази, недостигаат стрелки на часовникот за мерење на времето. Ликовите и собитијата се изгубени во временска немерливост и бескрајност, во некое паралелно (не)постоење во кое сегашноста е само варијанта на минатото, а минатото – само варијанта на сегашноста.
„Книга на небото“, иако се занимава со минатото, е многу повеќе од историски роман. Аднан-бег, иако мечтае да направи сарај под реката Црн Дрим, е многу повеќе од необичен лик – тој е една од најкомплексните идеи во современата македонска книжевност на самиот праг од новиот век.

Крсте Чачански  (25.9.1949 – 13.6.2003) е поет, раскажувач, романсиер и драмски автор. Уште во раните осумдесетти години на 20 век Чачански се истакнува со вештината на спроведување постмодернистички наративни постапки во доменот на кусата проза, така што проследувачите на неговото творештво истакнуваат дека е „супериорен мајстор на расказот“. Неговите антологиски раскази се вклопуваат во линијата на македонската традиционална фантастика, но исто така ги преиспитуваат можностите на борхесовскиот тип на имагинативност, обоени во една изразено локална нијанса на струшкото поднебје.
Завршил Филолошки факултет во Скопје, група Македонски јазик и литература. Работел како директор на Домот на културата „Браќа Миладиновци“ во Струга. Член е на ДПМ од 1980 година. Добитник е на повеќе награди за проза и поезија: „Мисла“, „Гоцева повелба“, „Живко Чинго“, „Стале Попов“. Посебно значење има „Рациновото признание“ за проза, што го добива во 1997 година за романот „Сенката на лилјакот“.
Писателската врвица ја почнал со поезија, но објавил само две збирки песни – „Бреговина“ и „Лавиринт“. Во нив се насетуваат преокупациите што подоцна ќе ги развие во својата проза. Во расказот „Грабнување на поетесата“ од неговата прва збирка раскази „Писма“, Чачански ѝ оддава почит на својата поезија, нарекувајќи го главниот лик Ани Вогерб, што ако се чита одназад, го дава насловот на неговата прва стихозбирка.
Збирката „Писма“ е вистински книжевен настан во времето на својата појава. Во неа авторот настапува зрело, со изградена раскажувачка поетика која се карактеризира со нагласена енигматичност и мистериозност, фантастика, ониризам, интертекстуалност, локална обоеност, тек на свест, иронија, псевдонаучност, стилско-јазична иновативност. Во поговорот на новото издание на „Книга на небото“, Димитрие Дурацовски на многу интересен личен начин пишува токму за излегувањето на оваа култна збирка.
Втората збирка раскази носи наслов „Бермудски триаголник“, а потоа следуваат уште два избори раскази: „Чутуранга“ и „Индиго и квазар“.

За Чачански пишувале многумина. Трајче Крстевски и Слободан Мицковиќ имаат правено избори од неговите раскази, Науме Радически го проучувал системски и компаративно со регионалната книжевност... Катица Ќулавкова, Петар Бошковски, Соња Стојменска-Елзесер... го вреднуваат високо во современата македонска книжевност. 
Катица Ќулавкова: „Чачански е еден од најкомплексните македонски новелисти“.
Петар Бошковски: „Чачански ѝ припаѓа на таканаречената ‘стварносна’ проза и не може да се третира поинаку освен како дело што ја проблематизира животната реалност во рамките на тој систем“.
Соња Стојменска-Елзесер: „Чачански зазема значајно место во македонската раскажувачка традиција, самиот укажувајќи директно во својата проза на своите книжевни претходници (Живко Чинго), но и самиот бидувајќи вовлечен како лик или преку експлицитна посвета во расказите на некои негови следбеници (Оливера Ќорвезироска, Ненад Јолдески)“.

Романот „Книга на небото“ е достапен во сите поголеми книжарници и онлајн преку www.literatura.mk

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

02.
Sep.
Вести
Ракописот со наслов „Кривата Дијана (роман за верижната вина)“ од Фросина Пармаковска, е добитник на книжевната награда „Пегаз“ за на...
02.
Sep.
Најнови изданија
Новиот прирачник наменет за средните стручни економски училишта - АНАЛИТИЧКО-СМЕТКОВОДСТВЕН ПЛАН од Виолета Несторовска, во издание на „Арс Ламина&ldqu...
14.
Aug.
Ново
„Пробив кон глобална алијанса: Непознатите познати на НАТО“ од Лазар Еленовски излезе од печат во издание на „Арс Ламина“.
13.
Aug.
Акции
Од 13 до 17 август, „Автор во фокус“ е токму Габриел Гарсија Маркес, чии книги: „Се гледаме во август“, „Љубов во време на коле...
11.
Aug.
Вести
Четири години по отворањето во најголемиот трговски центар кај нас „Ист гејт мол“, книжарницата Literatura.mk Superstore доби значително проширув...
07.
Aug.
Ново
Новите сликовници „Предрасуди“ и „Традиција“ се вистинско летно освежување на лингвистичко-едукативната едиција „Големи зборови...
06.
Aug.
Акции
Акцијата „Автор во фокус“ продолжува со една од најпознатите американски авторки на трилери – Саманта Даунинг.
05.
Aug.
Ново
Нови производи за миленици во Литература.мк – удобност, стил и забава на едно место! 
31.
Jul.
Вести
На 31 јули во 1965 година, во Јејт, Англија, е родена британската писателка Џ. К. Роулинг, најпозната по фантастичниот серијал книги за деца „Хари Поте...
22.
Jul.
Акции
Акцијата „Автор во фокус“ ја продолжуваме со Лијан Моријарти – позната по нејзините трилери и романси, кои се адаптирани во популарни ТВ-се...
array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.7 MB