#Bookstagram

Интервју Теодора Стојковска: Книгите, мајчинството и магијата на раскажувањето

20.06.2026.
Интервју Теодора Стојковска: Книгите, мајчинството и магијата на раскажувањето
Интервју Теодора Стојковска: Книгите, мајчинството и магијата на раскажувањето

Во свет каде што книгите сè почесто добиваат нов живот преку социјалните мрежи, книжевните заедници стануваат важен дел од современата читателска култура. Една од тие инспиративни приказни доаѓа од Теодора Стојковска (29).

Љубовта спрема книгите ја преточува во својот букстаграм-профил @xx.bookaholic, каде што ја споделува магијата на книжевноста со пошироката публика. На профилот рекреира сцени инспирирани од книги, објавува рецензии и препораки и зборува за придобивките од читањето и за неговото влијание врз секојдневниот живот.

Во рамките на својата авторска колумна „Капки од мастило“, таа има чест да разговара со домашни и светски автори, отворајќи простор за инспиративни книжевни приказни, нови перспективи и искрени разговори за литературата.

Приватно, таа е горда мајка на едно љубопитно и разиграно тодлерче, Максим, кој често е дел од приказните што ги споделува на својот профил. Покрај тоа, таа е сопственичка на пет-шоповите „Палавковци“ — бизнис создаден од љубов спема животните и грижата за нивната благосостојба.

Како започна твојата букстаграм-приказна?

Отсекогаш сум имала желба да зборувам за книгите што ги сакам и да го споделувам моето читателско искуство со други љубители на пишаниот збор. Долго време размислував да отворам профил посветен на книгите, но секогаш ми недостигаше храброст да го направам првиот чекор.

Потоа, за време на породилното отсуство, сфатив нешто важно - ако не започнам сега, веројатно никогаш нема да се осмелам. Токму тогаш решив да ја следам својата страст и да создадам место каде што ќе можам да ја споделувам магијата на книгите.

Читањето отсекогаш било повеќе од хоби за мене, тоа е бегство, инспирација и радост. Затоа сум неизмерно среќна што ја донесов оваа одлука. Нема поголемо задоволство од тоа да ги поврзувам луѓето преку приказни и да ја шириме заедно љубовта спрема книгите.

Која беше првата книга што ја прочита по сопствен избор и сè уште ја паметиш?

Мислам дека тоа беше серијалот „Дневникот на принцезата“. Ги обожавав тие книги. Тие беа важен дел од моето детство и од љубовта што постепено ја развив спрема читањето. До ден-денес ги чувам на моите полици, со надеж дека еден ден повторно ќе им се навратам и ќе ја доживеам истата магија што ја чувствував кога првпат ги читав.

Што те натера да се вљубиш во читањето?

Ме фасцинира умешноста на писателите со неколку внимателно избрани зборови да те пренесат во сосема нов свет. Книгите ни овозможуваат да доживееме поинакви авантури, да ги видиме работите од туѓа перспектива и за миг да зачекориме во нечии други чевли. Тие ни ги отвораат видиците, нè учат на емпатија и ни помагаат подобро да го разбереме светот околу нас.

Кој жанр најмногу го сакаш и зошто?

Најмногу уживам во историски драми инспирирани од вистински настани и човечки судбини. Таквите книги имаат посебна тежина затоа што зад нив стојат реални луѓе, вистински борби и искуства што го обликувале текот на историјата. Верувам дека постојат приказни што никогаш не смеат да бидат заборавени, бидејќи преку нив не само што учиме за минатото, туку им оддаваме и почит на оние што поминале низ незамисливо тешки моменти и успеале да опстанат. За мене, овие книги се потсетник на човечката издржливост, храброст и сила, но и начин да се зачува сеќавањето на луѓето и на настаните што оставиле длабока трага во светот.

Дали книгите ги купуваш импулсивно или имаш однапред подготвена листа за читање?

Иако секогаш имам подготвена листа на книги што сакам да ги прочитам, најчесто купувам импулсивно. Доволно е да видам интересен наслов, убава корица или препорака во вистинскиот момент и веднаш да отстапам од планот. Искрено, ретко успевам целосно да се придржувам до листата, љубопитноста речиси секогаш победува.

Покажи ни ја твојата домашна библиотека – колку книги има и кој е твојот омилен агол за читање? (замолуваме за фотка)

 Во мојата домашна библиотека денес има повеќе од 600 наслови и претставува една од моите најголеми гордости.

Што се однесува до омилен агол за читање, како мајка на едно активно тодлерче, немам луксуз да бирам место или време. Читам секогаш кога ќе успеам да украдам неколку драгоцени моменти за себе - рано наутро, доцна навечер или кога му е време за дремка низ денот.

Која книга најмногу те трогна/расплакала?

Без двоумење, тоа е „Славејот“ од Кристин Хана. Оваа моќна историска драма ја следи приказната на две сестри кои, секоја на свој начин, покажуваат неверојатна храброст и пожртвуваност за време на Втората светска војна. Нивните различни патишта ги водат кон истата цел: помагање и спасување на Евреите и на луѓето погодени од ужасите на војната.

Која книга ти помогнала да поминеш низ тежок период во животот?

Полноќната библиотека од Мет Хејг.  Нејзината главна порака е дека постојаното навраќање на прашањето „Што ако...?“, ретко ни носи мир или задоволство. Наместо да жалиме за пропуштените можности и за поинаквите верзии на нашиот живот, книгата нè охрабрува да ги прифатиме сопствените одлуки, да научиме од нив и да ја пронајдеме убавината во животот што го живееме. Тоа е топла и инспиративна приказна која нè потсетува дека среќата не се крие во совршениот живот, туку во способноста да го почитувамеоној што веќе го имаме.

Кој книжевен лик најмногу потсетува на тебе?

  • Ако можеш да живееш еден ден во светот на една книга, која би ја избрал/а?

„A Court of Frost and Starlight“ од Sarah J. Maas е свет во кој со задоволство би поминала еден ден. Отсекогаш сум била вљубеник во фантастичната литература и во магијата на световите што авторите успеваат да ги создадат. Можноста барем накратко да зачекорам во еден таков универзум, исполнет со магија, необични суштества и незаборавни авантури, би била вистинско доживување.

Дали некогаш си прочитал/а книга што целосно ти го променила начинот на размислување? Која?

„Земја“ од Елој Морено. Преку возбудлива и неизвесна приказна, авторот отвора важни прашања за влијанието на медиумите, за манипулацијата со информациите и за начинот на кој современото општество ја перципира реалноста.

Кој е најубавиот цитат што засекогаш ти останал во сеќавање?

Кога последен пат затвори книга и остана без зборови?

Кога ја читав третата книга за Offline Book Club средбата. Книгата е „Посакувам да си тука“ од Џоди Пико. Моќна, емотивна и незаборавна приказна што без двоумење би им ја препорачала на сите.

Која книга би сакал/а да ја прочиташ повторно за првпат?

Има повеќе книги што би сакала да ги прочитам за првпат, а тоа се: „Раскажувачката“ од Џоди Пико, „Овириум“ - серијалот од Агрон Усеини, „Сенка на ветрот“ од Карлос Руиз Зафон, „Што знае ветрот“ од Ејми Хармон

Книги и филмови

Што повеќе сакаш – прво да ја прочиташ книгата или прво да го гледаш филмот?

Прво книгата, секако.

Која филмска или ТВ-адаптација според тебе е подобра од книгата?

Сѐ уште не сум наишла на таква.

Која екранизација најмногу те разочарала?

„Самрак“ од Стефани Мајер. Книгите се навистина прекрасни, а екранизацијата ни 1 % не го покажува тоа.

Offline Book Club by Ars Lamina

Во колкава мера клубот ги исполнува твоите потреби за книжевно дружење и за размена на мислења?

  • Уживам во секоја средба со клубот и секогаш си одам со полно срце. Обожувам кога имаме здрава дискусија за делото на месецот.

Што најмногу ти се допаѓа кај средбите на клубот?

  • Новите познанства, читањето на книги на кои вообичаено не би им дала можност, размената на мислења.

Дали клубот те поттикна да читаш книги што инаку не би ги избрал/а?

  • Да, ме поттикнува да излезам од сопствената комфор зона.

Како членувањето во клубот го промени твоето читателско искуство?

  • Секоја книга ја читам со многу поголема возбуда од претходно знаејќи дека ќе имам со кого да ги споделам своите впечатоци и ќе имам можност да ја доживеам од туѓа перспектива.

Што значи за тебе да разговараш за книги со луѓе што ја делат истата страст?

  • Рај на Земјата хахаха. Уживам во секој момент.

Кој момент од Offline Book Club by Ars Lamina најмногу ти останал во сеќавање?

  • Има два моменти што ми имаат останато во сеќавање. Тие се ВИП-книжевната средба со америчката писателка Сара Пеканен и третата дискусија за книгата „Посакувам да си тука“ од Џоди Пико.

Што би му порачал/а на некој што размислува да се приклучи на клубот?

  • Зошто воопшто се двоумите? Придружете ни се во прекрасните средби и ви гарантирам дека ќе се вратите со полни срца!

Брзи прашања

Физичка (од хартија) или е-книга? – Физичка, чувството е незаменливо

Обележувач или свиткано ќоше? – Обележувач, срцето ме боли ако е свиткана книгата

Кафе или чај (или можеби вино/коктел) додека читаш? – Кафе, може и коктел

Една книга или неколку паралелно? – Една книга, многу ретко неколку паралелно

Книжарница или библиотека? – Книжарница, сакам да си ги чувам книгите како трофеи

Купување книги или добивање книги на подарок? –Еднакво им се радувам и на двете

Омилена полица во домашната библиотека? – Таа со приказните за Втора Светска војна

Книга што никогаш нема да ја позајмиш на никого? – Alchemised – SenLinYu

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

13.
Jun.
#Bookstagram
Постојат приказни што прво се читаат, па потоа се гледаат - и такви што засекогаш остануваат некаде меѓу страниците и филмското платно. Токму во тој простор ...
02.
Mar.
#Bookstagram
Секој збор, секоја реченица, секоја страница е залудно напишана ако не си го пронајде патот до своите читатели. 
array(0) {
}
Memory Consumption is: 8.4 MB