Празничниот период е идеален за читање, за подарување и за споделување магија преку добри приказни. Овој декември, „Арс Ламина“, ви ги носи најновите светски бестселери: романси што ќе го стоплат срцето, трилери што ќе ве држат на работ на седиштето и историска фикција што ќе ве однесе во далечни времиња и судбини.
Книгите се совршен подарок за пријателите, соработниците, роднините – но и за вас! Подарете инспирација, возбуда и незаборавни моменти со страниците што ги носат најдобрите автори од светската литература. Со овие нови наслови, 2025 година ја завршуваме со наслови што оставаат трага, а 2026 ја дочекуваме со свежи приказни кои ќе ги сакаат сите љубители на литературата.
Станува збор за: „Атмосфера“ – Тејлор Џенкинс Рејд. „Единствената жена во просторијата“ од Мери Бенедикт, „Лажгото“ од Луис Џенсен, „Синиот час“ - Пола Хокинс, „Посакувам да си тука“ од Џоди Пико и „Повик за будење“ од Бет О’ Лири. Книгите се во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.
1. „Атмосфера“ – Тејлор Џенкинс Рејд (историска фикција)
Џоан Гудвин отсекогаш гледала кон ѕвездите. Професорка по физика и астрономија, задоволна со мирниот живот и со улогата на тетка на својата љубопитна внука, таа верува дека го пронашла своето место во светот – сè додека еден оглас не ја поттикне да го следи најголемиот сон – да биде меѓу првите жени научници во програмата на НАСА за вселенски летала. Џоан, избрана меѓу илјадници кандидати, влегува во свет каде што се сретнуваат храброста, амбицијата и пријателството. Во Центарот „Џонсон“ во Хјустон, таа тренира рамо до рамо со најдобрите: харизматични пилоти, упорни научници и мистериозни инженери, секој со своја тајна и своја цел. Во новото друштво Џоан ќе ја открие не само возбудата на вселената, туку и страста и љубовта што никогаш не ги очекувала. Но, кога доаѓа декември 1984 година и мисијата STS-LR9, еден момент ќе промени сè. Возбудлив, емотивен и инспиративен – „Атмосфера“ е роман што ја носи магијата на вселената и ја истражува трансформативната сила на љубовта. Приказна за ѕвездите, за храброста и за срцето.
2. „Единствената жена во просторијата“ - Мери Бенедикт (историска фикција)
Младата австриска актерка Хедвиг Кислер, обидувајќи се да го заштити своето семејство и себеси во пресрет на аншлусот – приклучувањето на Австрија кон нацистичка Германија – се мажи за Фридрих Мандл, богат индустријалец и производител на оружје. Тој краток и несреќен брак ќе заврши со бегство на Хедвиг во Америка, каде што од Австрија ќе понесе многу повеќе од спомени. Набргу Хедвиг Кислер станува позната под името Хеди Ламар, „најубавата жена на светот“. Никој не претпоставува дека холивудската ѕвезда некогаш била научничка и дека поседува важни информации за непријателското производство на оружје. Во моментот кога Америка влегува во војната, Хеди Ламар и нејзиниот пријател и соработник Џорџ Антајл веќе имаат подготвен изум – уред што може да ја смени историјата.
3. „Лажгото“ – Луис Џенсен (трилер)
Новиот потстанар на семејството Абот, Лук, не открива многу за себе, но не можат да очекуваат да знаат сè за странец кој штотуку се доселува кај нив. Но, Лук постојано прашува за нивните семејни фотографии и ги прегледува нивните работи. Зошто сака да знае сè за нив? И зошто ќерката Џен мисли дека некој ја следи? Потоа, одеднаш, мајката Мел праќа порака дека ѝ е потребен одмор. Но, Мел никогаш не заминала сама. И по неколку дена, никој ништо нема слушнато од неа. Додека ќерките Џен и Ејми очајно се обидуваат да ја најдат мајка си, остануваат сами со Лук. Исплашени се – и со право. Домот на Абот е полн со тајни, а некој е подготвен да оди до ужасни крајности за да ги заштити. Велат дека луѓето никогаш не ја кажуваат целата вистина. Имаат право.
4. „Синиот час“ - Пола Хокинс (трилер)
Добре дојдовте на Ерис - остров со само една куќа, еден жител - и само еден начин за бегство. Дванаесет часа дневно - целосно недостапен од копното на Шкотска. Некогаш одамна дом на Ванеса: прочуена уметница, чијшто славно неверен сопруг исчезнал пред дваесет години - без трага. Ерис сега е засолниште на Грејс - осамена жена што живее според ритамот на приливот и што го чува минатото на островот. Кога во лондонската галерија ќе биде откриено нешто шокантно, на Ерис ќе пристигне непоканет гостин. Тајните на островот ќе почнат да испливуваат... „Синиот час“ е мајсторски напишан психолошки трилер, кој е истовремено и вознемирувачки и неодоливо напнат. По планетарниот успех со „Девојката од возот“, Пола Хокинс уште еднаш ја потврдува својата позиција меѓу највпечатливите и најсуптилни раскажувачи во современата литература.
5. „Посакувам да си тука“ - Џоди Пико (романса)
Дајана Отул има совршено испланиран живот: Ќе се омажи до триесеттата, ќе има деца до триесет и петтата, ќе се пресели во предградие на Њујорк и ќе гради блескава кариера во светот на уметничките аукции. Сѐ оди по план - нејзиното момче Фин е подготвено да ѝ предложи брак за време на нивното романтично патување на Галапагос, токму пред нејзиниот роденден. Но, ненадејно избувнува вирус и Фин мора да остане во болницата. Дајана не сакајќи заминува сама. И веднаш сѐ тргнува наопаку: загубен багаж, нема интернет, хотелот е затворен, островот во карантин. Заглавена и отсечена од светот, Дајана мора да излезе од својот „балон“ и полека се зближува со едно локално семејство, особено со една тинејџерка што крие тајна. Среде магичната природа на Галапагос, Дајана почнува да ги преиспитува своите соништа, љубовта и иднината. Дали ќе се врати како истата личност или променета засекогаш?
6. „Повик за будење“ - Бет О’ Лири (романса)
Двајца рецепционери во хотел – и заколнати ривали – наоѓаат колекција стари бурми и се натпреваруваат кој прв ќе ги врати на нивните сопственици, додека по пат ја откриваат и сопствената љубовна приказна. Најфренетичниот период од годината, а хотелот „Форест манор“, буквално, се распаѓа и е на работ на опстанок. Затоа, кога Изи и Лукас добиваат смена заедно на рецепцијата, немаат друг избор, освен да ги остават настрана несогласувањата и да издржат до крај. Хотелот нема да опстане по Божик без да се случи некакво чудо. Но, кога Изи му враќа изгубена бурма на еден гостин, наградата што ја добива ја убедува управата дека токму тоа може да биде решението за сите нивни проблеми. Со уште четири прстени во одделот за изгубени работи, почнува трката меѓу Изи и Лукас за спасување на нивниот сакан хотел – и нивните работни места. Додека нивното жестоко ривалство се претвора во нешто многу покомпликувано, Изи и Лукас почнуваат да се прашуваат дали во оваа борба е во прашање само иднината на хотелот или има нешто повеќе од тоа. Дали ќе успеат да ја преживеат сезоната без да го изгубат сопственото срце?