Што би се случило доколку една ноќ добиеме можност повторно да го проживееме минатото, да ја погледнеме сегашноста со други очи и да ја видиме сопствената иднина? Токму вакво необично патување доживува Ебенизер Скруџ, главниот лик во „Божиќна песна“ од Чарлс Дикенс. Преку неговата средба со трите божиќни духови, писателот раскажува приказна за каењето, за простувањето и за можноста за лична промена.
„Божиќна песна“ од Чарлс Дикенс првпат е објавена во 1843 година и повеќе од 180 години подоцна сè уште ја задржува својата актуелност. Книгата е достапна во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, и е вклучена во листата на лектирни изданија, што ја прави одличен избор за младите читатели, но и за возрасните што сакаат повторно да ѝ се навратат на оваа класика.
Во средиштето на приказната е Ебенизер Скруџ, богат сметководител и скржавец, кој не покажува разбирање за другите луѓе и ги отфрла вредностите што ги симболизира Божиќ – несебичноста, добрината, љубезноста и споделувањето. За него, празникот е само уште еден обичен ден, без причина за радост и без потреба да им посвети внимание на луѓето околу себе.
Неговиот живот добива неочекуван пресврт во една студена божиќна ноќ кога го посетува духот на неговиот покоен деловен партнер Џејкоб Марли. Тој го предупредува за последиците од себичниот начин на живот и му најавува три натприродни посети. Наскоро пред Скруџ се појавуваат духовите на Божиќното минато, сегашност и иднина.
Преку овие средби Скруџ повторно ги доживува важните моменти од својот живот, ги согледува последиците од сопствените постапки и се соочува со судбината што го очекува доколку не се промени. Патувањето низ времето станува можност да ги преиспита своите избори и да ги открие вредноста на љубовта, на пријателството и на грижата за другите. Така, човекот што целиот живот го посветил на стекнување богатство започнува да сфаќа дека вистинските вредности не се мерат со пари.
Преку фантастичните елементи и преку натприродните појави Дикенс обработува теми што се присутни во секое време: осаменоста, алчноста, социјалната нееднаквост и личната одговорност. Токму универзалните пораки ја прават „Божиќна песна“ безвременско дело. Од првото издание во 1843 година, новелата е постојано во печат, преведена е на многу јазици и добила бројни филмски, театарски и музички адаптации.
Овој ноември приказната за Ебенизер Скруџ доби нова филмска интерпретација со остварувањето „Ebenezer“ (2026). Филмот ја претставува познатата приказна преку поинаков визуелен пристап, со елементи на фантазија, на мистерија и на натприроден трилер. Премиерата во САД се одржа на 13 ноември, а во Македонија филмот започна да се прикажува на 12 ноември.
Режијата на филмот е на Тај Вест. Во главната улога на Ебенизер Скруџ настапува Џони Деп, а во актерската екипа се и: Ијан Макелен како Џејкоб Марли, Руперт Гринт како Боб Крачит, Андреа Рајзборо како духот на Божиќното минато, Трамел Тилман како духот на Божиќната сегашност, Сем Клафлин како Фред, внукот на Скруџ и Артур Конти како младиот Скруџ. Во филмот играат и Дејзи Ридли, Ели Бамбер, Чарли Марфи и Хенри Лојд-Хјуз.
Дејството е сместено во Лондон во викторијанскиот период и го следи Скруџ во неговото натприродно соочување со минатото, со сегашноста и со иднината. Новата филмска верзија ги задржува препознатливите мотиви од делото на Дикенс, но ги претставува преку поинаква режисерска визија и современ филмски израз.
Она што ја прави оваа приказна посебна е нејзината трајна порака дека никогаш не е доцна за промена. Таа нè потсетува дека материјалното богатство не може да ја замени човечката блискост и дека добрината, сочувството и несебичноста се вредности што треба да ги негуваме секој ден, а не само за време на празниците.
Ви препорачуваме најпрво да ја прочитате новелата на Чарлс Дикенс, а потоа да го погледнете „Ebenezer“ и да ја доживеете приказната и преку новата филмска интерпретација. Читањето ќе ви овозможи подобро да ги запознаете ликовите и пораките на авторот, додека филмот ќе понуди поинакво доживување на добро познатата приказна.
Книгата „Божиќна песна“ од Чарлс Дикенс, во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е достапна во книжарниците на Литература.мк и онлајн преку www.literatura.mk.