Секоја книга доаѓа со своето време, но некои книги продолжуваат да живеат и долго откако ќе ја свртиме последната страница. Во нив продолжуваат да одѕвонуваат прашањата што нè засегаат, болките што ги препознаваме и надежта што, и покрај сè, упорно бара начин да остане жива. Таква е „Кривата Дијана“ од Фросина Пармаковска – роман што минатата година ја освои наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман, во организација на „Арс Ламина“, во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски“. Станува збор за приказна што храбро и без разубавување зборува за личната и за колективната траума, за вината, за повторувањето на болните обрасци, но и за простувањето, за надежта и за човечката потреба да се најде смисла во светот што често ја губи.
Романот, објавен во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, продолжи да го наоѓа својот пат до читателите, а неговата авторка во изминатата година повторно се сретна со нив – низ разговори, промоции, нови читања и низ разни толкувања. Во меѓувреме, Пармакоска направи и едно поинакво, но еднакво важно книжевно патување: кон светот на најмладите читатели, со сликовницата „Екологија“, објавена во едицијата „Големи зборови за мали уши“, во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“.
Во очекување на прогласувањето на новиот добитник на наградата „Пегаз“, кое ќе се одржи во почетокот на септември, погледот повторно се враќа кон минатогодишната победничка - Фросина Пармаковска. Зборувавме за една година живот на „Кривата Дијана“, за читателите, за траумата и за надежта, но и за нејзината прва сликовница и за новите приказни што тивко, како чекори во далечината, веќе се приближуваат.
*Помина една година откако „Кривата Дијана“ ја освои наградата „Пегаз“. Кога денес ќе се навратите на тој момент, што ви значи ова признание и што се промени за вас како авторка во изминатата година?
— „Пегаз“ за мене беше навистина ново и прекрасно искуство. Како и со секоја друга книга, учам нешто ново, нешто што за мене е секогаш непроценливо. Повторно се среќавам со моите читатели, запознавам нови, се раѓаат нови читања и толкувања и тоа ми е, лично, најубавиот дел од патувањето. Секако дека наградата има огромен удел во тоа, како и промоцијата на книгата и пристапот до побројна читателска публика.
*Една година е доволно долг период книгата да се оддалечи од својот автор и да почне да живее свој живот. „Кривата Дијана“ во тој период помина низ различни средби со читателите, меѓу кои беше и неодамнешната промоција во Пионерски дом во Битола. Како изгледа таа средба со романот кога веќе не сте само неговата авторка, туку и сведок на начинот на кој другите го читаат и го доживуваат?
— Во Битола секогаш си поминувам преубаво – и приватно и службено. Настанот помина во убав амбиент, се поврзав преку убавата магија на зборот и споделивме радост што се гледаме повторно или првпат – радост што не познава географски одредници, туку е чиста, читателска.
*„Кривата Дијана“ е роман за личната и за колективната траума, за вината и за повторувањето на болните обрасци, но и за простувањето и надежта. Како денес ја читате сопствената книга – од дистанца од една година? Дали некои од нејзините пораки сега Ви звучат поинаку?
— Од денешна перспектива, по една година, многу работи се променети: имаме фантастичен јавен превоз во главниот град, чисти улици и булевари, прекрасни комарци со тигрести шари, градови каде што водата е луксуз, затворени судски процеси, супердостапни цени во маркетите... Иронијата настрана, за жал, не ја гледам сопствената книга поинаку – истите обрасци, истите повторувања, но и истите прашања: се исцрпува ли надежта? Ја испивме ли до последна голтка? Има ли некакво магично шише без дно во кое можеме да бараме утеха? До кога ќе нè трпи оваа земја?...
*При доделувањето на „Пегаз“ рековте дека, акоможевте, никогаш не би го напишале романот ако немало потреба да биде напишан. Откако книгата веќе живее меѓу читателите, дали чувствувате дека таа потреба што Ве натерала да ја напишете добила свој одговор?
— Јас сосем истото го чувствувам во моментов – да, ова е единствената моја книга што би избрала никогаш да не ја напишам. Ова се трауми, наши заеднички трауми, за кои сè би дала да нè одминат. Од друга страна, кога веќе се случуваат и кога веќе се повторуваат, меѓу другото, општествена должност на писателот е да ја погледне таквата реалност и да ја опише, да ѝ даде глас на најверен можен начин, на начин кој ќе допре до луѓето и ќе ги поттикне да размислуваат, да бараат некаква смисла, можеби да се надеваат, да не молчат пред неправдата – каков било поттик на таквите процеси кај читателите е успех за една книга.
*„Кривата Дијана“ многу директно се потпира врз реалноста што ја живееме. Како реагираа читателите на таа блискост со вистинските случувања и со колективната болка? Дали некоја реакција особено ви останала во сеќавање?
— Не можам да изделам поединечна реакција, сите ми се еднакво драги. Имаме прекрасни, искрени, ентузијастични читатели и бескрајно им благодарам на сите за поддршката што ми ја даваат повеќе од една деценија наназад.
*Една од силните линии во романот е прашањето како да се прекине „магичниот круг“ на вината и на траумата. По сè што се случи во периодот од објавувањето досега, дали и понатаму верувате дека простувањето и надежта се можен излез?
— Кога не би верувала, секојдневието и, општо, животот би ми бил доста депресивен. Да, понекогаш паѓам со духот и со вербата, особено кога ќе се најдеме во вителод настани што се граничат со надреализам, но се трудам и давам сè од себе да најдам радост и што е можно повеќе да ја умножам.
*Наскоро ќе биде прогласен новиот победник на наградата „Пегаз“. Што значи една награда како „Пегаз“ за македонските автори и за необјавените ракописи? Што би му порачале на овогодишниот победник, од перспектива на некој што пред една година бил на негово место?
— Наградата значи одлична можностда се објави ракописот, да се промовира на најдобар можен начин и, секако, да стигне до поширока читателска публика. На овогодишниот победник му посакувам многу читања, успех и „вечност на писанието“ – да остави трага кај сите нас, сега, овде, во иднина, таму, некогаш...
Од едната страна е романот што нè соочува со најтешките места во колективното и во личното искуство. Од другата е приказната за најмладите, за природата и за одговорноста што ја имаме кон светот што ни е доверен. Меѓу нив стои истата авторка, но со сосема поинаков јазик и со поинаква читателска публика.
*Минатата година беше објавена Вашата сликовница „Екологија“, во едицијата „Големи зборови за мали уши“. Беше ли тешко да се префрлите од пишување за комплексни внатрешни и општествени состојби кон јазикот на најмладите читатели?
— Беше многу интересен предизвик и голема задача – да се опишуваат посложени поими на начин што ќе допре до децата. Приказната ми дојде природно, повторно инспирирана од сопственото секојдневие и од околината и можеби поради тоа, ја пишував со извесна леснотија, па дури и забавувајќи се во самиот процес. Дополнително, илустрациите на Александар Сотировски просто ме воодушевија – мислам дека многу раскошно, детално и на најдобар можен начин ја донесоа приказната за мачорот Еко и за станарите од Народни херои бр. 18.
*„Екологија“ е Ваше прво дело за деца. Изјавивте дека пораката во неа е важна и за возрасните – дека треба да бидеме одговорни за себе и за околината. Што Ви беше најголемиот предизвик при пишувањето за деца и што сакавте да им остане на малите читатели по последната страница?
— Сакав да им остане пораката за една хипотетична слика „пред“ и „потоа“; една слика за тоа како е, а како може да биде; колку сопствениот влог е важен почетен чекор на патот кон колективната грижа во која, секако, важен фактор се институциите за кои децата допрва ќе учат и ќе ги запознаваат сите механизми со кои ќе можат во иднина да дејствуваат.
*Од „Кривата Дијана“ до „Екологија“ – од колективната траума и вината до одговорноста кон светот во кој живееме – што е следно од Вас? Дали веќе се раѓа некоја нова приказна или сè уште му оставате време на она што следува?
— Мојот „рок“ на збогување со секоја книга и со нејзино целосно пуштање на слобода е приближноедна година. Токму во наредниов период таа година од мојот последен роман истекува и малку срамежливо и тивко, но не сосем нечујно, почнувам да слушам чекори на нови ликови, а по логиката на нештата, со нив доаѓаат и нивните приказни.