Ново

Илина Мангова: Сликовницата „Градоначалник“ ги учи децата на одговорност

29.11.2024.
Илина Мангова: Сликовницата „Градоначалник“ ги учи децата на одговорност
Илина Мангова: Сликовницата „Градоначалник“ ги учи децата на одговорност

Понекогаш малите уши на децата не ги собираат големите зборови на возрасните. Всушност, тие не ги разбираат. Со цел да им помогне на децата да ги разберат, а на родителите и наставниците полесно да ги објаснат гломазните зборови, како политика, еманципација, екологија, идентитет и слично, издавачката куќа „Арс Ламина“, под импринтот за деца „Либи“ ја почна новата едиција „Големи зборови за мали уши“. Со оваа едиција учиме големи зборови преку мали приказни од секојдневието. Ги подготвуваме децата за светот што ги чека.
Првиот наслов од оваа едиција е сликовницата „Градоначалник“ од авторката Илина Мангова, со илустрации на Александар Сотировски, што беше промовирана вчеравечер (28 ноември), во „Литература.мк“, во „Дајмонд мол“, во присуство на многубројни деца и нивните родители.

Промоторката на изданието, уредничката Оливера Ќорвезироска, откри дека соработката на авторката Илина Мангова со „Арс Ламина“ почнала филмски, но и многу регуларно (нешто на што едуцира и самата сликовница), како што е редот, го пратила текстот за книгата на мејлот rakopisi@arslamina.com. По што ракописот бил разгледан од колегиумот на издавачката куќа и прифатен за објавување.
- Илина нè изненади со понудениот текст, зашто ја знаевме од друг општествен контекст, од друго деловно поле - политикологијата. Текстот беше, односно е, мошне свеж и различен, поинаков од нештата со кои постојано се соочуваме, од нештата што постојани ни се нудат во издавачката куќа. Видовме дека текстот засекува длабоко со актуелното секојдневие и во состојбите со децата, со образованието, со „лудото“ време во кое живееме и ни требаше малку време да го обмислиме во поширок издавачки контекст - истакна Ќорвезироска.

Мангова откри дека идејата за приказната се родила кога учителката на нејзиниот син во градинка, Весна Пецeва, ги поканила родителите да бидат родители-учители на еден ден и својата работа да им ја претстават на децата.
- За мене ова беше голем предизвик, бидејќи работам на политички теми преку соработка со политички актери и институции, што беше комплицирано и неинтересно да им го доловам на деца од претшколска возраст. Ми текна дека можам да им доловам некој демократски процес кој на нив ќе им биде разбирлив и истовремено интересен. Најопиплив процес за таа цел ми беа изборите за градоначалник бидејќи децата имаат претстава за околината во која живеат и можат лесно да разберат дека луѓето кои живеат на едно место избираат некој - градоначалник кој ќе биде „главен“ за тоа место, и ќе биде одговорен за тоа како таа околина изгледа и да ја одржува. Смислив приказна за град по името на групата од градинка, четири кандидати за градоначалник, направив гласачка кутија и ги пречекав децата на моето работно место. Откако им ги претставив кандидатите на децата, тие можеа тајно да гласаат за еден кандидат. На крајот заедно ги броевме гласовите и можеа да видат кој победил. На децата им беше многу интересно, а по некој ден сфатив дека имам едукативна и забавна приказна и доволно текст кој можам да го доработам во текст за сликовница – рече Илина.
 
Главниот лик во оваа богато илустрирана книгичка, е малиот Тигран, кој од својата мајка добива одговор на прашањата - што е тоа градоначалник, што се избори и гласање. Преку јазик разбирлив за децата, таа му ги објаснува овие големи зборови, и процесот на гласање за нов градоначалник.
- Да не беше Тигран немаше никогаш да ја напишам книгата, ниту да размислувам за детскиот свет. Разговорите со мојот син ми беа главната инспирација, затоа и најавтентично ми беше ликот да го носи неговото име. Кога првпат му кажав дека приказната сум ја преточила во сликовница само смирено ја прими информацијата, но кога ја донесов сликовницата дома и му покажав дека главниот лик е тој, многу се возбуди и беше многу радосен. Малку беше критичен дека детето на сликовницата не личи на него, но му објаснив дека илустраторот има креативна слобода да го нацрта како што го замислил. Потоа ја читавме и гласаше за кандидатот што многу сака да направи паркови во градот, а потоа почна да ги собира и нашите гласови, на баба му и на тетка му, за да види кој кандидат ќе победи на овие мали семејни избори – рече таа.

Ова издание е корисен прирачник за сите родители, наставници и едукатори, кои сакаат да им го поедностават овој сложен збор и професија, но и да им помогнат да го разберат светот околу себе.
- Главната порака која ја учат децата преку оваа книга е за одговорност. Дека сите ние имаме некакви одговорности и нив треба да ги исполнуваме. Неопходно е децата од мала возраст да ги учиме на одговорност со цел да градиме поодговорни генерации. Преку оваа сликовница исто така децата учат и за изборите како демократски процес во кој луѓето со својот глас решаваат кој ќе биде одговорен за јавниот простор во кој живеат. Развиваат свест дека градоначалникот е одговорен да си ги исполнува своите обврски, да се грижи за јавниот интерес и да го одржува јавниот простор во кој живеат... Исто така важно ми е да пратам и порака за дарување и донирање. Мојот авторски хонорар го пренаменив во примероци кои ги донирам за да стигнат до деца од поранливи категории – истакна Мангова.

Илина Мангова е политиколог, која работи на унапредување на демократските процеси во Македонија и регионот. Таа е регионална советничка за Европа во Меѓународниот републикански институт (ИРИ) и соработува со политички партии, како и со извршната, законодавната и локалната власт во сферата на добро управување.

Александар Сотировски е македонски стрип-цртач и илустратор, автор на најновиот генерациски бран мејнстрим стрип-автори. Автор е на многу препознатливи стрипови и илустрации и има соработувано со повеќе домашни и светски продукциски и издавачки куќи.

Сликовницата „Градоначалник“ е достапна во сите поголеми книжарници и онлајн преку www.literatura.mk.

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

03.
Dec.
Ново
Свеченото доделување на наградата „Пегаз“ за 2025 година и промоцијата на победничкиот роман „Кривата Дијана“ од Фросина Пармаковска....
27.
Nov.
Најнови изданија
Излезе од печат новата книга на писателот Александар Русјаков – „Егосурфер“. Книгата, во издание на „Арс Либрис“, дел од &bdquo...
18.
Nov.
Вести
Издавачката куќа „Арс Ламина“ и оваа година ги поддржа Детските Рацинови средби во Велес.
17.
Nov.
Ново
Познатата холивудска ѕвезда Хеди Ламар, која истовремено била и позната иноваторка, е инспирација за новата книга „Единствената жена во просторијата&ld...
14.
Nov.
Вести
Доајенот на македонското спортско новинарство и автор, Зоран Михајлов, е добитник на престижната награда „13 Ноември“ за првата биографија посвет...
06.
Nov.
Вести
Големото книжевно наследство на Оливера Николова продолжува да живее преку наградата за најдобар необјавен роман за деца и млади, која го носи нејзиното име,...
30.
Oct.
Вести
Свечено доделување на книжевната награда „Оливера Николова“ за 2025 година и промоција на победничкиот роман „Џинџуџе“ од Ермис Лафаз...
24.
Oct.
Најнови изданија
Новата книга „Италијанската литература и култура на барокот, просветителството и неокласицизмот“ од авторките проф. д-р Ева Ѓорѓиевска и проф. д-...
22.
Oct.
Вести
Ентериерот на книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ е прогласен за најдобар на овогодишните награди што ги додели Асоцијација...
17.
Oct.
Вести
На денешен ден, 17 октомври 1934 година, во Скопје е роден големиот македонски поет, раскажувач, романописец, книжевен и ликовен критичар, есеист, антологича...
array(0) {
}
Memory Consumption is: 8.17 MB