Вести

Писателката Алма Растодер одржа час инспириран од книгата Музеј на детството во ООУ Александар Урдаревски од Чучер-Сандево

06.06.2022.
Писателката Алма Растодер одржа час инспириран од книгата Музеј на детството во ООУ Александар Урдаревски од Чучер-Сандево

Во прегратките на Скопска Црна Гора, во близина на нашата метропола, а сепак надвор од градскиот метеж, ООУ „Александар Урдаревски“ во Чучер-Сандево беше домаќин на час по литература за паметење. Во топлото јунско утре, непосредно пред завршување на учебната година, се одржа инспиративна средба на учениците, љубители на пишаниот збор и Алма Растодер, писателка на книги за деца, меѓу кои и најновиот роман „Музеј на детството“, које во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Училишниот двор, исполнет со весел детски џагор, испреплетен со милозвучните тонови на природата, се покажа како идеална „училница на отворено“, во која се величеа пишувањето и книгите.

Децата и наставниците, покрај тоа што се израдуваа што им гостуваше вистинска писателка, беа благодарни што издавачката куќа „Арс Ламина“ подари пакет книги, лектири и читанки од едицијата „Лесно читливо!“, како и примероци од романот „Музеј на детството“, наменети за збогатување на книжевниот фонд во училишната библиотека. Книгите се повеќе од потребни во ова мало училиште, каде што децата се желни за читање книга плус.

Авторката Алма Растодер не го криеше задоволството и радоста што имаше можност да одржи ваков мотивациски и едукативен час со најмладите читатели. Љубопитните ученици, од повеќе генерации од ова основно училиште и поставија многу интересни прашања: Како се станува писател? Како настануваат нејзините книги? Од каде црпеше инспирација за нејзината книга „Музеј на детството“? Колку време требаше да се напише романот? Какви книги преферира? Дали возрасните читаат книги за деца? Кои книги би ги понела на пуст остров? Писателката со задоволство одговараше и советуваше. Вели дека овој час бил поучен и инспиративен и за неа.

– Разговорот со децата навистина умее да нè разнежни, насмее и да ни отвори нови видици. Тоа и се случи на оваа средба со учениците од ООУ „Александар Урдаревски“. Интересните прашања за процесот на пишување и издавање книги уште еднаш ни покажаа дека има љубопитни ученици кои ги сакаат книгите и кои сметаат дека тие се „најдобриот извор на мудроста“, како што кажа една од учениците. Дополнително, ме израдува што меѓу нив има и такви што сакаат да бидат писатели и сакаат нивните книги да бидат дел од понудата на издавачките куќи – рече таа.

Книгата за деца и млади „Музеј на детството“ од авторката Алма Растодер, која беше промовирана во март, е прозна сложувалка, колаж, пачворк од повеќе приказни за детството во различно време и од различни простори, врзани меѓу себе, допрени во една определена точка или сосем самостојни. Она што ги обединува во целина и што овозможува да ги читаме и како фрагментарен роман за млади е можноста личните приказни да се сфатат како книжевни експонати во замислениот музеј на детството, што е и носечката идеја при раскажувањето.

За Алма Растодер оваа посета на ООУ „Александар Урдаревски“ истовремено беше патување кон минатото (навраќајќи се кон спомените и сеќавањата од детството), но и кон иднината – поттикнувајќи ги децата да читаат, но и да пишуваат, бидејќи така се создаваат идни писатели!

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

04.
Nov.
Вести
Една од најплодотворните, најнаградувани и најчитани македонски писателки, која остави траен белег во македонската литература, Оливера Николова, почина на 88...
27.
Sep.
Вести
На 8 октомври (вторник), во 20 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, ќе се одржат свеченото доделување на наградат...
12.
Apr.
Вести
Книжарниците „Литература.мк“ и „Ист гејт мол“ донираа едукативни играчки во „СОС Детско село“. 
10.
Mar.
Вести
Онлајн-страницата на „Литература.мк“ e прогласена за најдобра е-продавница за култура, настани и едукација на Ecommerce Awards 2022. 
array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.84 MB