#Bookstagram

Зоран Спасов Ѕоф: Големите луѓе не се раѓаат како споменици

23.07.2026.
Зоран Спасов Ѕоф: Големите луѓе не се раѓаат како споменици
Зоран Спасов Ѕоф: Големите луѓе не се раѓаат како споменици

За Гоце Делчев се напишани многу историски книги, студии и биографии во кои се претставени неговото дело, идеалите и револуционерниот пат. Но, без амбиција да создаде уште едно историско четиво, Зоран Спасов Ѕоф во својот најнов роман „Гоце Делчев: Љубов и смрт“ се обидува да го открие човекот зад револуционерот.

Три месеци по големата промоција, одржана на отворањето на Саемот на книгата на 23 април 2026 година, разговаравме со Ѕоф за тоа што ново открил за Гоце Делчев додека ја пишувал книгата, зошто големите личности не треба да останат само бронзени фигури од учебниците и каква порака сака да им остави на читателите.

Романот е во издание на „Попули“, дел од „Арс Ламина – публикации“, како и претходните пет книги на Зоран Спасов Ѕоф: „Торонто Експрес“, „Тито – мојот претпоследен херој“, „Џабе живиш у Скопје“, „Цепај сине: пошто џабе живиш у Македонија“ и „И јас сум Сирма“.

Со својот препознатлив стил, кој ги спојува историјата, хуморот, личниот поглед и човечката димензија на големите личности, Зоран Спасов Ѕоф продолжува да создава приказни што ги доближуваат важните теми и личности до современиот читател.

*Во изминатите пет години твоите книги се на врвот на листите со најпродавани наслови за возрасни во книжарниците „Литература.мк“. Како го доживуваш фактот дека читателите постојано им се враќаат на твоите приказни и ликови?

- Со огромна благодарност, но сè уште и со извесна доза неверување. Пишувањето е прилично осамена работа. Седиш сам пред празен екран, измислуваш луѓе, разговараш и се расправаш со нив, а потоа еден ден тие излегуваат од твојата соба и почнуваат да живеат во домовите на илјадници читатели.

Најголемата награда за мене не е само податокот дека некоја книга е продадена во голем тираж, туку сознанието дека читателите во неа ги препознаваат своите родители, пријатели, љубови, стравови и заблуди. Тогаш знам дека приказната не завршила со последната страница.

Веројатно чувствуваат и дека никогаш не им пишувам од височина. Јас сум еден од нив, со исти грижи, слабости и надежи. Само што имам некаква потреба, а и малку талент сето тоа да го преточам во книга.

*Од „Тито, мојот претпоследен херој“, „Торонто експрес“, „Џабе живиш у Скопје“, „Цепај сине“, „И јас сум Сирма“, па сè до „Гоце Делчев: Љубов и смрт“, твоите книги обработуваат различни теми, кои се блиски до секој македонски читател. Што мислиш дека е она што најмногу ги поврзува луѓето со твојот начин на раскажување?

- Можеби тоа што не се обидувам да звучам како писател. Се обидувам да звучам како човек. Без оглед дали пишувам за иселувањето, за Скопје, за Македонија, за Тито,  за Сирма или за Гоце Делчев, зад големата тема секогаш го барам обичниот човек. Оној што се смее кога му е најтешко, што пцуе кога е немоќен, што ја сака земјата дури и кога ѝ е лут…

Пишувам на јазикот на кој луѓето разговараат дома, во кафеана, на работа и со самите себе. Не бегам ниту од хуморот ниту од тагата, бидејќи нашиот живот е токму таков - една реченица те тера да се смееш, а следната ти ја затвора устата. Мислам дека читателите ја препознаваат искреноста. А искреноста, и во литературата и во животот, тешко се глуми.

*Кога авторот ќе стане препознатлив и читан кај широката публика, дали тоа носи поголема одговорност при секоја следна книга? Дали успехот на претходните наслови ти создаде дополнителен предизвик кога започна да пишуваш за Гоце Делчев?

- Секако дека носи одговорност, но таа не смее да се претвори во страв. Кога една книга ќе стане успешна, најголемата опасност е авторот повторно да ја напише истата книга, само со друг наслов и со поинаква корица. Јас свесно бегам од тоа. Не сакам да пишувам по формула, ниту да се повторувам само затоа што нешто претходно добро се продавало.

Со секоја нова книга се обидувам да влезам на терен на кој не сум сигурен дека знам да одам. Токму таму пишувањето повторно станува возбуда, ризик и истражување. Кај Гоце одговорноста беше многу поголема. Не пишував само за историска личност, туку за човек што е длабоко вграден во нашиот идентитет. Секој веќе си има свој Гоце и секој смета дека токму неговиот е вистинскиот. Затоа морав да бидам храбар, но и внимателен. Да го доближам до читателот без да го намалам. Да го симнам од студениот мермерен пиедестал, но да не му ја одземам големината.

* Твоите книги често ги спојуваат историјата, емоцијата, хуморот и личниот поглед кон времето во кое живееме. Дали токму оваа комбинација е причината што твоите дела допираат до различни генерации читатели?

- Можно е. Никогаш не сум верувал во строгите граници меѓу трагичното и смешното,  меѓу историјата и сегашноста, меѓу големите настани и малите човечки судбини. Во животот тие постојано се мешаат, па не гледам зошто литературата би ги раздвојувала. Историјата без емоција е список на години и на мртви луѓе. Емоцијата без контекст лесно станува сентименталност. А хуморот е нашиот начин да преживееме и кога историјата и животот не се особено љубезни кон нас.

Постарите читатели во моите книги го препознаваат времето што го живееле. Помладите откриваат зошто нивните родители и баби размислуваат така како што размислуваат. Генерациите можеби се разликуваат по музиката што ја слушаат и по телефоните што ги користат, но љубовта, стравот, осаменоста и потребата да припаѓаме некаде остануваат исти.

* Три месеци по објавувањето на „Гоце Делчев: Љубов и смрт“ реакциите од читателите и книжевната јавност се исклучително позитивни. Кои коментари или впечатоци најмногу ти останаа во сеќавање?

- Најмногу ми значат реакциите на читателите што велат дека по книгата за првпат не го гледаат Гоце само како лик од учебник, како фотографија на ѕид или како име на улица, туку како жив човек. Особено ме допираат коментарите дека романот го симнува Гоце од пиедесталот без да го обезвредни - дека тој станува уште поголем токму затоа што ги гледаме неговите сомнежи, осаменоста, љубовта, уморот и товарот што го носел.

Имаше читатели што ми кажаа дека некои делови ги читале со солзи, а други дека по завршувањето повторно почнале да истражуваат за Гоце и за луѓето околу него. Тоа е можеби најголемиот комплимент: книгата да не го затвори прашањето, туку да отвори нова љубопитност. Не сакав да им кажам на читателите што да мислат за Гоце. Сакав да им помогнам повторно да го почувствуваат.

*На промоцијата рече дека „да се пишува за Гоце Делчев е предизвик, храброст и одговорност“. По завршувањето на книгата, дали имаш чувство дека успеа да го прикажеш човекот зад митот – Гоце со неговите чувства, дилеми и човечки страни?

- Тоа ми беше главната водилка. За историскиот Гоце се напишани многу книги, студии и биографии. Јас немав амбиција да напишам уште еден учебник. Ме интересираше што се случува во човекот кога сите околу него очекуваат да биде симбол, водач и херој, а тој сè уште е млад човек што сака, што се плаши, што се сомнева…

Не знам дали постои само еден вистински Гоце што може целосно да се открие повеќе од еден век подоцна. Јас го создадов мојот книжевен Гоце, потпирајќи се врз фактите, но обидувајќи се да ги почувствувам и да ги пренесам празнините меѓу нив.

Ако читателот барем за миг заборави на бронзениот споменик и пред себе види човек од крв, од мисла, од љубов и од страв, тогаш сум успеал.

*Додека работеше на книгата, сигурно се сретна со многу детали од животот на Гоце Делчев, кои не се толку познати во јавноста. Дали имаше нешто што те изненади, што те трогна или можеби што те шокира?

- Најмногу ме изненади судирот меѓу неговата младост и огромната зрелост што ја носел. Гоце загинал на само 31 година, а ние зборуваме за него како за човек што живеел неколку животи. На тие години повеќето луѓе допрва откриваат што сакаат од животот, а тој веќе чувствувал одговорност за судбината на цел еден народ. Ме трогна колку малку простор му останал за сопствениот живот. Зад револуционерот постоел човек со потреба да биде сакан и разбран, да се одмори, а можеби понекогаш и едноставно да исчезне од товарот што сите му го ставале врз рамениците.

А најсилно ме допре неговата верба дека, во време на оружје, поделби и омраза, светот треба да биде поле за културен натпревар меѓу народите. Таа мисла и денес звучи похрабро и пореволуционерно од многу пушки.

* Што би сакал читателите да понесат со себе откако ќе ја прочитаат приказната за Гоце Делчев?

- Не би сакал да понесат готов заклучок. Повеќе би сакал да понесат немир, прашање и потреба повторно да размислат за човекот чие име сите го знаеме. Би сакал да разберат дека големите луѓе во одреден момент решиле нешто да стават пред сопствената удобност, а понекогаш и пред сопствениот живот. Би сакал да ја понесат и мислата дека Гоце не треба само да го славиме, туку и да го разбереме. Неговото име не треба да биде ѕид меѓу народите, туку мост. Не можеме да му се восхитуваме на човекот што зборувал за културен натпревар, а истовремено неговото наследство да го користиме за нови кавги и омрази. На крајот, пред народот, пред идеологијата и пред историјата, секогаш мора да стои човекот.

* По романите за Тито и за Сирма, со „Гоце Делчев: Љубов и смрт“ повторно се навраќаш на личност што е дел од нашата колективна меморија. Што те привлекува кај големите историски приказни и кај луѓето што оставиле трага?

- Ме привлекува она што не го пишува на плочата под секој споменик. Историјата обично ги претвора луѓето во едноставни симболи: херој, предавник, владетел, револуционер… Но, ниту еден човек не е само еден збор. Мене ме интересира што сакале, од што се плашеле, кого повредиле, што жртвувале и дали навечер, кога ќе останеле сами, биле сигурни во одлуките поради кои подоцна влегле во учебниците.

Големите историски приказни ме привлекуваат токму затоа што зад нив секогаш се кријат мали, длабоко човечки судбини. Историјата ги памти настаните, но литературата може да ги почувствува луѓето што ги живееле.

*Летото често е период за нови идеи и пишување. Дали ова лето работиш на нешто ново? Можат ли читателите да очекуваат нова книга од тебе наскоро?

- Ова лето работам на мојот нов роман со наслов „Ничии“, кој е во завршна фаза. Тоа е антивоен роман сместен во 1916 година, на Кајмакчалан и во Мариово.

Тоа е роман за обичните луѓе врз кои паѓа историјата, за Македонците принудени да гинат во туѓи униформи и за она што останува од човекот кога државите ќе му одземат сè - дури и правото да знае на чија страна е.

* Твоите книги имаат и силна хумана димензија – дел од средствата од продажбата ги донираш таму каде што се најпотребни. Колку оваа мисија се надополнува со твоето авторство и со причината поради која пишуваш?

- За мене тоа не е одделна мисија од пишувањето, туку негово природно продолжение. Книгите ми дадоа многу повеќе отколку што некогаш сум очекувал - читатели, пријателства, препознатливост и чувство дека она што сум го напишал некому му значи. Сосема е природно дел од тоа да се врати таму каде што може да направи нешто добро.

Средствата од продажбата на „Гоце Делчев: Љубов и смрт“ ќе бидат наменети за печатење и за дистрибуција на читанка за македонските дечиња што живеат во дијаспората. Сакам тие деца, без оглед дали растат во Торонто, во Мелбурн, во Берлин или некаде на друго место, да имаат книга преку која ќе се поврзат со македонскиот јазик, со литературата и со земјата од која потекнуваат нивните родители. Не верувам дека писателот може да го поправи целиот свет. Но, верувам дека секој човек треба да го поправи барем малиот дел од светот до кој може да допре. Ако една книга за Гоце може да помогне македонскиот збор да стигне до дете што расте далеку од Македонија, тогаш таа книга продолжува да живее и надвор од своите страници.


Романот „Гоце Делчев: Љубов и смрт“ од Зоран Спасов Ѕоф е достапен во книжарниците на Литература.мк и онлајн преку www.literatura.mk

Поврзани производи

Sačuvano u omiljne
Motivišuće
Kreativno
Prilagođeno uzrastu
Цена 390 МКД
6,31 EUR

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

22.
Jul.
#Bookstagram
Симона, која работи како софтверски инженер, а е страствен читател по душа, ја создава својата мала дигитална библиотека на инстаграм-профилот @simonas_libra...
22.
Jul.
#Bookstagram
За себе вели дека е вечен љубител на организација, на решавање предизвици и на добра книга. Во свет исполнет со рокови, со задачи и со мали хаоси што бараат ...
19.
Jul.
#Bookstagram
За Кристина Ристовска, љубовта кон книгите започнала покрај нејзината мајка, со посетите на саемите на книга, со полните кеси со нови наслови и со долгите ра...
15.
Jul.
#Bookstagram
Во светот на социјалните мрежи во којсодржината често е брза и минлива, постојат профили што создаваат простор за подлабоко читање, за размислување и за искр...
05.
Jul.
#Bookstagram
Мери Крстевска е личност што живее во интересен баланс меѓу светот на бројките и меѓу светот на буквите. Работи со финансии, но однатре е вљубена читателка, ...
20.
Jun.
#Bookstagram
Во свет каде што книгите сè почесто добиваат нов живот преку социјалните мрежи, книжевните заедници стануваат важен дел од современата читателска култ...
13.
Jun.
#Bookstagram
Постојат приказни што прво се читаат, па потоа се гледаат - и такви што засекогаш остануваат некаде меѓу страниците и филмското платно. Токму во тој простор ...
array(0) {
}
Memory Consumption is: 7.25 MB