Секое навраќање на култната македонска серија, со која пораснаа многу генерации - „Опстанок“, е потсетување за едно минато и за незаборавно детство. Малкумина знаат дека овој македонски телевизиски класик е снимен според романот „Светлината зад ридот“ од Трајче Крстески, кој е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“.
Едно запурничаво летно попладне, пред почетокот на учебната година, сè замре. Ни птиците не испуштаа глас, немаше скакулец да скокне, ниту гуштер да шавне. Четирите деца качени на сплавот среде реката и занесени во рибарењето, не забележаа дека наближува бура. Додека беа заслепени од молњите и задушени од дождот што истураше се бореа со невремето, сплавот се откачи од сајлата и се пушти по реката! Како да се спасат? Дали да скокнат и да допливаат до брегот или да останат на сплавот?
Од овој драматичен почеток започнува една незаборавна авантура во која децата ќе мора да покажат храброст, снаодливост и доверба едни во други. На нивниот пат ќе се појават бројни опасности, но и луѓе што ќе им помогнат да сфатат колку се важни пријателството, човечноста и надежта.
Во 1990 година оваа приказна оживеа и на малите екрани преку серијата „Опстанок“, во продукција на ТВ Скопје. Со автентичните природни пејзажи, возбудливата приказна и впечатливите ликови, серијата брзо стана една од најгледаните детски серии кај нас. Ликовите на Босилка, на Петре, на Анѓа и на Стојанче, како и на Осамениот, останаа дел од колективната меморија на неколку генерации.
Но, „Опстанок“ беше многу повеќе од само детска серија. Таа беше едукативна авантура штоги учеше децата за природата, за тимската работа, за пријателството и за издржливоста. Во време пред паметните телефони и пред интернетот, оваа серија беше прозорец кон еден поинаков, повозбудлив свет, каде што најголем предизвик беше да се запали оган или да се најде вода за пиење.
Денес, повеќе од три децении подоцна, „Опстанок“ претставува вистински културен артефакт и временска капсула за една генерација. Нејзината трајна магија не лежи само во едукативниот карактер туку и во чувството на авантура, на слобода и на невиност што го пренесува. Можеби токму затоа и денес толку често се споменуваат ликовите и сцените од серијата – како потсетник на едно поедноставно, но незаборавно детство.
Ако серијата ви останала во сеќавање, „Светлината зад ридот“ ќе ви овозможи повторно да ја доживеете истата авантура, но со уште повеќе детали и длабочина. А за новите генерации, книгата претставува можност да откријат приказна што и денес еднакво возбудува и инспирира.
Книгата „Светлината зад ридот“, која е лектира за седмо одделение, е достапна во сите поголеми книжарници и онлајн преку веб-продавницата Literatura.mk.