Помеѓу пламените јазици на војната, луѓето го учат јазикот на љубовта. Љубовта не е утеха, туку боженствена вистина, парче што боговите им го подариле на луѓето за да се чувствуваат вечни. Во монсунските предели на Сајгон, каде што животот е или здив или кришка среќа, се црта триаголникот помеѓу англискиот репортер Фаулер, заводливата Фуонг и тивкиот Американец Пајл. Фаулер е искусен и оженет маж што далеку од дома ја нашол сласта по гревот, со неверство и заблуда. Пајл, пак, е спротивност на Фаулер, млад, амбициозен, со пргава снага и душа, со храброст да застане на радарот на огнено оружје, а премногу логичен и допустлив во љубовта. Романот не е еднострана љубовна приказна за невозвратена љубов и за пропуштени можности, затоа што Греам амбициозно прикрпил и алегорија во главните ликови. Двослојноста никако не смее да се изземе при читањето, па така симболиката на Фуонг е привлечна територија по која се граба посилниот пол.
Војната во Индокина — борба против комунизмот
Демократијата наголемо се обидувала да го сруши комунистичкото уредување, идеолошката рак-рана во поновата историја. Без оглед што соборувањето носело цивилни жртви, отпорот бил параван за да се воспостави глобална моќ врз недопрениот и богат со суровини Исток.
Романот се случува пред катастрофалната американска инвазија на Виетнам, во време кога француските сили дејствувале против комунистичкиот режим на чело со Хо Ши Мин. Пајл и Фаулср се наоѓаат среде туѓа војна, помеѓу вкрстените огнови на герилците од Виет Мин и Демократската Република Виетнам против државата Виетнам и против француската гарда. И двајцата на истата страна на правдата, барем така се чини.
Фаулер има брз јазик, саркастичен е и провоцира со ароганцијата што не може лесно да ја заузда. Пајл е „Јенки“, селско момче што дострелало до Харвард. Но, и покрај ривалството за Фуонг, помеѓу нив се развива чудна емотивна врска, водат интелектуална и реална џентлементска битка за освојување на женското срце.
И додека за странците женските тела се засолништа од дождовните куршуми, за младите Виетнамки животна шанса е да најдат човек што би ги избавил од бедата. Наддавањето за Фуонг не ја повредува, ниту ѝ ласка, таа одлично се снаоѓа во улогата на индиферентна и понизна девојка. Дисциплината да ја одигра улогата со наведната глава и да ги задоволи ниските страсти на љубовните конквистадори е само влог што подоцна ќе ѝ се исплати. Иско Фаулер и телесно ја добил, Пајл по принципот на изумреното кавалерство се обидува да ѝ го подметне американскиот сон — за почит и за сигурност.
Ликови исткаени со симболизам и со алегорија
„Тивкиот Американец“ од Греам Грин е двослоен роман. Може да се чита како романса, но и како политичка драма. Фуонг е територијална претензија на Англија и на Америка, вечната борба за превласт, помеѓу стариот и импотентен британски ветеран Фаулер и младиот романтичар и ЦИА-агент Пајл. Пајл пренесува пластични експлозиви, паралела помеѓу колонизмот и комунизмот, силите што метастазираат во земјите од третиот свет, инфилтрирани со наводна парола за ослободување и за спроведување демократија.
Театар зад маските — наивноста и невиноста на Пајл се помоќни сојузници од цинизмот, а најголем доскок има незнаењето. Фаулер точно ја знае својата улога во војната, дури и кога тоа е одразот на неговата сенка— посесивната природа, незадоволството од католичкиот брак со сопругата, проекцијата за сопствениот грев што ја канализира во туѓ кревет. Понекогаш наивноста е единствениот дијалект што не може да го протолкува оној што слепо верува. Одличен пресврт на улоги и на карактери, смрт што мириса на продолжение и на лесна победа. Дали хаосот може да ги сокрие злосторството и идеологијата?
Во романот е издлабена историјата и стапката на болка и искушение, на ривалство што ја надминува љубомората. Греам Грин се обидел да ја долови суровата родова разлика – убавината на жените и страдањето на мажите, а на средишниот напоредник, војната со секогаш отворено жариште.
Според романот, снимен е и филм во режија на Филип Нојс. Главните улоги ги играат: Брендан Фрејзер, Мајкл Кејн, До Ти Хаи Јен и Раде Шербеџија. Мајкл Кејн бил номиниран за Оскар за најдобра машка главна улога во 2002 година за остварувањето на суетниот Фаулер.
Книгата што е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е достапна во сите поголеми книжарници и онлајн преку www.literatura.mk.
Пишува: Јована Матевска Атанасова