Вести

Новиот роман на Влада Урошевиќ, во издание на Арс Ламина, e добитник на наградата Роман на годината

15.03.2023.
Новиот роман на Влада Урошевиќ, во издание на Арс Ламина, e добитник на наградата Роман на годината

Новиот роман на Влада Урошевиќ, „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“, е добитник на наградата Роман на годината за 2022. Станува збор за седмиот роман на академик Урошевиќ, кој е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Победникот на престижната награда, што по 24-ти пат ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, беше соопштен на прес-конференција, што денеска (15 март) се одржа во „Буква“. Наградата се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари.

За победникот одлучи жири-комисијата во состав Симона Јованоска (минатогодишна лауреатка и претседателка на жирито), Илир Ајдини, Гоце Ристовски, Сашо Кокаланов и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата).

Во најтесниот избор, покрај романот на Урошевиќ, влегоа и „Папокот на светлината“ од Венко Андоновски („Три“), „Писмо за Глорија“ од Живко Грозданоски („Или-или“) и „Столб што пее“ од Томислав Османли („ВиГ Зеница“) . Првично, за наградата конкурираа 35 романи (од кои седум беа од „Арс Ламина“), во првата селекција влегоа 19 наслови, по што изборот се сведе на шест наслови.

Романот „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ беше претставен на 23 февруари 2023 година со свечена промоција во киното „Фросина“, МКЦ. Книгата, заедно од уште три дела од Урошевиќ, се дел од едицијата „Македонски книжевни класици“.

Приказната во романот „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ почнува летото 1898 година. Во преодните денови помеѓу веќе исцрпениот XIX век и тукушто родениот XX век – Никола се враќа од своите студии на Ecole supérieur de pharmacie во Париз. Со себе го носи научното знаење од Западот и етосот на модерниот, просветлен човек, желен да ги примени во своето родно Скопје. Дома – во големата куќа на крајот на градот, покрај течението на реката Вардар – го чекаат татко му Харалампие, трговецот на ангро, мајка му Евдокија и трите помлади братучетки. На прв поглед, животот на ова семејство изгледа нормален, пристоен, па дури и здодевен. Но, работите не се такви како што изгледаат. Нешто страшно и неискажливо ја фрла својата сенка врз семејството Пустополски. Старата куќа крие свои тајни што се протегаат сè до Ориентот и кои се однесуваат на богатството на дедото на Никола. Приказната за еден прстен купен во Старата скопска чаршија го втурнува Никола во низа настани чиешто потекло, смисла и цел не му се целосно јасни...

Влада Урошевиќ (17.10.1934, Скопје) е еден од најпознатите македонски книжевни и културни дејци. Твори во речиси секој жанр и секоја форма: поезија, расказ, роман, есеј, патопис, книжевна и ликовна критика, книжевна теорија и превод. Дипломира на Филозофскиот факултет, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во родниот град. Во 1982 година е избран за доцент на новоотворената Катедра за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет при УКИМ, каде што докторира во 1987 година. На истата катедра држи курсеви по историја на европските литератури од 19 и 20 век. Покрај професорската кариера, работи и како соработник и уредник на Редакцијата за култура и уметност на Телевизија Скопје и како уредник на списанието „Разгледи“. Неговото творештво е обемно и разновидно. Почнувајќи со „Еден друг град“ (1959), објавува 11 збирки поезија, како и шест романи: „Вкусот на праските“ (1965), „Мојата роднина Емилија“ (1994), „Дворскиот поет во апарат за летање“ (1996), „Дива лига“ (2000), „Невестата на змејот“ (2007), „Маџун“ (2018). Зад себе има три книги записи и патописи, повеќе книги во кои се собрани критиките и есеите за македонските писатели и две книги за фантастиката во сликарството. Се афирмира и како антологичар на повеќе изданија. За своите дела и преводи е добитник на многубројни награди и признанија: трипати на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга на „Струшките вечери на поезијата“, двапати на наградата „Стале Попов“, двапати на наградата „Григор Прличев“ за најдобар препев. Освен домашните, носител е и на неколку странски признанија. За својот книжевен и преведувачки опус, пак, именуван е првин за витез на Редот на уметноста и литературата, а потоа и за офицер на истиот Ред од Владата на Република Франција. Книгите на Влада Урошевиќ се преведени на повеќе јазици: англиски, бугарски, германски, дански, полски, руски, словенечки, српски, хрватски, француски и шпански.

Романот од Влада Урошевиќ е достапен во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

12.
Apr.
Вести
Книжарниците „Литература.мк“ и „Ист гејт мол“ донираа едукативни играчки во „СОС Детско село“. 
10.
Mar.
Вести
Онлајн-страницата на „Литература.мк“ e прогласена за најдобра е-продавница за култура, настани и едукација на Ecommerce Awards 2022. 
array(0) {
}
Memory Consumption is: 7.94 MB