Мери Крстевска е личност што живее во интересен баланс меѓу светот на бројките и меѓу светот на буквите. Работи со финансии, но однатре е вљубена читателка, раскажувачка и вистински книжевен ентузијаст.
На својот инстаграм-профил @krstevskamm таа го гради својот мал, топол универзум каде што се спојуваат книгите, цвеќињата и патувањата – без строга дефиниција, но со многу чувство и личен печат. Нејзиниот профил не е типиченбукстаграм, туку искрена приказна за секојдневието низ призмата на читањето и на инспирацијата.
Во ова интервју, Мери зборува за своите први книжевни сеќавања, за љубовта спрема романтиката, за авторките што ја обликувале, за книгите што ја расплакале и за оние што ѝ помогнале да се пронајде себеси. Го отвора и својот агол за читање, своите навики, како и искуството со Offline Book Club by Ars Lamina, каде што книгите стануваат повод за дружење, за размислување и за поврзување.
Ова е приказна за една читателка што не брои само прочитани страници, туку и емоции, луѓе и моменти што остануваат.
МОЈАТА КНИЖЕВНА ПРИКАЗНА
Која беше првата книга што ја прочита по сопствен избор и што сè уште ја паметиш?
Мери: Можеби е клише, но не можам да ги заборавам „Зоки Поки“ и „Шеќерната приказна“.
Што те натера да се вљубиш во читањето?
Мери: Неповторливата Марија Јуриќ-Загорка и нејзиниот серијал „Гричка вештерка“.
Кој жанр најмногу го сакаш и зошто?
Мери: Нема да погрешам ако кажам дека ги сакам романсите, бидејќи сум непоправлив романтичар по природа.
Дали книгите ги купуваш импулсивно или имаш однапред подготвена листа за читање?
Мери: Некогаш импулсивно, а некогаш со мене е еден доооолг список.
Колку книги има во твојата домашна библиотека и кој е твојот омилен агол за читање?
Мери: До 1 200 ги броев. Сега новите само ги ставам таму каде што останало место. А за омилено место… на глава му се качив на сопругот додека не ми ја купи лулашката гнездо. И сега таа е мојот омилен „book corner“.
Која книга најмногу те трогнала/ терасплакала?
Мери: Многу одамна плачев на Спарксовата „Порака во шише“.
Која книга ти помогнала да поминеш низ тежок период во животот?
Мери: „Најголемиот трговец на светот“ од Ог Мандино. Секоја страница е мало освестување за да бидеш свој.
Кој книжевен лик најмногу потсетува на тебе?
Мери: Контеса Нера од „Гричка вештерка“.
Ако можеш да живееш еден ден во светот на една книга, која би ја избрала?
Мери: „Лето како во Мама Миа“ – плажа, мирис на море, сонце, љубов, музика…
Дали некогаш си прочитала книга што целосно ти го променила начинот на размислување? Која?
Мери: „Малиот принц“ – детската книга за возрасни. Многу лекции во едно мало книжуле.
Кој е најубавиот цитат што засекогаш ти останал во сеќавање?
Мери: „Бело се пере на деведесет... така велеше баба ми. Но, некои дамки од животот, оние најдлабоките, остануваат засекогаш врежани во нас, без разлика на температурата на која ги вртиме.“ – „Бело се пере на деведесет“ од Брона Жакељ
Кога последен пат затвори книга и остана без зборови?
Мери: „Forever, Interrupted“ од Тејлор Џенкинс Рејд. Среќата има различни начини да те пронајде, само треба да веруваш во неа.
Која книга би сакала да ја прочиташ повторно за првпат?
Мери: „Мама“од Елен Делфорж. „Има толку мајки колку што има деца. Сепак, на сите континенти, кога ќе го земат своето бебе в раце, сите мајки си личат.“