Романот „Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина - публикации“ е добитник на наградата „Роман на годината“ за 2025 година, што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“. На соопштувањето на добитникот на престижната награда, што се одржа денеска (13 март) во просториите на Друштвото на писателите на Македонија, Ќорвезироска изјави:
„Од сè срце му се заблагодарам на жирито и особено на „Две Марии“ на Славко Јаневски од каде што тргнаа моите „Три Марии“. Им се заблагодарувам на сите претходници со кои се занимавам децении наназад, за да им се оддаде заслужената почит, за да им се навратиме, да ги реактуелизираме, да ги стркаламе нивните зборови како џамлии во нашите реченици, или нашите писма да ги испрпелкаме во нивните како во шеќер во прав, да ги пофатиме и размрсиме заплетканите нишки на континуитетот или на дисконтинуитетот... Со добивањето на оваа награда, имам чувство како претходниците – преку Славко Јаневски, здружени со современиците (членовите на жирито), да ми возвраќаат за почитта и грижата и за едните и за другите. Не знам што ќе се случело и дали воопшто нешто ќе се променело или ќе останело какво што беше, доколку наградата ја добиев на 35, 40 или 50 години. Дали ќе напишев повеќе книги отколку што напишав; дали ќе напишев подобри (или полоши) книги од тие што веќе ги напишав. Но, сепак, со сигурност знам дека сега ништо нема да се случи по наградата, ниту, пак, нешто ќе се промени. Се радувам, се разбира, но ќе продолжам трипати да читам, еднаш да пишувам, како и досега. Ќе продолжам да се радувам и на туѓите награди и книги, не само на своите. Сакам да им посакам на сите млади колеги, особено на оние кои допрва започнуваат со оваа работа – акцентот да го стават и трајно да го позиционираат на читањето, не на пишувањето; зашто, за да може да се напише она што не се случило поубедливо и подобро отколку што би било доколку се случело, мора да се прочита дури и ненапишаното, а не пак напишаното.“
Покрај „Роман на годината“, Ќорвезироска за „Три Марии“ ги доби и: наградата „Стале Попов“ на ДПМ за најдобро прозно дело за 2025 година, како и „Рациновото признание“, со што стана првиот македонски писател што ги добил овие три престижни признанија за едно исто дело.
Романот-басма „Три Марии“ е внимателно осмислен омаж на Славко Јаневски, којшто не е класична посвета, ниту римејк на конкретно дело. Исто така, на корицата на романот е употребен детаљ од сликата „Бош“ од Славко Јаневски, а дизајнот е дело на Марко Трпески.
Романот содржи три самостојни приказни за три различни жени, кои носат исто име – Марија, и кои сакаат да го напуштат моменталниот живот поради грешна љубов. Своја или туѓа. Иако станува збор за современ роман од нашево време и од нашиов микропростор (Скопје), во него има етнообичаи од североисточна Македонија: китење младоженец со пари, погребување мртовец со кукла... како и свадбарско „мавиле“ од велешкиот крај. Фолклористичките обичаи, верувањата и суеверијата, црните судбини, фатуми и карасевди се мотиви што во извесна смисла го „оправдуваат“ поднасловот роман-басма.
Оливера Ќорвезироска (1965, Куманово) е авторка на следните книги: „Трети кат“ и „Високите бели“ (поезија); „Кифличката Мирна“ и „Мојот брат од тринаесеттиот кат“ (романи за деца); „Дедо Миле“, „Зорки и Цветка“ и „(С)обувки“ (сликовници); „Отвораат ли сништата работа“, „Еден текст и една жена“ и „На полпат“ (критика и есеистика); „Заклученото тело на Лу“, „Аб’т“ и „Три Марии“ (романи за возрасни); „Страдањата на младиот лектор“, „(С)плетени раскази“, „Две перници“, „(Со)шиени раскази“, „Новелички без шеќер“, „Улиците што ги нема“ и „Престапни години“ (раскази за возрасни).
Застапена е во дваесетина антологии на современиот македонски расказ, објавени дома и во странство. Нејзините раскази се преведувани на англиски, француски, унгарски, албански, чешки, српски, бугарски, словенечки, полски, руски, германски и грчки јазик.
Ќорвезироска е повеќекратен добитник на значајни награди за расказ во Македонија, а за „(С)плетени раскази“ во 2003 година ја има добиено наградата за најдобра проза на Друштвото на писателите на Македонија „Стале Попов“. Член е на ДПМ и на Македонскиот ПЕН-центар.