За љубителите на книги, читањето не е само хоби – тоа е начин на патување низ разнисветови, животи и приказни. Во серијалот разговори со членови на клубот на читатели Offline Book Club, овојпат ве запознаваме со Марина Стевковска, која стои зад профилот @Licence2read. Таа особено ги сака трилерите и мистериите, ужива да ги решава книжевните убиства заедно со детективите, но не се ограничува само на еден жанр.
Марина ни открива како започнала да пишува рецензии, која книга од детството ѝ останала во сеќавање, зошто во нејзината домашна библиотека има повеќе од 700 книги и која е книгата што никогаш не би ја позајмила. Разговараме и за филмските адаптации, за љубовта спрема читањето и за нејзиното искуство со Offline Book Club by Ars Lamina.
ЗА ЉУБОВТА СПРЕМА КНИГИТЕ
Претстави се накратко и кажи ни како се вика твојот букстаграм-профил.
Јас сум Марина, ги сакам книгите, особено трилерите и мистериите, и стојам зад профилот @Licence2read.
Како започна твојата букстаграм-приказна?
Пишувањето рецензии го започнав многу одамна, кога постоеше сајтот „Сакам книги“. Почнав да пишувам рецензии за нивните книги и видов дека добро ми оди, па продолжив и понатаму, на моите профили на Фејсбук и на Инстаграм.
Која беше првата книга што ја прочита по сопствен избор и што сè уште ја памтиш?
Ги читав лектирите затоа што сакав да ги читам, а не затоа што морав. Тешко е да изберам која била првата. Се сеќавам на книгата „Трајан“, која ја добив како награда за одличен успех. Ми остави навистина убав впечаток. Не можев да ја оставам додека не ја завршив, а бидејќи беше прв дел, отидов во библиотека да го барам вториот.
Што те натера да се вљубиш во читањето?
Отсекогаш сум сакала да читам. Мајка ми ми купуваше детски книги со животни и, читајќи ги нивните приказни, јас се замислував таму, во нивното природно опкружување. И денес го правам тоа – се внесувам во приказната, на локацијата, меѓу ликовите.
Кој жанр најмногу го сакаш и зошто?
Сакам да решавам мистерии и убиства, па најмногу уживам во трилерите и во мистериите. Се ставам во главата на детективот и го решавам убиството. Сакам и историски приказни, како и приказни исполнети со хумор. Всушност, можам да читам кој било жанр, само да е добра приказната.
Дали книгите ги купуваш импулсивно или имаш однапред подготвена листа за читање?
Домашен есап во чаршија не излегува. Секогаш имам список,девица сум во хороскоп, ама секогаш излегувам надвор од списокот.
Покажи ни ја твојата домашна библиотека – колку книги има во неаи кој е твојот омилен агол за читање?
Бројот на книгите постојано се менува. Често книгите што не ми се допаднале особено ги донирам. Приближнопребројав 712 книги, а тоа што се гледа на фотографиите е само првиот ред – има уште по два реда одзади.
Која книга најмногу те трогна или те расплака?
Не сум љубител на книги на кои се плаче. Како дете плачев на „Хајди“, плачев и на „Волшебното самарче“. Последно ме расплака „Цела небесносина боја“ од Мелиса Да Коста.
Која книга ти помогнала да поминеш низ тежок период во животот?
„Како да го избегнеш Божиќ“ од Џон Гришам. Имав навистина тежок период, а хуморот во книгата не само што ме орасположи туку ми помогна и да гледам малку попозитивно на работите.
Кој книжевен лик најмногу потсетува на тебе?
Многу одамна прочитав една комична книга, „I Was in Love with a Short Man Once“ од авторката Кимберли Далферес. Тоа се нејзини мемоари напишани во комичен стил. Таа е девица во хороскоп, а приказната е за тоа како девиците го спасуваат светот. Девиците ги завршуваат сите работи бидејќи имаат списоци и листи буквално за сè.
Ја читам книгата и си велам: „Ова сум јас!“ Јас имам список за сè, листа со дневни обврски за сè, а тефтерчето за запишување ми е секогаш во чантата. Книгава како да е напишана буквално за мене.
Ако можеш да живееш еден ден во светот на една книга, која би ја избрала?
„Јади, моли се и уживај“. Би ја шетала Италија.
Дали некогаш си прочитала книга што целосно ти го променила начинот на размислување? Која?
Сакам книги за други нации и култури, особено за оние помалите што биле репресирани низ историјата. Може многу да се научи за нив, особено од нивни извори, а не од оние на големите сили.
Такви се, на пример, книгите за Индијанците, како „Killers of the Flower Moon“. Иако знаев колку биле репресирани, не мислев дека белиот човек може да биде до толку злобен. Читаш крими-роман, кој, за жал, е сурова вистина.
Кој е најубавиот цитат што засекогаш ти останал во сеќавање?
Од „Да се убие птицата подбивница“ ќецитирам : „Кога син ми сака да направи нешто, тој гледа во мене. На мене се угледува. Јас не можам дома да бидам еден човек, а на улица друг. Не можам дома едно него да го учам, а на улица да правам друго“.
Кога последен пат затвори книга и остана без зборови?
„Исповед“ од Жауме Кабре. Ја почнував неколку пати. И кога конечно ја дочитав, останав буквално со отворена уста и се прашав: каков гениј треба да си за да напишеш вакво нешто.
Која книга би сакала да ја прочиташ повторно за првпат?
„Невидливиот живот на Еуридиси Гузмао“ од Марта Батаља. Навистина ми се допадна главната хероина, која толку се трудеше да направи нешто свое, а живееше во погрешно време.
КНИГИ И ФИЛМОВИ
Што повеќе сакаш – прво да ја прочиташ книгата или прво да го гледаш филмот?
Прво да ја прочитам книгата. Филмот е само врвот на ледениот брег.
Која филмска или ТВ-адаптација според тебе е подобра од книгата?
„Појадок кај Тифани“. Филмот е прекрасен, а книгата навистина ме разочара.
Која екранизација најмногу те разочарала?
Новите адаптации на книгите на Агата Кристи. За мене Дејвид Суше е единствениот Поаро. Новите верзии имаат ликови што ги нема во книгите, приказните се извртени, а новиот Поаро не ми се допаѓа.
OFFLINE BOOK CLUB BY ARS LAMINA
Во колкава мера клубот ги исполнува твоите потреби за книжевно дружење и за размена на мислења?
Ми се допаѓа тоа што сечие мислење се вреднува. Нема вистинско и погрешно – сите различно ги доживуваме книгите. Сите сме на различна возраст и од различни професии и сите обрнуваме внимание на различни моменти и детали во книгите. „Никој не чита една иста книга.“
Што најмногу ти се допаѓа кај средбите на клубот?
Самото дружење и дискусиите, па и разговорите за книги што не се дел од клубот, но некако се надоврзуваат на книгата што ја обработуваме.
Дали клубот те поттикна да читаш книги што инаку не би ги избрала?
Да. Не сум љубител на љубовни романи, ама, ете, и тоа читав. И во љубовно романче може да се најде нешто интересно што ќе ми го задржи вниманието.
Како членувањето во клубот го промени твоето читателско искуство?
Досега имавме книги со острови. Тоа ме натера да истражувам, да ги барам на мапа, да ги истражувам растенијата што се спомнуваат и да научам нешто повеќе. А не само да прочитам фиктивна приказна.
Што значи за тебе да разговараш за книги со луѓе што ја делат истата страст?
Ми значи многу. Убаво е да имаш хоби и да имаш со кого да дискутираш, па дури и да се испокараш за него. Другите читатели ми даваат поттик да прочитам некоја препорачана книга, да чујам и друго мислење и да полемизирам за книга што ми се допаднала, а на некогодруг не.
Кој момент од Offline Book Club by Ars Lamina најмногу ти останал во сеќавање?
Квизот со брзи прашања. Забележувам детали, ама не ги памтам. Па најмалку учествувам во него. Секогаш си велам: „Ај, следниот пат ќе обрнам повеќе внимание на деталите“, и пак ништо.
Што би му порачала на некој што размислува да се приклучи на клубот?
Да дојде без размислување. Убаво си поминуваме, супер се дружиме. Нема да згреши. Нема врска ако не се познаваме – ќе се запознаеме. Брзо го кршиме мразот.
БРЗИ ПРАШАЊА
Физичка книга или е-книга?
И тоа и тоа. Ги сакам и хартиените книги, а го сакам и киндлот бидејќи можам да си ја менувам големината на фонтот.
Обележувач или свиткано ќоше?
На толку обележувачи, баш кога ми треба, немам ниеден при рака и на крајот е свиткано ќоше.
Кафе или чај додека читаш?
Најчесто кафе, ама може и чај и вино.
Една книга или неколку паралелно?
Една дома, една во автобус накај работа, неколку паралелно.
Книжарница или библиотека?
Порано библиотека. Откако работам – книжарница.
Купување книги или добивање книги на подарок?
Претежно купувам, ама и добивам на подарок. Најтешко е на книгољубец да му погодиш книга што ја нема или не ја читал.
Омилена полица во домашната библиотека?
Таа со трилерите. Иматри реда одзади што не се гледаат.
Книга што никогаш нема да ја позајмиш на никого?
Мојата омилена – „Quo Vadis“ од Хенрик Сјенкевич.