Вести

Романот И љубовта од словенечкиот писател Драго Јанчар – добитник на наградата Латисана во Италија

20.04.2023.
Романот И љубовта од словенечкиот писател Драго Јанчар – добитник на наградата Латисана во Италија

Словенечкиот писател Драго Јанчар ја доби триесеттата меѓународна книжевна награда „Латисана за североисток“ (Latisana per il Nord-Est) за својот роман „И љубовта“ (2017), на свеченост што се одржа на 15 април во театарот „Одеон“ во Латисана, Италија.

Наградата „Латисана“ е востановена во 1994 година и се доделува на писатели кои се родени или живеат во италијанските региони Фриули Венеција Џулија, Трентино Алто Адиџе и Венето, во Австрија, Хрватска и Словенија и чиишто книжевни дела се сместени во овие региони или обработуваат теми од овие географски области. Жири-комисијата, што го избра романот на Јанчар меѓу трите финалисти, во своето образложение им стави акцент на „избраната проза на Јанчар“ и на „маестралниот италијански превод на Дарја Бетоки“. Во експликацијата тие забележуваат и дека авторот им ја доближува на италијанските читатели приказната за љубовта, за омразата и за последиците од војната врз протагонистите во романот и врз неговиот роден град Марибор.

При прогласувањето на добитникот, Јанчар истакна: „Во финалниот избор бевме тројца финалисти со своите романи – двајца одлични италијански писатели, Паоло Малагути и Матео Мелкиоре, сите тројца од милански издавачки куќи, двајцата од познатата издавачка куќа ’Ејнауди‘, а јас допливав на бродот на Тезеј, така се вика мојот италијански издавач (La nave di Teseo). И сите тројца седевме во ходникот и чекавме. Осумчлената жири-комисија составена од книжевни критичари, т.е. претежно од критичарки, заседаваше додека настанот беше во тек. Јас не сакам такви стресни ситуации. Во фудбалот, на пример, кога ќе промашиш пенал знаеш на што се должи тоа, а тука единствено можеш да чекаш и да видиш што ќе се одлучи. Едноставно, мојот роман малку повеќе ги убеди членовите на жирито... се разбира, нашата словенечка приказна им раскажа нешто за нив, Италија, исто така, познава слични човечки пресврти како во книгата ’Историја‘ на Елза Моранте, на пример. Мило ми е што оваа фикциска и истовремено вистинска приказна од Марибор стана еден вид универзално сеќавање на војната. За жал, таа (војната, н.з.) постои сè уште... и не само во нашата перцепција – само помислете на сè што се случува сега во Украина“, и додава, „јас отсекогаш сум пишувал, тоа е мојот начин на живот, дури и кога спијам: често, додека спијам, го сонувам тоа што треба да го напишам“.

Романот „И љубовта“ е објавен на македонски јазик во 2021 година во едицијата „Современи класици“ под импринтот „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Преводот од словенечки јазик е дело на искусниот преведувач Дарко Спасов и е поддржан од Јавната агенција за книга на Словенија (ЈАК).

„И љубовта“, наслов зајмен од песна на Лорд Бајрон, е восхитувачка приказна за волјата и за издржливоста на човековиот дух наспроти историските совпаѓања и трагедијата. Преку раскошен стил испреплетен со извонредни лирски интермеца, Драго Јанчар отвора комплексни прашања и изложува суштински дилеми со кои се соочува модерниот човек.

По окупацијата на Југославија од страна на германските сили во 1941 година, словенечкиот град Марибор, град со многубројно германско малцинство низ историјата во кој се зборува и на германски јазик, е анектиран кон Третиот Рајх. Во градот, преименуван како Марбург на Драва, довчерашните соседи и пријатели стануваат крвници, а низ околните ридови се организира движење на отпорот.

Трите носечки лика во романот, Валентин, партизан и борец на отпорот, неговата девојка Соња и СС-офицерот Лудвиг, некогаш познат и како Лудек, се обидуваат – секој на свој начин – да ја одбранат нивната љубов од бесмислата на злото и пропаста на човековото достоинство. Војната ја нарушува нивната перцепција за себеси и за светот и неповратно ги уништува нивните животи.

Извор: https://beletrina.si/novice/drago-jancar-prejel-nagrado-latisana

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

27.
Sep.
Вести
На 8 октомври (вторник), во 20 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, ќе се одржат свеченото доделување на наградат...
12.
Apr.
Вести
Книжарниците „Литература.мк“ и „Ист гејт мол“ донираа едукативни играчки во „СОС Детско село“. 
10.
Mar.
Вести
Онлајн-страницата на „Литература.мк“ e прогласена за најдобра е-продавница за култура, настани и едукација на Ecommerce Awards 2022. 
array(0) {
}
Memory Consumption is: 7.46 MB