За некои луѓе книгите се само приказни на хартија, но за Симона Јовеска тие се врата кон стотици животи, емоции и светови што чекаат да бидат откриени. Симона, која работи како софтверски инженер, а е страствен читател по душа, ја создава својата мала дигитална библиотека на инстаграм-профилот @simonas_library, каде што ги споделува своите читателски впечатоци, препораки и моменти од книжевното патување.
Нејзината букстаграм-приказна започнала едноставно и спонтано – со љубовта кон книгите што сакала да ја сподели со другите. Од првите објави на приватниот профил до создавањето простор за разговори, за препораки и за нови книжевни пријателства, @simonas_library денес, е местото каде што читањето се претвора во заедничко искуство.
Со домашна библиотека од околу 550 книги, омилен агол за читање на тераса и посебна љубов кон трилерите и кон романтичните приказни, Симона ни открива како изгледа животот низ страниците на книгите. Во разговорот споделува кои приказни ја трогнале, како Offline Book Club by Ars Lamina ѝ помогнал да чита подлабоко и зошто најубавото чувство е да се најдат луѓе што „зборуваат ист јазик“ – јазикот на книгите.
Како започна твојата букстаграм-приказна?
Многу спонтано, често книгите што ги читав си ги објавував на стори на мојот приватен профил и добив идеја да отворам букстаграм-профил. Сакав место каде што ќе можам да зборувам за книги без ограничувања и да запознаам луѓе што ја делат истата љубов кон читањето.
Која беше првата книга што ја прочита по сопствен избор и што сè уште ја паметиш?
Тоа беше „Ангелски повик” од Гијом Мисо.
Што те натера да се вљубиш во читањето?
Чувството дека можеш да живееш стотици животи без да станеш од фотелјата.
Кој жанр најмногу го сакаш и зошто?
Најчесто посегнувам по трилери, но во последно време обожавам да читам и романси. Романсите ми носат емоции, а трилерите неизвесност.
Дали книгите ги купуваш импулсивно или имаш однапред подготвена листа за читање?
Секогаш одам со листа. Долга... многу долга. Но, сепак често купувам импулсивно.
Покажи ни ја твојата домашна библиотека – колку книги има во неа и кој е твојот омилен агол за читање?
Во мојата библиотека има околу 550 книги. Омилено место за читање ми е на тераса, особено за време на зајдисонце.
Која книга најмногу те трогнала/те расплакала?
„Последното писмо“ од Ребека Јарос. Ова беше една од оние книги што не само што ги читаш туку и ги преживуваш. Ме скрши емоционално.
Која книга ти помогнала да поминеш низ тежок период воживотот?
Не би издвоила една конкретна книга. Искрено, читањето како навика ми помогнало многу повеќе од која било поединечна приказна. Книгите отсекогаш ми биле место каде што можам да се исклучам од секојдневието и барем накратко да здивнам.
Кој книжевен лик најмногу потсетува на тебе?
Не би рекла дека имам еден конкретен лик, ама често се пронаоѓам во ликови што се тивки, што набљудуваат многу и што не откриваат сè веднаш. Луѓе што повеќе чувствуваат отколку што кажуваат.
Ако можеш да живееш еден ден во светот на една книга, која би ја избрала?
Искрено, не би сакала да „живеам“ во некој опасен или премногу драматичен свет. Ама би избрала некоја мистерија од Агата Кристи, само за еден ден, од безбедна дистанца, да бидам дел од таа атмосфера и да гледам како се расплетува приказната.
Дали некогаш си прочитала книга што целосно ти го променила начинот на размислување? Која?
Не би рекла дека имам една конкретна книга што ми смени сè, ама има книги што ти прават некоја промена во размислувањето. Те тераат да гледаш луѓе и ситуации малку поинаку, да бидеш поблаг/а кон некои работи и повеќе да размислуваш пред да заклучиш нешто.
Кој е најубавиот цитат што засекогаш ти останал во сеќавање?
Не паметам цитати од збор до збор, ама ги има тие моменти кога читам нешто и само застанувам и си викам „ова е тоа“. Тоа ми останува повеќе отколку самата реченица.
КНИГИ И ФИЛМОВИ
Што повеќе сакаш – прво да ја прочиташ книгата или прво да го гледаш филмот?
Секогаш прво да ја прочитам книгата.
Која филмска или ТВ-адаптација според тебе е подобра од книгата?
Сѐ уште не сум изгледала филм/серија што ми била подобра од книгата.
Која екранизација најмногу те разочарала?
Тоа е филмот „Ова завршува со нас“, снимен по истоимената книга на Колин Хувер
OFFLINE BOOK CLUB
Во колкава мера клубот ги исполнува твоите потреби за книжевно дружење и за размена на мислења?
Целосно. Ми даде простор да разговарам за книги со луѓе што навистина ги разбираат сите тие емоции што ги носи читањето.
Што најмногу ти се допаѓа кај средбите на клубот?
Различните гледишта. Секогаш ќе слушнеш нешто што не си го забележал додека си читал.
Дали клубот те поттикна да читаш книги што инаку не би ги избрала?
Апсолутн,о да. Како што спомнав и претходно, огромен љубител сум на трилери, но откако сум член на клубот ги засакав многу и романсите и драмите.
Како членувањето во клубот го промени твоето читателско искуство?
Ме научи да читам подлабоко и да обрнувам внимание на детали што претходно би ги пропуштила.
Што значи за тебе да разговараш за книги со луѓе што ја делат истата страст?
Исто како да најдеш луѓе што зборуваат ист јазик како твојот.
Кој момент од Offline Book Club by Ars Lamina најмногу ти останал во сеќавање?
Можеби средбата кога за избор ни беше „Посакувам да си тука”. Имаше толку различни мислења за книгата, и сите бевме воодушевени од тоа колку различно секој од нас ја доживеал истата книга.
Што би му порачала на некој што размислува да се приклучи на клубот?
Ако сакаш книги, ќе се чувствуваш како дома.
БРЗИ ПРАШАЊА
Физичка (од хартија) или е-книга?
Физичка книга.
Обележувач или свиткано ќоше?
Обележувач.
Кафе или чај (или можеби вино/коктел) додека читаш?
Кафе.
Една книга или неколку паралелно?
Една книга.
Книжарница или библиотека?
Книжарница.
Купување книги или добивање книги на подарок?
И двете.