Интервјуа

Софија Петрова-Стојков: Offline Book Club ми е љубов голема!

20.09.2026.
Софија Петрова-Стојков:  Offline Book Club ми е љубов голема!
Софија Петрова-Стојков:  Offline Book Club ми е љубов голема!

Книгите се нејзината голема љубов, а читањето – начин да открива нови светови, луѓе и себеси. Софија Петрова-Стојков е страствен читател, сопственик на три мини библиотеки и на повеќе од 850 книги, љубител на Господинов, на Шлинк, на Бакман, на Јалом, на Шафак и на уште многу автори. Чита сè – од класици и историска фикција до психологија и трилери, а секоја добра препорака знае да ја однесе и надвор од својата читателска комфор-зона.

Иако сè уште нема букстаграм-профил, вели дека наскоро ќе почне да ги споделува своите читателски откритија и онлајн. Во меѓувреме, редовно ги споделува со членовите на Offline Book Club by Ars Lamina, кој за неа одамна е многу повеќе од книжевен клуб – место каде што пронашла енергија, пријателства, нови книги и луѓе со кои може бескрајно да разговара за читањето. Таа е една од најактивните членови уште од почетокот на клубот, препознатлива по темелните осврти и по добриот сенс за детали.

Нејзината читателска приказна започнува во детството, со дедо ѝ и со неговите неверојатни приказни, продолжува со „Сказна за Вилен“ и со „Возот в снег“, а денес живее меѓу полиците со повеќе од 850 книги. Во продолжение, запознајте ја Софија – читателката, која за проза избира кафе, за поезија вино, а убавата мисла ја обележува без многу правила.

 

* Како започна твојата букстаграм-приказна? Која беше првата книга што ја прочита по сопствен избор и сè уште ја паметиш?

-„Сказна за Вилен“ од Глигор Поповски, ми беше лектира во второ одделение. Уште една незаборавна од тоа време ми е „Возот в снег“ од Мато Ловрак (4-то одд).

* Што те натера да се вљубиш во читањето?

-Дедо ми и неговите неверојатни приказни во првите четири години од мојот живот (тогаш и почина). Тој беше еден од првите повоени учители во Малешевијата, извонреден педагог, учител, раскажувач, чии што ученици и ден денес ги среќавам и кои во одминати години со радост се сеќаваат на него. Па кога успевате да инспирирате цели генерации, веројатно нешто од тоа, што преку гени, што преку сказни сте оставиле и на својата внука.

* Кој жанр најмногу го сакаш и зошто?

- Читам сè, зависно од периодот и од расположението. Но, особено ми лежат историската фикција, поради раскошното раскажување и атмосферата што ја создава, класиците, бидејќи за мене тие се и темелот на книжевноста, но и нешто кон што секогаш повторно се враќаме, како кон крајна точка на едно читателско патување. А тука е и психологијата, вклучувајќи ја и популарната психологија, која ми е интересна заради личниот раст и развој, но и како начин подобро да се разбереме себеси, сопствените постапки и односите со другите.

*Дали книгите ги купуваш импулсивно или имаш однапред подготвена листа за читање?

- Зависи. Имам неколку правила, ако еден автор ми се допадне, купувам сé од него, такви во мојата колекција се: Фредрик Бакман, Георги Господинов, Бернхард Шлинк, Ирвин Д. Јалом, Фредрик Бегбеде, Елиф Шафак, Пола Хокинс.. долга е листата. Но, знам и импулсивно да купам наслов, особено ако препораката доаѓа од некој чие мислење го почитувам. И, да, имам и неколку листи за читање во телефон, па или јас ќе се почестам „со и без повод“, или одат како препораки до блиските за подарок за мојот роденден.

* Колку книги има во твојата домашна библиотека и кој е твојот омилен агол за читање? -Имам три мини библиотеки и неколку кутии со спакувани книги што ја чекаат четвртата. Неодамна правев реорганизација и ги внесував во табела. Изборјав повеќе од 800, а со тие што „чекаат полица“ ќе одиме со минимум 850.

* Која книга најмногу те трогнала / те расплакала?

- Има повеќе книги кои успеале во тоа, но последна на која се изнаплакав беше „Срце љубовникот“ од Лили Кинг. Едно прекрасно и емотивно патување низ младоста, низ љубовта и низ оние случки што засекогаш оставаат траги, па буквално ги растересе и најдлабоките дамари на мојата душа. Искрена препорака до сите.

*Која книга ти помогнала да поминеш низ тежок период во животот?

- Обично се тоа книги од областа на психологијата, стручни или популарни, сеедно. Последна таква е „Теоријата Пушти ги“ од Мел Робинс, но на листата се и повеќето стоици од Епиктет преку Сенека до Марк Аврелиј, како и современите авторитети во психологијата, какви што се Ирвин Д. Јалом и Виктор Франкл. И особено во последно време ме привлекува и Габор Мате.

*Кој книжевен лик најмногу потсетува на тебе?

-Уф, тешко ми е да изберам само еден – повеќе би рекла дека сум компилација од неколку. Имам нешто од силата на Скарлет О’Хара од „Одвеано со виорот“, од присебноста, од дисциплината и од посветеноста на Џоан Гудвин од „Атмосфера“, од љубопитноста на Софија од „Светот на Софија“,  веројатно и по некоја доза од своеглавоста и од духовитоста на Елизабет Бенет од „Гордост и предрасуди“ и сум непоправлив оптимист како Полиана од истоимената книга.

*Ако можеш да живееш еден ден во светот на една книга, која би ја избрал/а?

- „Посакувам да си тука“ од Џоди Пико, ама по можност на Галапагос наместо Њујорк и со Габриел, наместо Фин.

*Дали некогаш си прочитал/а книга што целосно ти го променила начинот на размислување? Која?

-Па целосно да ме промени тешко, но има книги што значително влијаеле и ми промениле одредни погледи и сфаќања.

*Кој е најубавиот цитат што засекогаш ти останал во сеќавање?

-Уф, како човек што редовно подвлекува во секоја книга, тешко е да се издвои еден, ама еве да се обидам. Не, не можам, ама еве топ 3:

 „Живите ги затвораат очите на мртвите, мртвите ги отвораат очите на живите.“ („Градинарот и смртта“ - Георги Господинов)

„На потешкиот начин научив дека не би требало да останеш со некого поради вашето заедничко минато – побитно е дали сакате исти работи во иднина.“ („Посакувам да си тука“- Џоди Пико)

„Ќе мислам на тоа утре. Тогаш ќе можам да го поднесам тоа. На крајот на краиштата утре е нов ден“ („Одвеано со виорот“ – Маргарет Мичел)

*Кога последен пат затвори книга и остана без зборови?

-Пролетва. Книгата е „Градинарот и смртта“ од Господинов. До душа,  тој редовно ме остава без зборови, но оваа книга му е нешто посебно.

* Која книга би сакал/а да ја прочиташ повторно за првпат?

„Човекот по име Уве“, тоа беше „љубов на прв збор“ со Бакман. И „Жената на францускиот поручник“ од Џон Фаулс.

 

 

КНИГИ И ФИЛМОВИ

*Што повеќе сакаш – прво да ја прочиташ книгата или прво да го гледаш филмот?

- Дефинитивно, книгата. А потоа ретко посегам по филмот, за да не ми го расипе впечатокот.

*Која филмска или ТВ-адаптација според тебе е подобра од книгата?

- Па, искрено нема таква или јас не сум гледала. Но, имајте во предвид не сум филмски тип, па затоа не сум баш релевантна со книжевно-филмските прашања.

*Која екранизација најмногу те разочарала?

- „Мемоарите на една гејша“, ептен ми го скрши „филмот“.

 

OFFLINE BOOK CLUB

*Во колкава мера клубот ги исполнува твоите потреби за книжевно дружење и за размена на мислења?

-Клубот ми е љубов голема, ама навистина. Радост ми е секоја средба и досега не сум пропуштила ниту една, дури реорганизирав и годишен одмор за да стасам на средба. Одамна се немам така поврзано во некое опкружување како во клубот.

*Што најмногу ти се допаѓа кај средбите на клубот?

-Енергијата на екипата, страста со која се зборува за книгите, размената на мислења и супер препораки што буквално ме извадија од комфор-зоната на читање.

*Дали клубот те поттикна да читаш книги што инаку не би ги избрал/а?

-Дефинитивно. Романси не сум читала од средно, ама сега ми беше баш забавно и слатко. Исто така се вратив и на трилерите, а ако успеат да ме натераат да прочитам фантазија, тогаш „капа долу“ за цела екипа.

*Како членувањето во клубот го промени твоето читателско искуство?

-Јас сум книгољубец и читам редовно, па искрено, не ми треба поттик за читање. Но, енергијата и искуството што ги носам по секоја средба, насмевката што не ја симнувам од лицето барем во следните неколку часа – тоа е непроценливо. И токму поради тоа, секоја минута помината во клубот вреди.

*Што значи за тебе да разговараш за книги со луѓе што ја делат истата страст?

-Радост, уживање, преубаво поминато време.

*Кој момент од Offline Book Club by Ars Lamina најмногу ти останал во сеќавање?

-Засега средбата со Сара Пеканен, но познавајќи ги девојките од клубот и тимот од „Арс Ламина“ знам дека ќе има мнооогууу моменти што ќе се паметат и што ќе се прераскажуваат.

*Што би му порачал/а на некој што размислува да се приклучи на клубот?

- Нема што да мисли, ако сака книги, на вистинското место е. Поубава дружба нема никаде.

 

 БРЗИ ПРАШАЊА

*Физичка (од хартија) или е-книга?

-Физичка, особено комбинација на мирис на нова книга и филџан црно кафе.

*Обележувач или свиткано ќоше?

-Обележувач, свиткано ќоше, текст маркер, превиткана страница. Сè е дозволено ако треба да се обележи убава мисла.

*Кафе или чај (или можеби вино/коктел) додека читаш?

-Кафе за проза, вино за поезија.

*Една книга или неколку паралелно?

-Зависи од периодот, од обврските, но и од тежината на книгата. Неколку романси или полесни книги од друг жанр паралелно - без проблем, ама ако ги читам: Јалом, Достоевски, Габор Мате – нема експерименти, една со фокус и посветеност.

*Книжарница или библиотека?

-Книжарница, си купувам и дома си носам.

*Купување книги или добивање книги на подарок?

-И двете. Ама оние што ми подаруваат, редовно имаат проблем што да ми одберат, а да го немам. Па по години поплаки имаме премолчан договор, јас давам „wishlist“, тие купуваат, а јас глумам изненадување, но затоа радоста за нова книга е секогаш голема и искрена.

*Омилена полица во домашната библиотека?

-Таа со книгите од Господинов и од Шлинк.

*Книга што никогаш нема да ја позајмиш на никого?

-Па не позајмувам воопшто. И не, не сум скржава, само имам лоши искуства со трајно губење на драги наслови што веќе никаде ги нема. Затоа, пак, одбирам да купам и да подарам, така - задоволни и двете страни.

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

01.
Nov.
Интервјуа
Со прашањето „Колку ме сакаш, мамо?“ започнува нежна приказна за љубовта, која не може да се измери, но може да се препознае во секојдневните мал...
13.
Sep.
Интервјуа
За Виолета Ефтимова, читањето е можност да влезе во други светови, да ги набљудува животите и постапките на книжевните ликови и во нив да препознае дело...
26.
Aug.
Интервјуа
Романот „Кривата Дијана“, продолжи да го наоѓа својот пат до читателите, а неговата авторка во изминатата година повторно се сретна со нив &ndash...
22.
Aug.
Интервјуа
За авторката и новинарка Биљана Стојановска, приказните, покрај забава и игра, се и моќна воспитна алатка. Токму преку инспиративната приказна за сочувството...
12.
Aug.
Интервјуа
„Понекогаш се враќаат“ е книга за она што никогаш вистински не си заминало. Дурацовски не ја нарекува својата книга автобиографија.
05.
Aug.
Интервјуа
Во приказните на етаблираниот и наградуван писател за деца и за возрасни, Ванчо Полазаревски, смеата не е само забава – таа е начин најмладите да погле...
23.
Jul.
Интервјуа
За Гоце Делчев се напишани многу историски книги, студии и биографии во кои се претставени неговото дело, идеалите и револуционерниот пат. Но, без амбиција д...
17.
Jul.
Интервјуа
Во најновиот трилер „Луѓе-сенки“ на авторот и новинар Сашо Кузмановски се заокружува трилогијата за инспекторот Џовани. Романот, во издание на &b...
08.
Jul.
Интервјуа
Популарниот и повеќекратно наградуван серијал за малата вампир-самовила Исидора Мун, препознатлив по својот уникатен розово-црн визуелен свет, ги освои срцат...
01.
Jul.
Интервјуа
Во новата поетска збирка „Длабок простор“ на Зоран Анчевски, просторот не е само вселенска бесконечност, туку и нешто што се отвора во секојдневи...
array(0) {
}
Memory Consumption is: 6.22 MB