Вести

Конкурсот за книжевната наградата Пегаз отворен до први септември

28.07.2022.
Конкурсот за книжевната наградата Пегаз отворен до први септември

Четвртиот конкурс за книжевната награда „Пегаз“, за најдобар необјавен роман на годината, ќе биде отворен до први септември 2022 година.

На конкурсот, распишан од издавачката куќа „Арс Ламина“ и Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, можат да конкурираат сите необјавени романи наменети за возрасни или за деца. Романите треба да бидат предложени од самите автори-кандидати за наградата, кои треба да ги достават своите ракописи во електронска форма во „Word“ или во ПДФ-формат на електронската адреса pegaz@arslamina.com.

Ракописите ќе ги оценува тричлена стручна жири-комисија, составена од реномирани книжевни дејци и еден претставник на издавачот, чијшто состав ќе биде објавен дополнително.

Наградата „Пегаз“ се состои од паричен износ од 90.000 денари и објавување на романот во посебна едиција. Добитникот на наградата ќе биде објавен најдоцна до крајот на оваа година.

Доколку и некој друг од ракописите биде оценет позитивно, издавачот „Арс Ламина“ може да понуди објавување и на второ и треторангираните романи.

Наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман е своевидно продолжение на веќе етаблираната награда „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата за промоција и унапредување на културните вредности „Славко Јаневски“. Наградата се доделува од 2019 година.

На минатогодишното, трето издание на наградата „Пегаз“, пристигнаа 44 ракописи, а првото место го освои романот „Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков. Во 2020 година, од пристигнат 61 ракопис, првото место го освоија Љупчо Петрески со романот „Лазарка“ и Владо Јаневски со романот „Мртвите знаат најдобро“. Во 2019 година, пак, на првото издание на „Пегаз“, пристигнаа 77 ракописи, од кои жирито за најдобар го прогласи романот „Насон прочитана книга“ од авторката Соња Манџук.

Во продолжение се потсетуваме на досегашните победници на конкурсот.

„Насон прочитана книга“ од Соња Манџук (победничка на „Пегаз“ за 2019 година)

Тоа беше мала книшка по обем, со сосема обични корици, еднобојни, но, допрени од времето, личеа на печена глина и го имаа оној карактеристичен мирис на стара хартија. Сосема обично и логично. Насловот: Adeptus Anonimus – Sommnium. Година на издавање 1890, Лондон. Издавач: Теозофско друштво. Морав да седнам. И седнав во еден агол. Изненадувањето ми беше огромно, но не знам дали поради него, со голема брзина во мојата глава минуваа и се менуваа и Борхесовиот сон и еден одамна прочитан и заборавен сон на Јунг, а го видов и Успенски – иако не знаев како изгледа – како ù вели на една мачка: ако е ова сон, оваа мачка нека се престори во пес.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку https://www.literatura.mk на следниот линк:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13610

„Мртвите знаат најдобро“ од Владо Јаневски (победник на „Пегаз“ за 2020 година)

„Каде е линијата меѓу сонот и јавето?“ е најрелевантното прашање во „Мртвите знаат најдобро“, што му го поставува имагинарниот лик Ичиро на неговиот создател – Фуриозо, за да додаде веднаш потоа: „Се надевам дека сега ви е јасно дека сонот и јавето се еднакво реални и важни“. И, воопшто, целото дејство во романот се движи по тенко јаже, оптегнато меѓу реалноста и измислицата, додека во меѓупросторот се случува бизарниот живот на синот Фуриозо и таткото Шикамото, кои се занимаваат со бизнис на платени убиства. Овој роман, што потсетува на делата на популарниот современ писател Харуки Мураками, е луциден, игрив и забавен, но истовремено проникнува и во многу морални и етички прашања, што му дава особена вредност. Сценаристичкиот пристап на авторот и доминантната дијалошка форма се пресудни дејството да се доживее поблиско и понепосредно, што предизвикува вистинско читателско уживање.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку https://www.literatura.mk на следниот линк:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14454

„Лазарка“ од Љупчо Петрески  (победник на „Пегаз“ за 2020 година)

„Лазарка беше љубовница на Лазар. Имаше име, но сите ја викаа Лазарка. Постоеше, но сите ја избришаа, така и остана до ден-денес. Не беше среќна, иако беше цврста, моќна и одлучна жена. Лазар, пак, сигурно го знаете, тој е оној што Исус го воскреснал четири дена по неговата смрт, и сите поверуваа во чудото. Лазар, братот на Марта и Марија, кој се врати од мртвите и ја пренесе на христијаните пораката за вечноста на животот. Истиот тој Лазар кој ја остави Лазарка во заборав понесен од чудото наречено воскреснување и замина за Кипар.“

Лазарка е фиктивен лик создаден од поетесата Силвија Плат и истовремено е метафора за жената која во хетеронормативното општество е омеѓена во „розовото гето“. Лазарка е и Силвија Плат и Дора Карингтон и Ева Браун и сите други женски ликови кои преку алузии и директни цитати упатуваат на силни авторки и уметници, жени кои се бореле да излезат од сенката и од доминацијата на нивните машки партнери, а истовремено да востановат рамноправен поредок во нивните односи.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку https://www.literatura.mk на следниот линк:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14453

„Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков (победник на „Пегаз“ за 2021 година)

„Хотел меѓу две војни“ е смел и богат псевдоисториски роман за љубовта на Мустафа Кемал Ататурк и Елени Каринте. Забранета империја во процепот меѓу фактите и фикцијата, меѓу војните и мирот, меѓу срцата и умот во нас, но и надвор од нас. Опсада на Троја соѕидана во душата на Мустафа наспроти јуришот на тагата и болката на Елени испишани во два романа: во долгиот постмодернистички „Хотел меѓу две војни“ на Русјаков и во истоимениот кус, сентиментален роман на Елени, вгнезден во него како резервно женско срце.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку https://www.literatura.mk на следниот линк:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14904

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

04.
Nov.
Вести
Една од најплодотворните, најнаградувани и најчитани македонски писателки, која остави траен белег во македонската литература, Оливера Николова, почина на 88...
27.
Sep.
Вести
На 8 октомври (вторник), во 20 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, ќе се одржат свеченото доделување на наградат...
12.
Apr.
Вести
Книжарниците „Литература.мк“ и „Ист гејт мол“ донираа едукативни играчки во „СОС Детско село“. 
10.
Mar.
Вести
Онлајн-страницата на „Литература.мк“ e прогласена за најдобра е-продавница за култура, настани и едукација на Ecommerce Awards 2022. 
array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.83 MB