Се сеќавате на разјадувачката љубовна киселина која ви го скокоткала стомакот или ескалаторот што се движел по вашите вени и артерии, се зашивал за внатрешните органи полека и тивко, па штом сте помислеле на првата љубов секоја клетка во вашето тело била разбудена од струја? Таа струја за Ванеса Вај била пресилна и ги изгорела осетите, ја убивала систематски и бавно, без доказ.
Инспирирана од прекројувањата за дефиницијата на педофилија, во епоха кога зрелоста и љубовта се ставаат во претесен пресек да бидат издржани и двете, “Мојата мрачна Ванеса” е прогонувачки роман за фалсификуваните сеќавања.
Раскажана низ објективот на Ванеса Вај, толку детално и експлицитно, а сепак со задржана будност помеѓу поимите “жртва” и “провокатор”. Како малкупати жените да се соочиле со негативните последици на храбростa да излезат и да ја признаат својата ранливост, да признаат дека биле злоупотребени или нападнати. Во тие моменти кога се проколнуваат зошто барале правда, па се потпираат на ставот дека женската физиономија секогаш ќе ги стави во безизлез од предрасуди, поминуваат низ карамбол од превирања: повредена, агресор, виновна . Општеството бескрупулозно го вперува прстот во жената со единствениот изговор што низ вековите се скроил за женскиот род “ Сама си го барала”. Овој страв и мисла се можеби и главниот поводник на книгата.
Една од илјадниците кои стравуваат да ги признаат грешките е и триесет и две годишната Ванеса. Меланхолично и уморно ја преживува младоста, во нејзиното тело измачено од копнеж и обвинување живее старица, таа не може да продолжи напред без чеизот од минатото. Опседната е и дише со ритамот на поранешната љубов, но откако еден нов скандал индиректно ќе ја инволвира и неа самата, старите фотоленти се отвораат. Она што таму ќе ја дочека се изгорени спомени, бледи контури и површно закопани скелети. Ванеса не ги препознава спомените на кои дотогаш детално се сеќавала, а притоа и сакала да ги заборави. Таа е емотивно созреана личност и од сегашната перспектива нејзината прва љубов наликува на злоупотреба наместо на слатко сеќавање и спомнување.
На свои седумнаесет години Ванеса првпат се вљубува. Или барем така мисли. Доколку заплетот застанеше тука, “Мојата мрачна Ванеса” ќе се загубеше во купот книги како уште една романса за првата љубов. Очигледно Кејт Елизабет Расел трагала по контроверзија, по модерно скроена Лолита. Затоа Ванеса се вљубува (вистинскиот превод би бил “била заведена”) во Стрејн, нејзиниот професор по книжевност. Возејќи напред и назад, во временски расчекор од 17 години, се оцртуваат двете Ванеси- наивната тинејџерка и искусната, но незадоволна млада жена згазена од одлуките кои се чини не ги направила доброволно. Како приказната напредува така и чувствата на Ванеса се расплетуваат и таа сфаќа дека симптомот на прва љубов ја прескокнал, а оставил едно лажно позитивно искуство кое кожата го памети.
На моменти ќе се гадите од сцените провокативно опишани, па дури и ќе се заљубите во професорот Стрејн, но никако не се обвинувајте за лошата пресуда, напротив, обидете се да влезете во чевлите на Ванеса, само така ќе ѝ дадете крајна цел на книгата, а тоа е “невин додека не се докаже спротивното”