Во книжевниот свет, има луѓе чија љубов спрема книгите не е само навика, туку начин на живот – тивка, постојана страст што започнува уште во детството и никогаш не престанува да расте.
Моника Стојановска Савевска од Offline Book Club е љубителка на книги уште од најрана возраст – уште од моментот кога научила да чита. За неа читањето не е само хоби, туку свет во кој постојано се враќа, без оглед дали станува збор за белетристика, за фантазија или за стручна литература. Од првите книги што ги земала од домашната библиотека на својата мајка, па сè до денешните внимателно избрани наслови и Kindle-читaње, нејзиното книжевно патување се развива природно и искрено, водено од љубопитноста и од љубовта спрема приказните. Иако сè уште нема сопствен букстаграм-профил, Моника веќе има јасно изграден однос спрема книгите и спрема читателската заедница, а преку разговорот откриваме како се развила нејзината страст, кои книги ја обликувале и зошто читањето за неа е најубавото бегство од секојдневието.
-Во мојата приказна се потврдува дека, тоа што гледаш, тоа и правиш. Мајка ми читаше, па прво почнав и јас да ги читам нејзините книги. Потоа се зачленив во библиотека, па некако барав што да читам преку препораки. Тогаш немаше социјални мрежи да ми даваат предлози. Првата книга што ја купив од саем ја чував три месеци неотворена, од жал дека ќе ѝ ги свиткам страниците – вели таа.
МОЈАТА КНИЖЕВНА ПРИКАЗНА
Која беше првата книга што ја прочита по сопствен избор и сè уште ја паметиш?
Моника: Не сум сигурна дали беше „Кодот на Да Винчи“, „Ерагон“ или „Мемоарите на една гејша“.
Што те поттикна да се вљубиш во читањето?
Моника: Светот што се создава во мојата глава, по секој прочитан збор.
Кој жанр најмногу го сакаш и зошто?
Моника: Сакам фантазија каква било, научна, дистопија, сè), трилери, романтични комедии. Бидејќи се различни од нормалното секојдневие, излез од проблемите и скок во магичниот свет.
Дали книгите ги купуваш импулсивно или имаш однапред подготвена листа за читање?
Моника: Порано купував импулсивно (се разбира, во границите на финансиските можности). Сега избирам што ќе купам, сè останато го симнувам од нет за на киндел.
Колку книги има во твојата домашна библиотека и кој е твојот омилен агол за читање?
Моника: Веројатно имам повеќе од 300 книги, треба пак да пребројам. Омилено место за читање ми е страницата на каучот, каде што може да се потпрам без да имам укочување на телото (ха,ха,ха).
Која книга најмногу те трогнала/терасплакала?
Моника: Уффф, мислам дека беше „Човекот по име Уве“. Прекрасна!
Која книга ти помогнала да поминеш низ тежок период во животот?
Моника: Ха,ха,ха е ова е интересно. „Twilight- New Moon“, во тој период поминував низ раскинување на тинејџерска љубов, па, описот на Бела кога ја остави Едвард, може да се рече дека се пронајдов.
Кој книжевен лик најмногу потсетува на тебе?
Моника: Добро прашање. Евангелина, од „Once Upon A Broken Heart“, секако без бојата на косата.
Ако можеш да живееш еден ден во светот на една книга, која би ја избрал/а?
Моника: „Кралство од соништата“ од Џудит Мекнот.
Дали некогаш си прочитала книга што целосно ти го променила начинот на размислување? Која?
Моника: „Игрите на гладните“ – како се случува сè тоа и сега, само во друга форма.
Кој е најубавиот цитат што засекогаш ти останал во сеќавање?
Моника: „Once a upon a time“.
Кога последен пат затвори книга и остана без зборови?
Моника: „Fourth Wing“, пред пет месеци, секоја чест на имагинацијата.
Која книга би сакал/а да ја прочиташ повторно за првпат?
Моника: „Love Hypotheses“ – со денови се чувствував опседната со неа.
КНИГИ И ФИЛМОВИ
Што повеќе сакаш – прво да ја прочиташ книгата или прво да го гледаш филмот?
Моника: Што било, она за што ќе дознаам прво. Не е лошо и да имам замисла како ќе изгледа главниот лик пред книгата.
Која филмска или ТВ-адаптација според тебе е подобра од книгата?
Моника: Уште сега мислам дека „Off Campus“ сезоната за Дин и Ани ќе ми се допаѓа повеќе од книгата.
Која екранизација најмногу те разочарала?
Моника: „Inferno“ на Ден Враун. Не можам да разберам како можеа да сменат толку феноменален крај.
OFFLINE BOOK CLUB
Во колкава мера клубот ги исполнува твоите потреби за книжевно дружење и за размена на мислења?
Моника: Во целосна мера. Убаво е да си меѓу читачи.
Што најмногу ти се допаѓа кај средбите на клубот?
Моника: Што сите зборуваме за истата книга, но од различни агли.
Дали клубот те поттикна да читаш книги што инаку не би ги избрала?
Моника: Дефинитивно, да!
Како членувањето во клубот го промени твоето читателско искуство?
Моника: Почнав да читам драми.
Што значи за тебе да разговараш за книги со луѓе што ја делат истата страст?
Моника: Чувство на припаѓање.
Кој момент од Offline Book Club by Ars Lamina најмногу ти останал во сеќавање?
Моника: Првиот пат кога дојдов таму, како сите беа фини и пријателски настроени кон мене.
Што би му порачал/а на некој што размислува да се приклучи на клубот?
Моника: Да не размислува. Да дојде.
БРЗИ ПРАШАЊА
Физичка (од хартија) или е-книга?
- Физичка.
Обележувач или свиткано ќоше?
- Обележувач.
Кафе или чај (или можеби вино/коктел) додека читаш?
- Кафе во лето, чај во зима.
Една книга или неколку паралелно?
- Колку може повеќе, од различни жанрови.
Книжарница или библиотека?
- Двете.
Купување книги или добивање книги на подарок?
- Добивање книги, не сака секој книга за подарок.
Омилена полица во домашната библиотека?
- Книги со прекрасни корици.
Книга што никогаш нема да ја позајмиш на никого?
- „The Fairy Tales Of Grimm And Andersen“ во издеание на Taschen.