Постојат приказни што со векови тивко чекаат некој да им го даде гласот што го заслужуваат. „Хамнет“ од Меги О’Ферел е токму таква приказна. Повеќе од четиристотини години, животот и смртта на синот на Вилијам Шекспир остануваат речиси незабележани во сенката на неговото генијално творештво - сѐ додека О’Ферел не ѝ подари душа, емоција и длабочина на оваа заборавена судбина.
Романот што го освои светот со својата длабока и емотивна приказна досега е продаден во над 2 милиони примероци и е преведен на повеќе од 40 јазици. Добитник е на престижните награди Women’s Prize for Fiction и British Book Awards, со што го потврдува својот статус како едно од најзначајните современи книжевни дела.
Книгата на македонски јазик е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.
„Хамнет“ е роман за двајца исклучителни луѓе поврзани со длабока љубов, но и со незамислива загуба. Во летото 1596 година, во Стратфорд, нивниот мирен семеен живот се распаѓа кога малата Џудит ненадејно се разболува. Никој не претчувствува дека токму ова дете ќе го загуби животот. О’Ферел создава нежен, болен и незаборавен портрет на момче чијшто краток живот ќе остане запаметен само преку името на една од најголемите драми во светската литература.
Историската драма „Hamnet“, во режија на оскаровката Клои Жао, е создадена во блиска соработка со самата Меги О’Ферел, која е коавторка на сценариото. Филмот ја драматизира љубовната врска и бракот меѓу Агнес (Ен) Хатавеј и Вилијам Шекспир, како и разорната загуба на нивниот единаесетгодишен син Хамнет - трагедија што засекогаш ќе го обележи нивниот однос и ќе стане инспирација за „Хамлет“. Во главните улоги блескаат Џеси Бакли (Агнес Хатавеј) и Пол Мескал (Вилијам Шекспир), чии изведби добија исклучителни пофалби од критиката, а во актерската екипа се и Емили Вотсон и Џо Алвин.
Филмската адаптација на романот „Хамнет“ блесна со осум номинации за Оскар 2026, меѓу кои и за најдобро адаптирано сценарио, потврдувајќи го глобалното влијание на оваа потресна приказна. Претходно, филмот беше награден за најдобро сценарио на Irish Film & Television Academy Awards 2026, дополнително зацврстувајќи го својот успех. Филмот освои и бројни награди на најголемите светски филмски манифестации, меѓу кои за најдобар филм – драма и најдобра актерка (Џеси Бакли) на Golden Globe Awards и BAFTA Awards, како и Награда на публиката на Toronto International Film Festival. Главната актерка Џеси Бакли ја доби и наградата за најдобра актерка на Screen Actors Guild Awards 2026
Филмот премиерно беше прикажан на Филмскиот фестивал во Телурајд и редовно се најде на листите за најдобри филмови за 2025 година, вклучително и селекцијата на Американскиот филмски институт (AFI). Критичарите особено ги истакнаа суптилната режија на Клои Жао, визуелната поетика на филмот и маестралните актерски изведби на Џеси Бакли и Пол Мескал.
Доколку сакате филмови што оставаат тишина по одјавната шпица - и книги што долго одѕвонуваат кај читателот - „Хамнет“ е приказна што не треба да ја пропуштите. Прво прочитајте ја. Потоа, доживејте ја и на филмското платно.
Книгата е достапна во книжарниците на Литература.мк и онлајн преку www.literatura.mk.