За себе вели дека е вечен љубител на организација, на решавање предизвици и на добра книга. Во свет исполнет со рокови, со задачи и со мали хаоси што бараат ред, Катерина Кулеванова (@katerinakulevanova) постојано бара начин да ги задржи работите на свое место. Но, вистинската магија се случува кога ќе отвори книга.
- Тогаш светот тивко се повлекува, а јас влегувам во друг – каде што мислите се смируваат, а времето губи значење. Ако нешто особено терапевтски ме одмора, тоа е токму тоа задлабочување меѓу страниците – моментот кога мозокот ми преминува во една мирна, зен- состојба, во која проблемите нежно ја губат тежината и веќене изгледаат толку големи и страшни. Таму, во тие редови, секогаш има простор да се вдиши нова инспирација и да се погледне сè со малку повеќе леснотија. Немам посебен букстаграм-профил, но на мојот Инстаграмчесто споделувам дел од таа инспирација – преку фотографии, чувства и мали парчиња од световите што ги откривам низ книгите. Паралелно, тоа е и мој начин да црпам нова енергија од другите љубители на читањето – вели таа.
МОЈАТА БУКСТАГРАМ-ПРИКАЗНА
Како започна твојата букстаграм-приказна?
Катерина: Мојата букстаграм-приказна не започна со профил, туку со љубопитност. Уште во факултетските денови, кога се истрошија лектирите и задолжителните дела од средното училиште, почнав сама да го барам следното добро четиво – најчесто на саеми и на промоции на македонски автори. Таму полека се роди навиката да откривам, да истражувам и да се поврзувам со книгите на поинаков, подлабок начин.
Со текот на времето, хоризонтите се проширија – се отворија можности и за средби со странски автори, а тие моменти имаат една посебна магија, како книгите накратко да излегуваат од страниците и да стануваат реалност. Постепено, почнав да ја врзувам книгата со театарот, со изложбите на уметнички дела и со операта – светови што за мене и денес се нераскинливо поврзани, фино и уникатно испреплетени. Токму во тоа испреплетување љубопитно продолжувам да истражувам и секогаш да го барам следното добро четиво.
Која беше првата книга што ја прочита по сопствен избор и што сè уште ја паметиш?
Катерина: Како дете што заврши во француска паралелка и што беше буквално преплавено со француска литература, некако природно се приврзав за сè што е француско. Таа поврзаност продолжи и во факултетските денови, кога го открив Гијом Мисо, автор што во тој период брзо стануваше сè поприсутен и познат. Се сеќавам дека купив шест негови книги одеднаш и не ги читав, туку ги „голтав“ една по една, уживајќи смирено на балконот во станот на моите родители.
„Затоа што те љубам“ е првата книга што навистина остана со мене – книга што ја разбуди мојата љубопитност да продолжам да истражувам и да се губам низ приказни. Дури и денес ја чувам фотографијата од тој момент – како мал доказ за едно време кога се чувствував целосно исполнето, тивко, среќно и целосно потонато во светот на книгите.
Што те натера да се вљубиш во читањето?
Катерина: Она што ме натера да се вљубам во читањето е чувството дека конечно можам да забавам. Во свет каде што сè постојано се движи пребрзо, книгата ми стана мој мал простор за одмор,тивок, но истовремено исполнет со живот. Преку неа можам да заминам во креативен свет што полека ме вовлекува, ме држи будна од љубопитност и не ме пушта сè додека приказната не се отплетка до својот крај. Токму таа игра меѓу мирувањето и откривањето, меѓу тишината и емоцијата, направи да се вљубам во читањето – како патување каде што одморам, а истовремено живеам уште многу други животи.
Кој жанр најмногу го сакаш и зошто?
Катерина: Најмногу ме привлекуваат психолошки и романтични приказни – книги што навлегуваат подлабоко во мислите, во чувствата и во односите меѓу луѓето. Сакам кога една приказна не се чита само со очи, туку и се чувствува, и продолжува да живее со мене и по последната страница. Покрај тоа, често посегнувам и по книги за личен развој, како начин да научам нешто ново, да застанам малку и од поинаков агол да ги погледнам работите. А понекогаш, за доза адреналин и динамика, изборот паѓа и на добар трилер – токму оној што не дозволува книгата да се остави додека не се открие вистината. За мене, секој жанр е различен свет, а јас уживам да се движам низ нив – во зависност од моментот, од расположението и од приказната што ме повикува.
Дали книгите ги купуваш импулсивно или имаш однапред подготвена листа за читање?
Катерина: Немам строго дефинирана листа за читање, но не купувам ни импулсивно. Сакам мојата следна книга да ме пронајде низ мал процес на откривање – читам рецензии, собирам мислења и внимателно следам препораки. Тоа не е долго патешествие, туку повеќе интуитивен избор, насочен од луѓе чиј вкус веќе го препознавам и на кои им верувам.
Кога ќе се совпаднат неколку искрени и добри критики, некако знам – тоа е книгата што ќе си го најде местото во мојата библиотека. За мене, изборот на книга е мал ритуал сам по себе, комбинација од доверба, од чувство и од желба за нова приказна.
Колку книги има во твојата домашна библиотека и кој е твојот омилен агол за читање?
Катерина: Искрено, никогаш не сум седнала да избројам колку книги има во мојата домашна библиотека, дел од нив се веќе раздадени, односно подарени, затоа што убавите приказни сакам да продолжат да живеат и кај други. Но, кога се вселував во мојот стан, знаев едно – еден ѕид од крај до крај ќе биде резервиран исклучиво за книги.
Библиотеката е внимателно осмислена – долниот дел е целосно исполнет со книги, а горниот е отворен простор, стилски и минималистички, со одбрани наслови што се штотуку прочитани или што чекаат да дојдат на ред.
Омилениот агол за читање се менува со годишните времиња – во лето тоа е терасата, каде што страниците се вртат заедно со лесниот ветер и со мирисот на цвеќињата, а во постудените денови се повлекувам во топлината на дневниот престој, со книга в рака и со филџан топол чај, кафе или какао – мал ритуал за мир во мислите.
Која книга најмногу те трогна /те расплака?
Катерина: Книга што особено ме трогна и буквално ме расплака е „Никаде без ќерка ми“ од Бети Махмуди, која е вистинска и потресна приказна за мајчинската храброст и за борбата за слобода. Книгата ја следи нејзината судбина во Иран, каде што се наоѓа во ситуација од која мора да најде начин да избега заедно со својата ќерка. Тоа е приказна за љубов, за издржливост и за решителност, која силно ги прикажува културните разлики и животот во едно поинакво општество. Според книгата е снимен и истоимениот филм, кој дополнително ги пренесува емоцијата и драмата на ова вистинско искуство.
Дополнително, слично поврзана е и „И планините оддекнаа“ од Халед Хосеини. Овој автор го открив во период кога војната во Авганистан беше во својот најинтензивен момент, а паралелно гледав и документарец на HBO – „For Neda“, кој ја раскажуваше приказната за храброста на младите луѓе што се борат за своите човекови права. Тогаш за првпат вистински осознав дека постојат паралелни светови – толку различни од нашиот, а сепак реални. Таа свест ме поттикна да земам неколку книги од Хосеини и низ неговите приказни навистина ги почувствував животот, културата и болката на тој регион – семејните врски, љубовта, но и раните што ги оставаат годините во војна. „И планините оддекнаа“, заедно со „Илјада прекрасни сонца“, ме погоди толку длабоко што со денови не можев да се вратам во вообичаената реалност, прашувајќи се како е можно да постојат вакви светови. Тоа се книги што само не се читаат – тие се доживуваат и засекогаш оставаат ехо во тебе.
Која книга ти помогнала да поминеш низ тежок период во животот?
Катерина: Веројатно не би издвоила само една книга – повеќе би рекла дека се сите психолошки книги и книги за личен развој што сум ги прочитала низ годините. Секоја од нив на свој начин ми дала поинаква перспектива, мал поттик или тивко охрабрување во вистински момент. Верувам дека тежок период е тежок само додека не го надраснеме. А токму во тој процес книгите често се тие што нè придружуваат – нè учат, ни отвораат нови погледи и ни помагаат да направиме чекор напред. Затоа, за моето обликување не е заслужна само една книга, туку сите прочитани страници и сите доживеани искуства што постепено нè обликуваат и нè прават посилни.
Кој книжевен лик најмногу потсетува на тебе?
Катерина: Бидејќи многу читам и особено ги почитувам македонските автори, природно е да се поистоветувам со ликовите од нашата литература. Еден лик во кој препознавам дел од себе е Марина од „Полиња со диви нарциси“. Во неа гледам тивка сила, чувствителност и постојана потрага по сопствениот пат – нешто што секогаш ми било блиско. Таа ме потсетува дека и низ предизвиците најважно е да си останеме верни на себе и да продолжиме да ја бараме сопствената рамнотежа.
Ако можеш да живееш еден ден во светот на една книга, која би ја избрала?
Катерина: Бидејќи особено ја почитувам македонската литература, би избрала еден ден да живеам во светот на „Мирис на камилица и ментол“. Тоа е свет што го доживувам како тивка поезија – надалеку, во едно далечно некаде, таму каде што ѕвездите се допираат со планинските врвови, а месечината тивко се губи меѓу високите тополи. Тоа е простор каде што се слуша гласот на тишината, каде што цутот на црешите носи спомени, а мирисите на ментол и камилица се спојуваат во една нежна, длабока љубовна приказна. Во тој свет сè е почувствувано – без многу зборови, но со многу емоција. Верувам дека еден ден таму би бил како тивко бегство од реалноста – доволно за да потсети колку силно може да допре една приказна кога е напишана од животот и кога е почувствувана со срце.
Дали некогаш си прочитала книга што целосно ти го променила начинот на размислување? Која?
Катерина: Да, книгата „Кога телото вели не“, од Габор Мате е една од оние што навистина ми го променија начинот на размислување. Како човек што цел живот се школувал и се едуцирал во сферата на општествено-хуманистичките науки, искрено, многу малку бев свесна за длабоката поврзаност помеѓу нашиот внатрешен свет и физичкото здравје. Додека ја читав, имав чувство како постепено да ми се отвора нов поглед – како да осознав нешто што отсекогаш било тука, но не сум го гледала доволно јасно. Ми дојде во вистински момент, токму тогаш кога имав најмногу потреба да ја разберам таа врска меѓу умот, емоциите и телото. Верувам дека некои книги едноставно нè наоѓаат кога сме подготвени за нив – а оваа беше токму таква. Исто така, мислам дека е книга на која треба да ѝ се навраќаме одново и одново, затоа што со секое следно читање се доживува и се разбира на поинаков, подлабок начин.
Кој е најубавиот цитат што засекогаш ти останал во сеќавање?
Катерина: Имам многу омилени цитати, дури едно време ги запишував во посебен нотес, а подоцна почнав едноставно да ги подвлекувам вокнигите. Еве неколку што особено ми останале во сеќавање од „Светот на Софија“ од Јустејн Гордер:
• „Најважно е да не престанеме да поставуваме прашања.“
• „Светот е чудо – но ние толку се навикнуваме на него што престануваме да го забележуваме.“
• „Кој сум јас? – тоа е прашање што никогаш не смее да престанеш да си го поставуваш.“
• „Филозофијата започнува со восхитување.“
• „Оној што се чуди, веќе е на пат да разбере.“
Кога последен пат затвори книга и остана без зборови?
Катерина: Последен пат останав без зборови по читањето на „Црвената книга“ од Руми. Боженствена маестралност што не остава простор за многу зборови, туку само за чувство.
Која книга би сакала да ја прочиташ повторно за првпат?
Катерина: Ако би можела повторно да прочитам една книга за првпат, тоа би била „Let Them“ од Мел Робинс. Таа носи едноставна, но силна порака – да им дозволиме на луѓето да бидат тоа што се, без постојано да се обидуваме да контролираме или да менуваме нешто околу нас. Токму во таа едноставност се крие нејзината длабочина. Би сакала повторно да го доживеам оној момент на осознавање – кога ќе сфатиш дека понекогаш најголемото олеснување доаѓа токму од пуштањето. Тоа е книга што тивко те ослободува, а би сакала одново да ја почувствувам таа прва, искрена реакција.
КНИГИ И ФИЛМОВИ
Што повеќе сакаш – прво да ја прочиташ книгата или прво да го гледаш филмот?
Секогаш би избрала прво да ја прочитам книгата, а потоа да го гледам филмот. За мене, читањето е простор каде што фантазијата има целосна слобода – сама ги градам ликовите, сцените и атмосферата. Токму во тоа лежи вистинското уживање. Ако најпрво го погледнам филмот, при читањето неизбежно ги следам веќе видените сцени, па наместо да создавам свој свет, ја репродуцирам туѓата визија. На тој начин фантазијата станува ограничена, а магијата на книгата малку се губи.
Која филмска или ТВ-адаптација според тебе е подобра од книгата?
Ретко велам дека филм е подобар од книга, но „Алиса во земјата на чудата“ е еден од тие исклучоци. Филмската адаптација е неверојатно режирана – визуелно богата, магична и толку креативна што создава цел еден свет што тешко може да се замисли дури и низ читањето.
Таа игра на бои, на детали и на фантазија ѝ дава нова димензија на приказната, правејќи ја уште повпечатлива и живописна. Во овој случај, филмот не ја заменува книгата, туку ја проширува – како едно визуелно продолжение на нејзината магија
Која екранизација најмногу те разочарала?
„Момчето во пижами со риги“. Книгата е тивка, длабоко емотивна и суптилна во начинот на кој ја раскажува тежината на приказната, додека филмот, иако силен на свој начин, за мене не успеа целосно да ја пренесе таа внатрешна тишина и длабочина.
Можеби затоа што кога еднаш сам ќе ја изградиш приказната во себе, со сите нијанси и чувства, тешко е нешто визуелно да ја претставиистата таа интимност. Во овој случај, книгата остави многу посилен и потраен впечаток.
OFFLINE BOOK CLUB
Во колкава мера клубот ги исполнува твоите потреби за книжевно дружење и за размена на мислења? - Во голема мера. Клубот ми претставува место каде што читањето добива уште една димензија – преку разговори, преку различни гледишта и преку споделени импресии. Токму таа размена на мислења ми овозможува да ги доживеам книгите поцелосно и подлабоко, откривајќи нијанси што можеби сама не би ги забележала.
Што најмногу ти се допаѓа кај средбите на клубот? - Непосредноста, опуштеноста и чувството на поврзаност што се создава на средбите. Сè тече природно – без формалности, како разговор што сам се развива, а притоа секој слободно го споделува своето гледиште. Токму таа атмосфера прави да се чувствуваш пријатно, да се отвориш и да слушнеш различни перспективи, а на крајот да си заминеш со чувство дека си дел од нешто заедничко и искрено
Дали клубот те поттикна да читаш книги што инаку не би ги избрал/а? - Апсолутно – клубот многу ме поттикна да читам книги што можеби сама не би ги избрала. „Посакувам да си тука“ е првата книга со која се приклучив, и токму со неа направив еден нов чекор како читател. За неа веќе имам напишано рецензија, во којаподетално ги споделив моите впечатоци и доживувањето.
Како членувањето во клубот го промени твоето читателско искуство? - Сè уште сум на почетокот од моето членување во клубот, но веќе се чувствува една убава и позитивна енергија. Уште од првaтa средбa се гледа таа искрена заинтересираност за книги и за споделување, што навистина прави да се чувствуваш прифатено и мотивирано. Верувам дека со време ова искуство само ќе се продлабочува, но и сега можам да кажам дека носи нова свежина во моето читателско доживување – особено преку луѓето, преку разговорите и преку различните перспективи што се отвораат.
Што значи за тебе да разговараш за книги со луѓе што ја делат истата страст?
- Со еден збор – широкоглед.
Кој момент од Offline Book Club by Ars Lamina најмногу ти останал во сеќавање?
- „Ајде да ги создадеме повеќе, па ќе издвојам еден. Сигурна сум дека со секоја следна средба ќе има моменти што вреди да се паметат.
Што би му порачал/а на некој што размислува да се приклучи на клубот?
- Би му порачала дека нема да погреши. Ова е заедница на паметни и љубопитни луѓе што сакаат да истражуваат, да споделуваат и пред сè – да шират добра енергија низ мислата и низ разговорот. Ако барем малку го сака читањето, тука ќе најде место каде што таа љубов се разбира, се гради и се доживува заедно со други. И токму во таа заедничка страст, искуството станува уште побогато и позначајно.
БРЗИ ПРАШАЊА
Физичка (од хартија) или е-книга?
- Од хартија.
Обележувач или свиткано ќоше?
- Обележувач.
Кафе или чај (или можеби вино/коктел) додека читаш?
- И кафе и чај. И какао.
Една книга или неколку паралелно?
- Една по една.
Книжарница или библиотека?
- Книжарница.
Купување книги или добивање книги на подарок?
- Купување.
Омилена полица во домашната библиотека?
- Само една треба? Цела библиотека.
Книга што никогаш нема да ја позајмиш на никого?
- „Како да воспитате прекрасни мочиња”.