Вести

Изданија од Арс Ламина во потесен изборот за најдобри книги според читателите – Reader’s Choice Book Awards

18.11.2021.
Изданија од Арс Ламина во потесен изборот за најдобри книги според читателите – Reader’s Choice Book Awards

Петнаесет книги од издавачката куќа „Арс Ламина“ влегоа во потесниот избор на наградата за најдобри книги според читателите – Reader’s Choice Book Awards. Натпреварот „Книга на годината“ во Македонија, кој се одвива онлајн на интернет-страницата www.kniganagodinata.mk и каде што сите читатели можат да го дадат својот глас за омилените изданија. Селекцијата се базира на девет жанровски категории. Ќе бидат доделени награди за најдобар: трилер, романса, историска драма, женска фикција, книга од домашен автор, детска книга, нефикција, книги за млади и поезија. За најдобра книга ќе се одлучи врз основа на освоените гласови во рамките на сите категории, како и дополнително проценување од неколку библиотеки во земјава, најголемите книжарници и онлајн-книжарниците, како и од членовите на комисијата, кои ќе спроведат свои истражувања и ќе дадат свој глас. Гласањето ќе трае до 22 ноември, а потоа стручната комисија ги сумира резултатите и ги објавува победниците.

Во категоријата РОМАНСИ меѓу номинираните се едни од најчитаните романи за оваа година: „Седумте мажи на Евелин Хуго“ од Тејлор Џенкинс Рејд и „За пет години“ од Ребека Серл. За една од книгите номинирани во категоријата РОМАНСИ можете да гласате на следниот линк: https://kniganagodinata.mk/romansi/.

Во конкуренција за најдобри ТРИЛЕРИ И МИСТЕРИИ номинирано е македонското издание на „Списокот со гости“ од авторката Луси Фоли. Овој роман беше прогласена за најдобар трилер/мистерија за 2020 година на изборот на една од најпознатите светски интернет-страници за книги „Гудридс“ (goodreads.com). Делото доби најмногу гласови од читателите од цел свет. За оваа книга можете да гласате на следниот линк: https://kniganagodinata.mk/trileri-misterii/.

На листата со номинирани ИСТОРИСКИ ДРАМИ се најдоа романот „Париската библиотека“ од Џенет Скеслин Чарлс и „Дамски гамбит“ од Волтер Тевис – романот на којшто е базирана истоимената мегапопуларна ТВ-серија на „Нетфликс“. За една од книгите номинирани во оваа категоријата можете да гласате на следниот линк: https://kniganagodinata.mk/istoriski-drami/.

Меѓу книгите номинирани во категоријата ЖЕНСКА ФИКЦИЈА е женскиот духовит роман „Три желби“ од Лијан Моријарти. За него можете да гласате на следниот линк: https://kniganagodinata.mk/woman-lit/.

Новите авторски имиња, кои ја збогатија македонската книжевна сцена со своите трилери, Мери Арсова со „Опасна игра“ и Петар Стојановски со „Храмот на натписите“ се кандидати во листата за најчитани ДОМАШНИ АВТОРИ. За една од книгите номинирани во оваа категоријата можете да гласате на следниот линк: https://kniganagodinata.mk/domasni-avtori/.

Во категоријата за книжевност за млади YOUNG ADULT номинирани се четири книги: „Дамски гамбит“ од Волтер Тевис, четвртиот дел од серијалот за младиот волшебник од Џ. К. Роулинг, „Хари Потер и Пламениот пехар“, како и двата романа „Изгубена надеж“ и „Мојата Пепелашка“, кои се дел од серијалот „Безнадежно“ на најпродаваната авторка на „Њујорк тајмс“ ‒ Колин Хувер. Вашиот глас за една од овие книги можете да го дадете преку линкот: https://kniganagodinata.mk/young-adult/.

На листата со книги од областа НЕФИКЦИЈА во потесен избор влегоа „Ветената земја“ – новата автобиографија на поранешниот претседател на САД, Барак Обама, „Животот на нашата планета“ од Дејвид Атенборо и „Уметноста на создавање спомени“ од Мајк Викинг, авторот на меѓународниот бестселер „Мала книга за хиге“. За една од овие книги можете да гласате преку линкот: https://kniganagodinata.mk/nefikcija-2/.

Во конкуренција за најдобри ДЕТСКИ КНИГИ И СЛИКОВНИЦИ е номинирана интерактивната книга за деца „Мистериозниот град под калето“ од авторката Александра Тодоровиќ. За оваа книга можете да гласате на следниот линк: https://kniganagodinata.mk/detski/.

Во продолжение се кратките содржини на книгите во издание на „Арс Ламина“, кои се најдоа во потесниот избор на Reader`s Choice Book Awards 2021.

„Седумте мажи на Евелин Хуго“ (РОМАНСИ)

„Седумте мажи на Евелин Хуго“, која е бестселер на „Њујорк тајмс“, беше најпродаваната книга на годинашниот Саем на книгата. Приказната се движи околу возрасната и повлечена холивудска филмска икона Евелин Хуго, која конечно е подготвена да ја каже вистината за нејзиниот гламурозен и скандалозен живот. Но, кога за тоа ќе ја ангажира анонимната репортерка Моник Грант, никој не е поизненаден од самата Моник. Зошто неа? И зошто сега? Моник не е баш на врвот на светот. Сопругот ја напуштил, професионалниот живот ѝ е во ќор-сокак. И покрај тоа што не знае зошто Евелин ја избрала да ја напише нејзината биографија, Моник е решена да ја искористи можноста и да почне своја кариера. Моник е поканета во луксузниот апартман на Евелин, каде што фасцинирано слуша додека актерката ѝ ја раскажува нејзината приказна. Од пробивот во Лос Анџелес во педесеттите до нејзината одлука да го напушти шоу-бизнисот во осумдесеттите години и, секако, седумте сопрузи попатно, Евелин раскажува приказна за безмилосни амбиции, неочекувано пријателство и голема забранета љубов. Моник почнува да чувствува вистинска поврзаност со легендарната ѕвезда, но како што приказната на Евелин се приближува кон крајот, така станува јасно дека нејзиниот живот се испреплетува со оној на Моник на трагичен и неповратен начин. Романот беше номиниран за наградата „Гудрид чојс“ за најдобра историска фантастика во 2017 година. Во 2019 година, студиото „Фриформ“ и „Фокс 21“ ги откупија правата за развој на сценариото за серија.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14712

„За пет години“ (РОМАНСИ)

За пет години“ на Ребека Серл се најде на листата бестселери на престижниот „Њујорк тајмс“. Оваа книга се занимава со едноставното, но воедно и многу комплицирано прашање: „Каде се гледате себеси за пет години?“ Главниот лик е Дени Коен, млада и амбициозна жена која живее според правилата и точно знае каде се гледа во животот. Но, дали е толку едноставно?

Кога врвната адвокатка Дени ќе ја добие работата од соништата и ќе ја прифати понудата за брак од нејзиното момче, таа заспива знаејќи дека е на вистинскиот пат да го достигне нејзиниот петгодишен план. Но, кога ќе се разбуди, се наоѓа во друг стан, со различен прстен на раката и покрај друг маж. Во заднината се слушаат вестите и таа сфаќа дека е истата вечер, 15 декември, но пет години подоцна, односно во 2025-та. Следниот еден час од нејзиниот живот Дени го поминува пет години во иднината, пред повторно да се разбуди. Иако настојува да го потисне живописниот сон, таа не може да престане да размислува за тоа искуство… „За пет години“ е незаборавна љубовна приказна, но не онаква каква што очекувате.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14516

„Списокот со гости“ (ТРИЛЕРИ И МИСТЕРИИ)

Книгата „Списокот гости“ од авторката Луси Фоли минатата година беше прогласена за најдобар трилер/мистерија на изборот на „Гудридс“ (goodreads.com) Ова дело доби најмногу гласови од читателите од цел свет. „Списокот со гости“ на Луси Фоли е приказна за еден изолиран остров во Ирска, каде што се собираат гости за да ја прослават свадбата на Џулс Киган и Вил Слејтер. Младоженецот: згоден и шармантен, телевизиска ѕвезда во подем. Невестата: паметна и амбициозна, издавач на списание. Тоа е венчавка за медиумите, во стилот на познатите ѕвезди: дизајнерски фустан, оддалечена локација, додатоци за забава, најдобро виски. Сигналот за мобилна телефонија е нестабилен, брановите жестоки, но секој детаљ е совршено испланиран и стручно ќе биде реализиран. Но, совршенството е за планови, а луѓето се несовршени. Шампањот е послужен, почнува забавата, а со многубројните реминисценции и добри желби, почнуваат низа непријатности и љубомора. Другарите на младоженецот ја почнуваат играта со пиење од нивните училишни денови. Деверицата не толку случајно го уништува својот фустан. Најстариот пријател на невестата прави необична здравица.

И тогаш излегува дека некој е мртов. Кој не им посакува добро на младоженците? И, можеби уште поважно, зошто?

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14521

„Париската библиотека“ (ИСТОРИСКИ ДРАМИ)

Романот „Париската библиотека“ од Џенет Скеслин Чарлс е интересна и возбудлива приказна, полна со љубов и драма, тажни и среќни човечки судбини. Исто така, тоа е роман за книги и роман за неочекувани херои и хероини – за тоа како книгите можат да ни го сменат животот, а како читателите можат да го сменат светот. Годината е 1939-та, а местото е Париз. На младата, убава и амбициозна парижанка Одил Суше сè ѝ оди од рака: ја добива својата работа од соништата во Американската библиотека во Париз и почнува љубовна врска со згодниот и либерален полицаец Пол, кој ја сака и ги поддржува нејзините соништа и амбиции. Но, Германија секавично напредува во војната, а Париз е под опсада и преполн со нацистички војници. Сè што ѝ е мило на Одил, вклучувајќи ја и Американската библиотека, може да исчезне секој момент. Годината е 1983-та, а местото е малото гратче Фројд во Монтана. На тинејџерката Лили ништо не ѝ оди од рака. Непопуларна е на училиште, не може да го освои момчето кое го посакува, а мајка ѝ одеднаш тешко се разболува. Но, тука е нејзината софистицирана и образована сосетка со странско потекло со која полека се зближува. Таа со нејзиниот ум и со нејзиното однесување отскокнува од здодевното секојдневие на малиот град, а нејзиниот живот и минатото се обвиткани со мистерија и тајни. Лили не знае колку тие тајни засекогаш ќе ѝ го сменат животот.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14544

„Дамски гамбит“ (ИСТОРИСКИ ДРАМИ, YOUNG ADULT)

Осумгодишното сираче Бет Хармон е тивко и повлечено девојче со невпечатлива појава. Така е сè додека не ја изигра првата партија шах. Нејзините сетила се изоструваат, размислува појасно и првпат во животот чувствува дека има контрола. На 16-годишна возраст, таа веќе се натпреварува на Отвореното првенство на САД. Но, како што ги усовршува вештините на шахот и зачекорува на патот на успехот, нејзината изолација станува сè позастрашувачка, а помислата за бегство сè попримамлива. Роман на којшто е базирана истоимената мегапопуларна ТВ-серија на „Нетфликс“.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14527

Три желби“ (ЖЕНСКА ФИКЦИЈА)

„Три желби“ е бестселер на „Њујорк тајмс“ и е првиот роман на Лијан Моријарти. Лин, Кет и Џема Кетл, прекрасни триесет и тригодишни тројни близначки, се чини го привлекуваат вниманието каде и да се појават. Кога се заедно, се чини како постојано да ги следат смеата и драмата, но, со тоа, тука се и неволите, додека секоја посебно си води и своја битка со личните подеми и падови. Лин си го организира животот според еден голем список што си го прави самата, Кет дознава вчудовидувачка тајна за нејзиниот брак, а Џема, која ја прекинува секоја врска кога ќе дојде до шестиот месец, конечно почнува да се надева на трајна љубов. Во овој умно напишан и духовит роман, ги следиме сестрите Кетл низ нивната бурна триесет и трета година во нивниот вител од ривалства и тајни, откритија и врски, неверни сопрузи и незамисливи одлуки и неверојатниот, но неретко и фрустрирачки живот што со себе го понесува тоа да си засекогаш дел од трио.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14713

„Опасна игра“ (ДОМАШНИ АВТОРИ)

Станува збор за крими-трилер во кој главниот лик, Давид, е обично момче кое живее монотон и здодевен живот. Има работа што ја мрази и свршеница во која се сомнева дека е вљубен. Еден вообичаен мартовски ден, кој по ништо не навестува дека ќе биде пресуден во неговиот живот, случајно се среќава со Ева, неговата средношколска љубов. Таа е одамна преселена во Америка и омажена за богат американски бизнисмен. Оваа средба, што навидум почнува да се развива во тајна љубовна приказна, всушност, е многу опасна игра. Во својот дебитантски роман, Мери Арсова ни носи непредвидлив крими-трилер, маскиран под превезот на една наивна романса, наметнувајќи ги прашањата: Што ако немаме избор? Што ако мораме да го промениме својот живот целосно, за да преживееме? За да ги заштитиме своите најмили? Токму овој роман ќе ни покаже што сè сме подготвени да направиме, кога животот ни задава удари и нè остава да се бориме потполно сами.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14700

„Храмот на натписите“ (ДОМАШНИ АВТОРИ)

Земјата почнува да се тресе... Консепсион, Чиле, 2010 година. Во целиот тој хаос на Нивес ѝ приоѓа жена која ѝ подава мистериозен предмет со шест симболи и во истиот момент починува. Нивес и нејзиниот брат Сантијаго се обидуваат да ја откријат тајната на предметот, кој ги води во три држави, од урбаните средини на Ванкувер, до длабоките џунгли на Јукатан и Мексико. Трилер-авантура што ќе ве однесе на многу историски места што кријат таинствени симболи, кодови и изгубени древни градови. Сантијаго и Нивес ќе бидат принудени да затропаат на вратите од универзитетот во Ванкувер, каде што ќе побараат помош од двајца научници, Насим и Марк. Потоа сите заедно тргнуваат на едно необично патување со многу тајни, но и опасности што ги демнат од сите страни...

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14690

Хари Потер и Пламениот пехар“ (YOUNG ADULT)

Во „Хари Потер и Пламениот пехар“ летниот распуст на Хари е незаборавен, за промена! Заедно со Визлиеви и Хермиона тој присуствува на Светското првенство во квидич – невообичаен настан дури и за волшебничкиот свет. Во Хогвортс, пак, првпат по неколку векови се одржува Триволшебничкиот турнир, меѓуучилиштен волшебнички натпревар во кој се соочуваат првенците на трите познати волшебнички училишта, Хогвортс, Бобатонс и Дурмстранг. Но, во заднината на сите овие настани се чувствува темнината и злото: дали конечно ќе се случи долгоочекуваното враќање на лордот Волдеморт?

Книгата е достапна за онлајн-нарачка на следниот линк:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14717

„Мојата Пепелашка“ (YOUNG ADULT)

Во „Мојата Пепелашка“, една случајна средба ги наведува осумнаесетгодишниот Даниел и девојката, која случајно налетува на него, да си искажат љубов еден на друг. Но, оваа љубов има услови: се согласуваат дека ќе трае само еден час и ќе биде замислена. Кога ќе помине тој еден час и девојката ќе отрча како Пепелашка, Даниел се обидува да се убеди себеси дека она што се случило помеѓу нив изгледало совршено само зашто тие се преправале дека е совршено. Моменти како овие со девојка како оваа не се случуваат надвор од бајките. Една година и една лоша врска подоцна, неговото неверување во инстант-љубов исчезнува во моментот кога ќе ја запознае Сикс: девојка со чудно име и уште почудна личност. Но, Даниел наскоро сфаќа дека бајките не постојат и, за жал, пронаоѓањето на Пепелашка не е гаранција за нивното „среќни засекогаш“… тоа е само дополнителна закана. Дали тајната од минатото ќе ја загрози единствената шанса што ја имаат?

Книгата е достапна за онлајн-нарачка на следниот линк:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14739

„Изгубена надеж“ (YOUNG ADULT)

 Во „Изгубена надеж“, прогонуван од малечкото девојче на кое му дозволи да замине, Холдер сиот свој живот го помина барајќи ја во обид конечно да се ослободи од разорувачката вина што ја чувствува со години. Но, она што не можеше да го предвиди е дека во моментот кога повторно ќе се поврзат, ќе го преплави уште поголем бран каење... Понекогаш во животот, ако сакаме да продолжиме понатаму, прво мораме да копаме длабоко во нашето минато и да направиме промени. Во „Изгубена надеж“, авторката открива што се случува во главата на Холдер во сите безнадежни моменти – и дали ќе го најде мирот што толку очајно му е потребен.

Книгата е достапна за онлајн-нарачка на следниот линк:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14502

„Ветената земја“ (НЕФИКЦИЈА)

Во возбудливиот и со нетрпение очекуван прв дел од неговите претседателски мемоари, Барак Обама ја раскажува приказната за неговата неверојатна одисеја од млад човек во потрага по својот идентитет до лидер на слободниот свет, опишувајќи зачудувачки интимни детали од неговото политичко образование и најзначајните моменти од неговиот историски прв претседателски мандат – период на драматична трансформација и превирања. Обама ги поведува читателите на интересно патување од неговите рани политички аспирации од клучната победа во Ајова, што ја демострираше моќта на изворниот активизам, до врнежливата ноќ на 4 ноември 2008 година, кога беше избран за 44. претседател на Соединетите Американски Држави, станувајќи првиот Афроамериканец на највисоката национална позиција. „Ветената земја“ е извонредно интимна и интроспекциска приказна за обложувањето на еден човек со историјата, верата на еден организатор на заедницата тестирана на светската сцена. Обама е искрен во врска со чинот на балансирање во трката да се биде првиот претседател-Афроамериканец носен на бранот очекувања предизвикани од пораката за „надеж и промена“, соочувајќи се со моралните предизвици при донесувањето одлуки со високи влогови. Тој искрено пишува за силите што отворено му се спротивставуваат и дома и во странство, за животот во Белата куќа, начинот на кој тоа ги афектирало неговите сопруга и ќерки и без страв ги открива моментите на сомневање во себе и разочарувањата. Сепак, не отстапува од верувањето дека прогресот на големиот постојан американски експеримент е секогаш можен. Оваа прекрасно напишана и моќна книга ги пренесува уверувањата на Барак Обама дека демократијата не е подарок одозгора, туку нешто базирано на емпатија и меѓусебното разбирање што треба да го градиме заедно, ден по ден.

Книгата е достапна за онлајн-нарачка на следниот линк:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14685

„Животот на нашата планета“ (НЕФИКЦИЈА)

Земјата ја делиме со другите животни и со растенијата – најсовршениот замислив систем за одржување на животот, конструиран милијарди години. Стабилноста на планетата почна да се губи паралелно со намалувањето на разновидноста на живиот свет – овие две нешта се меѓусебно поврзани. Затоа, за да ја обновиме стабилноста на планетата, мораме да го обновиме биодиверзитетот, токму она што го уништуваме сега. Тоа е единствениот излез од кризата што ја предизвикавме самите. Мораме да ја вратиме дивината во светот. Ова е пораката што најпознатиот британски автор на природонаучни филмови, сер Дејвид Атенборо, ни ја испраќа преку својата книга „Животот на нашата планета“, која неодамна излезе од печат во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Дејвид Атенборо речиси седум децении има богата кариера како природонаучник и телевизиски презентер. Патувал во најоддалечените краеви на светот, каде што одблизу снимал диви животни во нивните природни живеалишта. Во книгата тој зборува за својата кариера како презентер, филмски продуцент и историчар на природата, но и за изумирањето на дивините и зголемувањето на јаглеродни емисии во истиот период. Атенборо предупредува на последиците од антропогените климатски промени и намалувањето на биодиверзитетот со кои ќе се соочиме во блиска иднина, но истовремено и предлага конкретни промени во нашиот општествен и стопански живот со кои би можеле да ја спречиме претстојната катастрофа. Со тоа, овој вљубеник во природата се фокусира на убавината на планетата на која живееме, но и нуди чекори со кои ќе го зачуваме нашиот дом.

Атенборо е познат и како автор и презентер на документарниот серијал „Живот“ (Life), што го работел заедно со Би-би-си и претставува детален поглед на животинскиот и растителниот свет на Земјата. Тој е единствениот човек кој има добиено награди БАФТА за емисии во црно-бела техника, во колор, во ХД, 3Д и 4K. Додека неговата работа на почетокот повеќе е фокусирана на природниот свет, неговите понатамошни активности се насочени кон поддршка на теми врзани со зачувување на природата. Во 1985 година ја добива високата титула „сер“, а документарниот филм и книгата „Живот на нашата планета“, објавени во 2020 година, се негово сведоштво за неговиот живот и за иднината.

Книгата е достапна за онлајн-нарачка на следниот линк:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14714

„Уметноста на создавање спомени“ (НЕФИКЦИЈА)

Од авторот на меѓународниот бестселер „Мала книга за хиге“, Мајк Викинг, од печат излезе и „Уметноста на создавање спомени: како да создавате и да помните среќни моменти“. Викинг, кој е истражувач на среќата и најпродаван автор на „Њујорк тајмс“, во оваа книга открива како да создавате и да помните среќни моменти, кои го прават животот посладок. Секоја година имаме на располагање фиксен број денови. Некои денови нè одминуваат не оставајќи никаква трага зад себе, а некои ги помниме засекогаш. Дали го паметиш првиот бакнеж? Или највкусниот оброк? Или мирисот на свежо потстрижената трева на совршен летен ден? Кога нашите сетила се стимулирани, кога ќе ја искористиме моќта на првите искуства и кога сме свесни за сопствените чувства и емоции, полесно ќе ги зачуваме нашите среќни спомени.

Повикувајќи се на научни истражувања на среќата, Мајк Викинг нè учи како да создаваме среќни спомени и како полесно да ги задржиме. Користејќи податоци и дневници, прашалници, глобални анкети и истражувања, научни осврти на однесувањето и експерименти со среќата, „Уметноста на создавање спомени“ ќе ни објасни како да создадеме совршени моменти. Моменти што ќе ги запаметиме засекогаш. Моменти што ќе ја обликуваат нашата личност. Сеќавањата се камен-темелник на нашиот идентитет, обликувајќи кои сме, како постапуваме и како се чувствуваме. Во својата работа како истражувач на среќата, Викинг советува дека луѓето се посреќни ако имаат позитивен, носталгичен поглед на минатото. Но, како да ги создадеме и да ги чуваме спомените што ни носат трајна радост? „Уметноста на создавање спомени“ испитува како се создаваат, складираат и потсетуваат менталните слики во нашиот мозок, како и „уметноста на отпуштање“ – зошто имаме тенденција да забораваме одредени моменти за да направиме простор за подлабоки, позначајни. Користи податоци, интервјуа, глобални истражувања и експерименти во реалниот живот за да ги објасни нијансите на носталгијата и различните начини на кои формираме спомени околу нашите искуства и ги потсетуваме – откривајќи ја моќта што „првпат“ ја има врз нашите сеќавања и зошто музичко парче, мирис или вкус неочекувано може да предизвика момент од минатото.

На крајот, Викинг покажува како секој од нас може да создаде топли спомени што ќе останат во нас со години. Комбинирајќи го неговиот препознатлив шарм со скандинавската искреност, исполнета со инфографици, илустрации и фотографии, содржи и „совети за среќна меморија“, „Уметноста на создавање спомени“ е инспиративна медитација и практичен прирачник исполнет со идеи што ќе ни помогнат да ги создадеме спомените што ќе ни донесат радост во текот на нашите животи.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk на следниот линк:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14748

„Мистериозниот град под калето“ (ДЕТСКИ КНИГИ И СЛИКОВНИЦИ)

Интерактивната книга за деца „Мистериозниот град под калето“ од авторката Александра Тодоровиќ, со илустрации на Марко Јанев, е посветена на Скопје и неговата историја, поточно периодот под османлиска власт. Станува збор за роман-авантура, базиран на концептот прашање и одговор, каде што самиот читател го одредува текот на настаните и дејството, преку избор на страницата што ќе се сврти. Првпат на нашиот пазар, ваквата иновативност е директно поврзана со податоците за градот и аспектите од неговото културно наследство: спомениците, настаните, начинот на облекување, храната, јазикот. „Дали сте подготвени за една суперавантура, стотици години наназад низ историјата во нашиот главен град, Скопје? Да истражуваш, да се бориш и да се криеш, да бидеш вистински јунак? Оваа книга нема да ја читаш по вообичаен редослед. Низ страниците ќе се соочиш со многу предизвици. Ќе се запознаеш со Скопје и со јунаците од неговото минато кои се споменуваат и до ден-денес, бидејќи со своите дела, храброста и јунаштвото оставиле печат зад себе. А сега, ти си на ред да станеш јунак. Додека се движиш низ страниците на оваа книга, мораш да бидеш многу храбар и мудар. Ако се случи да се изгубиш, не предавај се, обиди се повторно. Книгата секогаш ќе те врати на вистинскиот пат! Со помош на оваа авантура ќе научиш еден дел од историјата што е значаен за нашиот главен град. Тоа е периодот кога градот Скопје бил под османлиска власт. Ќе посетиш многу објекти значајни за тоа време и кои до ден-денес постојат за да нè потсетуваат дека Скопје е град со многувековна традиција.“

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk на следниот линк:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14448

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

12.
Apr.
Вести
Книжарниците „Литература.мк“ и „Ист гејт мол“ донираа едукативни играчки во „СОС Детско село“. 
10.
Mar.
Вести
Онлајн-страницата на „Литература.мк“ e прогласена за најдобра е-продавница за култура, настани и едукација на Ecommerce Awards 2022. 
array(0) {
}
Memory Consumption is: 8.17 MB