За некои читатели, книгите се бегство од секојдневието, за други – начин подобро да го разберат светот и самите себе. За Виолета Ефтимова, читањето е токму тоа: можност да влезе во други светови, да ги набљудува животите и постапките на книжевните ликови и во нив да препознае делови од себе. Нејзината љубов спрема книгите денес живее и преку букстаграм-профилот @vikis_readinglist, кој започнал сосема случајно, по разговор со пријателка, а прераснал во простор за споделување впечатоци, препораки и читателски радости.
Со домашна библиотека во која има повеќе од 300 книги, со посебна љубов спрема македонските автори и читателски вкус кој со текот на годините се ослободил од жанровските граници, Виолета верува дека секоја книга го наоѓа својот читател во вистинскиот момент. Нејзиниот однос спрема книгите е и емотивен – „Убавината на скршените нешта“ е книга што длабоко ја трогнала, „Дивиот мрачен брег“, е свет во кој би сакала да помине цел ден, а „Четврто крило“ е една од книгите што ѝ ги донела сите „букстаграмски чувства“.
Во разговорот со Вики зборуваме за нејзиниот читателски пат, за книгите што ја обележале, за љубовта спрема македонската книжевност, спрема филмските адаптации и, секако, за Offline Book Club by Ars Lamina – место каде што, како што вели таа, чувството да разговараш со луѓе со иста страст кон читањето е бесценето.
ЈАС И КНИГИТЕ
Како започна твојата букстаграм-приказна?
Сосема случајно, искрено во еден разговор со Дијана @dijanaslibrary, која ме убеди да си отворам мој букстаграм-профил каде што ќе можам да го споделувам тоа што го читам, или да споделам впечатоци за прочитаните книги.
Која беше првата книга што ја прочита по сопствен избор и сè уште ја паметиш?
„Мајка“ од Максим Горки.
Што те инспирираше да се вљубиш во читањето?
Започнав да читам во втора година средно училиште. Открив дека читањето ни дозволува да влеземе во други светови, каде што, иако не сме дел од тој свет, сепак можеме да го набљудуваме и постепено да откриеме кои сме ние гледајќи ги постапките на другите.
Кој жанр најмногу го сакаш и зошто?
Да ме прашавте пред некои десетина години, би рекла дека романсите ми се омилен жанр, но сега би рекла дека немам некој омилен жанр, бидејќи секоја книга ја доживуваме различно како читатели.
Дали книгите ги купуваш импулсивно или имаш однапред подготвена листа за читање?
На саеми одам со однапред подготвена листа, но сепак би рекла импулсивно бидејќи секогаш некоја книга плус ќе ми се допадне.
Колку книги има во твојата домашна библиотека и кој е твојот омилен агол за читање?
Во мојата домашна библиотека има повеќе од 300 книги, колку точно не знам. Немам омилено катче за читање, барем не сѐ уште.
Која книга најмногу те трогна/те расплакала?
„Убавината на скршените нешта“ од Ивана Спасев.
Која книга ти помогнала да поминеш низ тежок период во животот?
Не можам да издвојам посебна книга бидејќи мислам дека секоја книга си го пронаоѓа патот до читателот во свое време. Истото тоа ми се има случено и мене.
Кој книжевен лик најмногу потсетува на тебе?
Во секоја книга пронаоѓам по нешто од мене во ликовите.
Ако можеш да живееш еден ден во светот на една книга, која би ја избрал/а?
„Дивиот мрачен брег“. Колибата на островот со книгите. Под услов од таму да не излезам цел ден.
Дали некогаш си прочитал/а книга што целосно ти го променила начинот на размислување? Која?
Овде морам пак да ја споменам „Убавината на скршените нешта“, не зашто ми го променила начинот на размислување, туку зашто не знаеме што сè носат луѓето во себе, а сепак излегуваат од дома со насмевка на лицето.
Кој е најубавиот цитат што засекогаш ти останал во сеќавање?
Има повеќе цитати. Но, еве би го издвоила овој од Петре М. Андреевски.
„Вистина, љубовта има едно име, но илјадници приказни.“
Кога последен пат затвори книга и остана без зборови?
„Четврто крило“ – дефинитивно со оваа книга ги почувствував сите букстаграмски чувства.
Која книга би сакал/а да ја прочиташ повторно за првпат?
Наскоро планирам да ја прочитам „Папата Јована“ по вторпат.
КНИГИ И ФИЛМОВИ
Што преферираш – прво да ја прочиташ книгата или прво да го гледаш филмот?
Прво да ја читам книгата. Не сум од оние што гледаат дали сè е доловено во филмот, но сакам да знам што е испуштено.
Која филмска или ТВ-адаптација според тебе е подобра од книгата?
„My Oxford year“. Овде прво ја читав книгата, но филмот ми се допадна повеќе.
Која екранизација најмногу те разочарала?
„Јас пред тебе“ - мислам дека книгата беше подобра.
OFFLINE BOOK CLUB BY ARS LAMINA
Во колкава мера Offline Book Club ги исполнува твоите потреби за книжевно дружење и за размена на мислења?
Бев на средбата со Сара Пеканен и на последните две средби. Буквално уживам во дружењето! Одлична идеја!
Што најмногу ти се допаѓа кај средбите на клубот?
Тоа што секој од нас може да си го каже своето мислење без да се плаши дали некој ќе го прифати тоа или не.
Дали клубот те поттикна да читаш книги што инаку не би ги избрал/а?
Да, дефинитивно.
Како членувањето во клубот го промени твоето читателско искуство?
Со оглед на тоа што немам присуствувано на сите средби, би рекла дека засега ми се погодија книги од жанрови што ги читам, но едвај чекам да се погоди и некоја книга што инаку не би ја читала.
Што значи за тебе да разговараш за книги со луѓе што ја делат истата страст?
Кога го видов прашањето, веднаш ми текна на песната Рај на земјата. Така што чувството да разговараш со луѓе со иста страст за читање е бесценето.
Кој момент од Offline Book Club by Ars Lamina најмногу ти останал во сеќавање?
Средбата со Сара Пеканен.
Што би му порачал/а на некој што размислува да се приклучи на клубот?
Не се мислете. Дојдете. И да не ви се допадне, а верувајте дека ќе уживате, нема што да изгубите.
БРЗИ ПРАШАЊА
Физичка (од хартија) или е-книга?
И двете.
Обележувач или свиткано ќоше?
Обележувач!!
Кафе или чај (или можеби вино/коктел) додека читаш?
Кафе, некогаш може и пиво, а некогаш и вино.
Една книга или неколку паралелно?
Обично две книги.
Книжарница или библиотека?
Книжарница.
Купување книги или добивање книги на подарок?
Добивање книги на подарок.
Омилена полица во домашната библиотека?
Делот со македонските автори.
Книга што никогаш нема да ја позајмиш никому?
Па позајмувам книги на одредени личности, но досега не ми се е случило некоја да не сакам да ја позајмам.