Некои љубови се раѓаат уште во детството – тивко, преку малите ритуали што остануваат засекогаш во сеќавање. За Кристина Ристовска, љубовта кон книгите започнала покрај нејзината мајка, со посетите на саемите на книга, со полните кеси со нови наслови и со долгите разговори за прочитаните приказни. Денес, таа ја продолжува таа љубов преку својот букстаграм-профил „Девојчето со книгите“, место каде што споделува книжевни препораки, лични впечатоци и каде што ја гради својата мала заедница на читатели.
На свои 25 години,, Кристина е при крај со студиите на American College – School of Computer Science and Information Technology, но паралелно со академските обврски, веќе речиси шест години го развива својот книжевен простор на Инстаграм. Она што започнало како спонтана идеја за продажба на книги, денес прерасна во успешна приказна исполнета со љубов, со креативност, со соработки и со нови пријателства.
Нејзиниот профил „Девојчето со книгите“ е доказ дека книгите не се само страници и корици – тие се спомени, разговори, емоции и врска меѓу луѓето. Кристина е страстен читател штоужива во психолошки трилери, во романси со длабочина и комплексни ликови, а во последно време повторно ја открива магијата на фантазијата.
Во ова интервју таа ни открива како се родила нејзината букстаграм-приказна, кои книги оставиле најсилен печат врз неа, зошто Offline Book Club by Ars Lamina стана нејзино книжевно семејство и што значи да се споделува љубовта кон читањето со луѓе штоја чувствуваат истата страст.
-Мојата љубов кон книгите е наследена од мојата мајка, која, откако знам за себе, ме носела на секој можен Саем на книга. Дополнително, бројот на сликовници, на енциклопедии и на интерактивни игри што ги имам дома се уште еден доказ на упорноста на мајка ми да се заљубам во пишаниот збор... Стојам зад профилот Девојчето со книгите, кој постои скоро 6 години, каде што споделувам мои осврти и предлози за книги, и секако имам мал асортиман на мои производи што јас лично ги изработувам – вели таа.
Како започна твојата букстаграм-приказна?
Идејата дојде сосема спонтано, со само една замисла во глава: Како да си купам куче, кога моите одбиваат да го направат тоа? Отворив инстаграм-профил под името: secondhandbooks_mk ( сега познат како @devojceto_so_knigite), ги продадов дома скоро сите книги што ги поседував и во рок од 1 недела јас имав собрано доволно пари да си ја исполнам мојата најголема желба. Моите ја препознаа желбата и страста кон пакувањето на секоја нарачка што ја добивав тој период, видоа колку внимание и труд вложував и колку среќа претставуваше секоја нарачка за мене. И, на нивно барање парите ги вложив во уште книги, додека тие се согласија кучето да биде од нив. И во кратки црти, така се создаде профилот со кој се гордеам и каде што се вложувам 1 000 % од себеси, каде што запознав прекрасни луѓе, без кои сега не можам да си го замислам животот. Преку него остварив голем број успешни соработки и најбитното: 3 години учествував на најголемиот книжевен настан во Македонија - Саем на книга... Мајка ми, иако не сака да признае, можам да замислам колку е прегорда на себеси што успеала да ме вовлече во светот на книгите.
Која беше првата книга што ја прочита по сопствен избор и што сè уште ја паметиш?
„Терапија“ од Себастијан Фицек. Уште кога излезе во продажба бев меѓу првите читатели и мислам до ден денес дека паметам скоро 80 % од самата книга. Признавам, реткост е да памтам книги, но секогаш има по некој исклучок. Дополнително, таа книга е причината што се заљубив во психолошки трилери.
Што те натера да се вљубиш во читањето?
Како што напоменав и погоре, целиот живот сум опкружена со книги благодарение на мајка ми. Таа жена има една способност. Кога ќе почне да раскажува нешто што премногу ѝ се допаднало и ѝ оставило впечаток, љубовта може да ја почувствуваш во нејзините зборови. Па, мојот одговор дефинитивно би бил: секоја посета на саемот на книги со мајка ми и возбудата што ја чувствував секогаш кога ќе си дојдевме домасо кеси полни книги, и како заедно читаме и потоа си споделуваме наши гледишта и мислења.
Кој жанр најмногу го сакаш и зошто?
Не би можела да изберам 1 жанр. Јас сум читател што чита најмногу според расположение и според период, но мислам дека никогаш нема да можам да оддолеам на добар психолошки трилери или на некоја романса што не е само лесно читлива, туку дополнително содржи и некоја длабочина и одлично создадени комплексни ликови. Во последен период, повторно се навраќам на љубовта кон фантазијата. Уште од мала обожував да читам фантазии.
Дали книгите ги купуваш импулсивно или имаш однапред подготвена листа за читање?
Тим импулсивно купување засекогаш. Сум се обидела и со список, и секогаш сум завршувала дома со плус 10 книги. Каде се добрите попусти, таму сум и јас. Секогаш.
Покажи ни ја твојата домашна библиотека – колку книги има во неаи кој е твојот омилен агол за читање?
Дома имам вкупно 2 библиотеки. Една, строго наменета за книги што ми оставиле преубав впечаток и сакам да си ги чувам, додека втората е строго со непрочитани книги ( и уште огромно купчедо нејзе, на масата во дневна, детска соба, работилница...). Вкупно во двете библиотеки дома имам сигурно повеќе од 500 книги, со кои посебно се гордеам, затоа што секоја книга сум си ја купила сама (со исклучок на некои книги што ми се подароци ). Како ноќна птица, омилено место ми е навечер пред спиење во кревет, кога сѐ е тивко, и сум само јас со книтата. А како второ омилено место, дефинитивно — плажа. Цел ден би можела да седам на лежалка под чадор со книга во раце.
Која книга најмногу те трогнала/те расплакала?
По природа сум многу голем емотивец и најмал проблем е некоја книга да ме расплаче. Не сум мерило за емотивни книги, но можам да се сетам на последните 2 книги што ми се во сеќавање и што знам дека ги затворив во неколку наврати додека читав. Потребни ми беа десетина минути да се изнаплакам пред да продолжам со „Рок на траење“ од Ребека Јарос и со „Проект : Страст“ од Лондон Спери.
Која книга ти помогнала да поминеш низ тежок период во животот?
„Под мермерно небо“ од Џон Шорз. Книгата ја читав кога поминував низ малку потежок период, и толку ме трогна, знам ми се насолзија очите уште од првите неколку страници. Таа љубовна приказна мислам дека засекогаш ќе ја памтам. Тоа не е само приказна за љубов туку и за загуба, за надеж и за силата да продолжиш понатаму, токму кога мислиш дека не можеш.
Кога последен пат затвори книга и остана без зборови?
Во почетокот на годината, кога ја завршив „Kingdom of ash“ од Sarah J. Maas. Според мене, авторката не можеше да му даде подобар крај на серијалот и толку маестрално ги вклопи сите приказни и ликови во една книга. Буквално останав без зборови.
Која книга би сакал/а да ја прочиташ повторно за првпат?
„Под мермерно небо“ од Џон Шорз. Не сум љубител да препрочитувам книги што ми се веќе прочитани, но оваа книга е мислам едиствениот исклучок, и се надевам некогаш ќе ја заборавам само да имам можност повторно да ја читам.
КНИГИ И ФИЛМОВИ
Што повеќе сакаш – прво да ја прочиташ книгата или прво да го гледаш филмот?
Акокнигата не ме привлекувала премногу, воошшто не ја ни читам и го гледам директно филмот. Но, во случај да сум фан на авторот и на неговите книги, секогаш прво книгата, па потоа филмот.
Која филмска или ТВ-адаптација според тебе е подобра од книгата?
„Where the crawdads sing“, филм штое снимен според книгата „Девојката од мочуриштето“ од Дилија Овенс. Исто така би го додала и „Me before you“.
Која екранизација најмногу те разочарала?
„It ends with us“, филмот што е снимен според книгата на Колин Хувер. Филмот мене ми беше тотално разочарување, посебно изборот на актерска екипа. Колку и да ги сакам глумците воопшто не беа соодветни за ликовите од книгата.
OFFLINE BOOK CLUB BY ARS LAMINA
Во колкава мера клубот ги исполнува твоите потреби за книжевно дружење и за размена на мислења?
Клубот искрено ги надмина сите мои очекувања. Сѐ што посакував е само една мала група во којаќе си го споделиме нашето мислење за некоја книга. Но, колку повеќе се запознаваме меѓу себеси, секоја средба станува позабавна, дискусиите течат многу полесно. Најбитното за мене е што секој искрено го споделува своето мислење и што на лик им пишува колку се сите пресреќни што се дел од таа заедница. Клубот ми стана буквално едно мало книжевно семејство.
Што најмногу ти се допаѓа кај средбите на клубот?
Искрената дискусија. Најмногу почитувам кога некој искрено го споделува своето мислење со факти зошто му се допаднала или зошто не му се допаднала книгата. Малку тешко дојдовме до тој момент, но јас сум пресреќна. И најбитното, сите се отворени за прифаќање на туѓото мислење без оглед какво е. Тоа дополнително само отвора уште многу прашања за дискутирање за време на самата средба. Не можам да не ја спомнам и насмевката на сите членови кога ќе си заминат и колку со нетрпение ја очекуваат секоја средба.
Дали клубот те поттикна да читаш книги што инаку не би ги избрала?
Дефинитивно ДА. Иако сѐ уште сме на почетокот и досега сме имале само 4 средби, сѐ уште е рано да кажам, но би ја спомнала книгата од Џоди Пико. Бев многу голем скептик затоа што воопшто не ме привлече според кратката содржина, дополнително уште поголема одбивност ми создадоа и долгите поглавја. Сега, слободно можам да кажам таа е најубавата книга што досега сме ја дискутирале и дефинитивно уште долго ќе ја паметам.
Како членувањето во клубот го промени твоето читателско искуство?
Клубот има големо влијание врз мене. Порано читав за да ја завршам книгата, да споделам накратко дали ми се допаднала или не со блиските другарки, додека сега сѐ подлабоко и подлабоко навлегувам во содржината на книгата, си обележувам омилени цитати или делови и со нетрпение ја очекувам секоја наредна средба за да можам со сите членови да го споделам моето мислење. Да разговарам за ликовите, за одлуките, за емоциите што сме ги поминале читајќи, секако и да се пошегуваме на некој момент, ако дозволува ситуацијата.
Што значи за тебе да разговараш за книги со луѓе што ја делат истата страст?
Тоа мислам не може да се опише со зборови. Никогаш нема да ми здодее да зборувам за мојата љубов кон книгите или за книгите, па можам слободно да кажам клубот е остварување на уште една моја огромна желба како читател. Обожавам да слушам туѓи мислења за секоја книга, затоа што секоја личност различно ја доживува, и со самото зборење добиваш уште неколку различни перспективи на самата книга, што доведува до уште прашања и фокус на некои елементи што си ги занемарил при самото читање.
Кој момент од Offline Book Club најмногу ти останал во сеќавање?
Можеби ќе се повторувам со останатите членови, но, мислам дека никогаш нема да ја заборавам средбата што ни ја овозможивте на нас, членовите на клубот, со авторката Сара Пеканен, која ни се придружи на дискусијата за нејзината книга. Не можам да не ја спомнам и нашата најнова членка на клубот која има само 15 години. Сѐ уште не можам да си поверувам колку храброст ѝ била потребна, познавајќи ги денешните млади деца, да дојде на средбата и да ја сподели нејзината љубов кон книгите. Јас сум фасцинирана од неа!
Што би му порачала на некој што размислува да се приклучи на клубот?
Само едно нешто: Не размислувај. Најдобрата одлука што може да ја донесеш е да му се придружиш на нашето мало книжевно семејство, кое секоја средба се зголемува за уште некој нов член. Без оглед дали читаш една книга месечно или десет, секогаш ќе те пречекаме со широко отворени раце, со добра дискусија како луѓе што ја споделуваат истата љубов кон книгите.
БРЗИ ПРАШАЊА
Физичка (од хартија) или е-книга?
- Физичка книга преку ден, е-книга ноќно време.
Обележувач или свиткано ќоше?
- Обележувач, иако да бидам искрена, знам и свтикано ќоше да практикувам.
Кафе или чај (или можеби вино/коктел) додека читаш?
- Кафе засекогаш.
Една книга или неколку паралелно?
- Неколку паралелно.
Книжарница или библиотека?
Книжарници. Нема поубав мирис од нова книга.
Купување книги или добивање книги на подарок?
И двете, хахаха. Иако повеќе сакам да подарувам.
Омилена полица во домашната библиотека?
Не можам да изберам една, заљубена сум во целата библиотека моментално.
Книга што никогаш нема да ја позајмиш на никого?
Како што имам многу лоши искуства со позајмување книги, ниедна книга од мојата полица не би му позајмила никому. Но кога би требала да изберам, книгите што ми се special edition, никој не смее да ми ги допре.