За сите обожаватели на мистериите и книгите на Агата Кристи, овој викенд ја препорачуваме серијата „Госпоѓица Марпл“, снимена според романите „Мртво тело во библиотеката“ и „Во 16:50 часот од станицата Падингтон“. На македонски јазик книгите се во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, и се дел од големата едиција со 12 најпознати наслови, поделени во два сета. Во првиот сет се: „Мистериозниот случај во Стајлс“, „Убиството на Роџер Акројд“, „Лорд Еџвер е мртов“, „Убиство во Ориент експрес“, „Смрт на Нил“ и „Зло под сонцето“, а во вториот, покрај „Мртво тело во библиотеката“, „Во 16:50 часот од станицата Падингтон“ застапени се и „По погребот“, „Завеса: последниот случај на Поаро“, „И не остана ниту еден“ и „Златната топка и други раскази“.
Госпоѓицата Џејн Марпл, покрај Херкул Поаро е најпознатиот лик од романите на славната англиска авторка на детективски романи, Агата Кристи, но и воопшто во книжевноста. Се појавува во 12 романи на Кристи и во повеќе од 20 раскази.
Агата Кристи инспирацијата за овој лик ја црпела од нејзината баба и нејзини блиски пријателки, создавајќи жена-детектив која со својата остроумност решава случаи каде што дури и полицијата тапка во место. Госпоѓица Марпл живее во малото англиско село Сент-Мери Мид. Таа воопшто не изгледа како типичен детектив, но изгледот знае да залаже. Иако го поминала целиот живот во село, госпоѓица Марпл изненадува со својата животна мудрост и проѕирност. Како што таа самата често истакнува во романите – ја користи секоја можност за да ја набљудува човечката природа: „Во животот на село има многу пороци“. Она што ја прави госпоѓица Марпл толку успешна е нејзината способност да остане во сенка, додека нејзината брилијантна интелигенција е скриена зад љубовта кон плетењето, градинарството и трачовите. Таа, толку тивка и незабележлива, има слобода да трага по вистината. Наместо да шета со лупа, таа непогрешливо ги разоткрива виновниците и ги решава мистериите користејќи само познавање на човечката природа и својот инстинкт – следејќи ја својата безгрешна интуиција. Никогаш не е платена за тоа, а многу често никој не ѝ ни заблагодарува.
Во романот „Мртво тело во библиотеката“, еден од главните ликови, сер Хенри Клитеринг, вели за неа: „Најдобриот детектив што Бог некогаш го создал. Природен гениј, израснат на плодна почва“.
Досега има многу филмски и телевизиски адаптации на романите на Кристи со Марпл. На малите екрани и на големото платно ја имаат „оживеано“ долга листа на актерки:
Маргарет Радерфорд, Анџела Ленсбери, Далси Греј, Хелен Хејс, Ита Евер, Џоан Хиксон, Џералдин Мекјуен, Џун Витфилд, Џулија Мекензи, Изабела Парис (како млада Марпл), Рене Мишелс и други.
Серијата „Госпоѓица Марпл од Агата Кристи“, што се емитуваше на BBC One од 1984 до 1992 година, ги адаптира сите 12 романи со Џејн Марпл, со Џоан Хиксон во насловната улога. Подоцнежни адаптации, како што е и оваа во која госпоѓицата Марпл ја глуми Џералдин Мекјуен, ги носат приказните поблиску до современата публика, а истовремено ја задржуваат магијата и интелигенцијата на оригиналот.
Во продолжение, кратка содржина на двете книги по кои се снимени истоимените епизоди:
„Мртво тело во библиотеката“
Еден раноутрински мир е нарушен кога во библиотеката на полковникот Бантри се наоѓа мртво тело на млада, непозната девојка. Облечена во вечерен фустан и силно нашминкана, девојката не му е позната на никого, ниту пак има логично објаснување за нејзиното присуство во куќата. Госпоѓата Бантри веднаш ја повикува нејзината пријателка, госпоѓицата Марпл, да ѝ помогне во разрешување на мистеријата.
Ова е класичен пример за „затворен случај“ каде што секој лик има мотив, а вистината е закопана меѓу редови и индиции кои само внимателен набљудувач како госпоѓицата Марпл може да ги забележи. Романот е издаден во 1942 година и се вбројува меѓу омилените на читателите на Кристи.
Во епизодата улогите ги толкуваат: Џералдин Мекјуен (Госпоѓица Марпл), Џоана Ламли (Доли Бантри), Џејмс Фокс (Полковник Бантри), Сајмон Калоу (Полковник Мелчет), Бен Милер (Бејзил Блејк), Тара Фицџералд (Аделаид Џеферсон), Иан Ричардсон (Конвеј Џеферсон)
„Во 16:50 часот од станицата Падингтон“
Госпоѓа Елспет Мекгиликади, при враќање од пазарување, од прозорецот на возот е сведок на шокантна сцена – човек дави жена во соседниот воз што се разминува. Но, бидејќи нема тело, нема докази, никој не ѝ верува. Никој, освен госпоѓица Марпл.
За да ја открие вистината, Марпл праќа нејзината доверлива пријателка Луси на работа во имотот на семејството Кракенторп. Таму, зад фасадата на благородност и традиција, се крие тајна што води кон смрт. Романот е објавен во 1957 година и претставува маестрално напишана мистерија со совршен тајминг и вртежи во приказната.
Во оваа епизода улогите ги играат: Џералдин Мекјуен (Госпоѓица Марпл), Пам Ферис – (Елспет МекГиликади), Аманда Холден (Луси Ајлсбароу), Дејвид Ворнер ( Лутер Крекенторп), Бен Даниелс (Доктор Квимпер) и Нив Кјусак (Ема Крекенторп).
Книгите „Мртво тело во библиотеката“ и „Во 16:50 часот од станицата Падингтон“ – се достапни на македонски јазик, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“ во сите поголеми книжарници и онлајн преку „Литература.мк“.