Под слоганот „Следи ја приказната“, издавачката куќа „Арс Ламина“ ќе се претстави на 35. Меѓународен саем на книгата, кој ќе се одржи од четврти до десетти мај, во СЦ „Борис Трајковски“, Скопје. На штандот на „Арс Ламина“ за време на саемот ќе има попусти до 70 отсто, многу саемски новитети, промотивни настани и работилници за деца. На програмата се средби со писателите и потпишување книги, од кои ја издвојуваме ексклузивната можност за средба со годинашниот добитник на престижните награди Роман на годината и „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата – академик Влада Урошевиќ, што ќе се одржи на 6 мај (сабота) во 13 часот.
Покрај попустите, ќе има специјална понуда со книги за 100 денари и за 200 денари, како и сетови со неколку книги за 300 денари. Со секој купен примерок на „Резерва“ од принцот Хари на денот на крунисувањето на кралот Чарлс Трети (шести мај), ќе следува подарок книга. Со купени десет книги се добива дополнителен попуст од 10 отсто на каса.
Во понудата се многу саемски новитети: најочекуваните интернационални бестселери, книги за самопомош и нови сликовници и книги за деца, како и многубројни интерактивни изданија.
На денот на отворањето на саемот 4 мај (четврток), во 17.30 часот неколку илустратори-соработници на „Арс Ламина“, на самото место ќе го разубават штандот со своите цртежи. На настанот ќе присуствуваат Наталија Лукомска, Калиопи Трпчева, Иванка НиБа, Јована Велинова-Трајанова, Љубиша Камењаров и други.
На 5 мај (петок) во 10 часот ќе се одржи работилница за деца инспирирана од списанието за предучилишна возраст „Ѕвезди“. Два часа подоцна ќе се одржи работилница за ученици од основните училишта на тема: списанијата „Прв детски клик“ и „Детски клик“.
Во сабота (шести мај), покрај настанот со Влада Урошевиќ, на кој ќе го потпишува романот на годината – „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“, кој е во издание на „Арс Ламина“, во 18 часот закажано е потпишување на новиот роман од проф. д-р Мимоза Ристова, „Варшавската срна“.
Следниот ден (седми мај, недела) во11 часот е закажана работилница за деца инспирирана од популарните серијали „Исидора Мун“ и „Мирабела“ од Хариет Мункастер. Во 13 часот ги очекуваме читателите на „На кафе со авторите на ’Арс Ламина‘“. На настанот ќе присуствуваат Сибо („Зелениот дворец“, добитник на „Пегаз“ за 2022), Зоран Спасов Ѕоф („Џабе живиш у Скопје“), Ана Стојаноска („Ние“), Марија Ралповска („Мастилна мапа“), Хари Кацановски („Анатрос“), Џон Илија Апелгрен („Забранети луѓе“), Билјана Велковска („Умешност на лутината“), Марко Виденовиќ („До сто и една и назад“), Билјана Лотеска („Жолти чорапи“), Оливија Георгиевска („The Black cat Mara – the hat shubara“), Елизабета Баковска („Бакнежот на пролетта“), Владимир Лукаш („Поклони се и почни“) и Христина Шеќероска („Кула од бројки“).
На 8 мај (понеделник), со почеток во 10 часот ќе се одржи работилница за деца инспирирана од едукативниот серијал „Учиме со Софија“. Еден час подоцна ќе се одржи средба со авторката на „Јас сум Миа“ – Јана Мишо, наменета за ученици. Во 12 часот закажана е средба на младите читатели со познатиот писател за деца Васил Мукаетов. Следниот ден (9 мај, вторник) во 10 часот на агендата е работилница за деца инспирирана од едицијата „Емоционална железница“, со фокус на сликовниците од младата авторка Маја Мишевска: „Мравката Тони“, „Бумбарот Боби“, „Гасеницата Кики“ и „Бувот Оли“. Во 12 часот најавена е средба со писателот Велко Неделковски, поттикната од неговата нова едиција за деца „Прегрнати книги“.
На последниот саемски ден (10 мај), во 10 часот ќе се одржи работилница за деца инспирирана од сликовницата „Жолти чорапи“ од Билјана Лотеска, која е дел од едицијата „Емоционална железница“.
Каталозите со сите нови изданија и попусти можете да ги погледнете на линковите подолу.