Во емотивна атмосфера, исполнета со многу сеќавања, анегдоти и голема почит, вчеравечер (17 април) во преполната книжарница „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ беше промовирана биографската книга „Фудбал под сенка“, посветена на легендарниот македонски фудбалер Васил Рингов, во авторство на новинарот Срѓан Ивановиќ.
Делото, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, беше претставено од авторот Ивановиќ, уредничката Бисера Бендевска и едниот од синовите на славниот фудбалер – Марио Рингов. Тие споделија свои видувања и сеќавања поврзани со создавањето на книгата, како и со ликот и делото на фудбалската легенда.
„Фудбал под сенка“ на искрен и непосреден начин ја раскажува животната и спортската приказна на Рингов - еден од најзначајните фудбалери во македонската и југословенската историја, чие име е тесно поврзано со успесите на ФК Вардар. Книгата нуди увид не само во неговата богата кариера, туку и во личните предизвици, размислувањата и вредностите што го формирале како спортист и како човек.
„Кога Васил Рингов беше фудбалер, јас бев дете – буквално со него го научив фудбалот. Се познававме низ годините и го поканив на промоцијата на мојот претходен роман, но тој беше спречен поради здравствени причини, па ме замоли да му зачувам една книга. Му дадов примерок, па ми рече дека ќе ја прочита книгата и веднаш ќе се чуеме. Иако не очекував, следниот ден ми се јави да ми каже дека книгата е одлична и дека сака да се видиме. На таа средба ми предложи јас да ја пишувам неговата биографија. Првично го одбив, велејќи дека немам искуство со биографии. Потоа следуваше период на поинтензивни дружби, во кои ми раскажуваше многу анегдоти. На една средба ни раскажа трилерска случка што ме остави без зборови – тогаш веќе беше неизбежно да ја прифатам идејата да ја напишам неговата приказна. Следуваше многу интересен период во кој барем еднаш неделно се среќававме. Тој со часови раскажуваше, а јас запишував и подоцна проверував. Имам, на пример, снимен материјал на лаптоп каде што без престан зборува седум и пол часа. Најмногу се зборува за фудбалот – тој е во центарот на книгата – но Рингов велеше: ‘Не сакам да зборуваме за головите, тие ги има на Јутјуб; не сакам да зборуваме колку победи сум имал, тоа го има на Википедија. Сакам да зборуваме за животот.’ И навистина, зборувавме за животот. Неговиот живот е една голема трилер-приказна, со толку интересни случувања што ми беше лесно да го составам текстот. Неговиот животен пат беше навистина посебен. Ми откри, на пример, дека на почетокот фудбалот не го интересирал многу – се занимавал со кошарка, а фудбал почнал да игра затоа што тоа добро му одело. ‘Да знаев добро да свирам, ќе бев музичар’, велеше. Ова не е книга само за фудбалот, иако беше еден од најголемите македонски фудбалери, туку и книга за еден навистина голем човек“, рече авторот Срѓан Ивановиќ.
Книгата излегува постхумно, неколку месеци по смртта на Рингов, кој активно беше вклучен во нејзиното создавање. Денот на промоцијата, пак, се совпаѓа со датумот на неговото раѓање.
На настанот се обрати и еден од неговите синови – Марио Рингов. Тој истакна дека секој што го познавал неговиот татко, ќе го препознае во оваа книга:
„Кога ќе ја читате книгата, ќе го слушнете, ќе го препознаете неговиот глас. Ние како семејство имавме многу интересен живот покрај него – ги слушавме сите негови приказни одново и одново, секогаш со исто внимание.
Особено ми е драго што преку книгата тие приказни ќе продолжат да се раскажуваат и ќе останат за неговите внуци и за идните генерации. Ѝ Благодарам на издавачката куќа ‘Арс Ламина’ и на авторот Срѓан Ивановиќ што овозможија неговата приказна да живее и понатаму.“
Тој додаде дека Васил бил борец за правда, но тоа не го истакнувал многу гласно:
„Секогаш се стремеше кон правичност и фер и сакаше тоа да ни го пренесе и нам. Читајќи ја книгата, дознавме и многу работи за кои не знаевме претходно како точно се случиле, што нè изненади. Неговите приказни не се одвивале лесно и спонтано – напротив, минувал низ турбулентни периоди и се борел со многу предизвици. Секогаш излегувал како победник, а дури и кога тоа не било така, на крајот бил задоволен од себе и од начинот на кој се поставил во тие моменти. Се надевам дека токму таа карактерна особина ќе ја наследиме ние – неговите деца и внуци.“
На промоцијата се обратија и повеќе негови пријатели и соиграчи, меѓу кои и Дарко Панчев. Тие споделија емотивни сеќавања, почит, но и анегдоти по кои беше препознатлив Рингов. Со оваа книга, спомените и неговите приказни продолжуваат да живеат.
Книгата „Фудбал под сенка“ веќе е достапна за продажба во книжарниците на Литература.мк и онлајн преку www.literatura.mk