Книжевниот класик „Малиот принц“ од Антоан де Сент Егзипери, објавен во 1943 година, и денес важи за едно од највлијателните дела во светската литература. Напишана во форма на бајка, оваа книга за мали и за големи ја раскажува приказната за едно мало момче од далечна планета, кое патува низ вселената во потрага по пријателство и љубов.
На едноставен, но длабоко симболичен начин, „Малиот принц“ зборува за суштинските вредности во животот - за пријателството, љубовта, посветеноста и пожртвуваноста. Тоа е книга што нè потсетува дека најважното е невидливо за очите и дека светот на возрасните често ја губи детската искреност.
За да ја доживеете оваа приказна во поинаква, визуелна форма, одличен избор е филмската адаптација Малиот принц од 2015 година, во режија на Марк Озборн. Ова е првата долгометражна анимирана адаптација на делото, која на оригинален начин ја комбинира класичната приказна со нова, современа рамка.
Филмот ја раскажува приказната преку една љубопитна девојка која го запознава сега веќе остаренииот авијатичар - нараторот од книгата. Преку неговите сеќавања, таа влегува во светот на Малиот принц, прикажан со топла анимација, што се преплетува со модерна CGI визуелизација. Овој контраст создава посебна емоционална длабочина и визуелна магија што ја прави приказната уште повпечатлива.
Гласовите на ликовите ги позајмуваат познати актери како Џеф Бриџис, Рејчел МекАдамс, Џејмс Франко и други, кои ѝ даваат дополнителна топлина и емоција на приказната.
Адаптацијата не е само верно пренесување на оригиналот, туку и негова современа интерпретација што допира до новите генерации. Таа поставува прашања за тоа што значи да се порасне, како да се зачува детето во нас и како да се препознаат вистинските вредности во свет полн со правила и очекувања.
Издавачката куќа „Арс Ламина“, под својот импринт за детска литература „Либи“, го има објавено „Малиот принц“ на македонски јазик.
Приказната започнува во пустината Сахара, каде што еден пилот доживува авионска несреќа и таму го запознава необичното момче - Малиот принц. Низ нивните разговори се откриваат приказни за различни планети, чудни возрасни и едно посебно цветче - розата, која го учи принцот за љубовта и одговорноста.
„Малиот принц“ не е само книга - тоа е искуство што се чита и се чувствува одново во секоја животна фаза. А филмот е прекрасен начин таа магија да се сподели и со најмладите, но и повторно да се открие од страна на возрасните.
Книгата е достапна во книжарниците на Литература.мк и онлајн преку www.literatura.mk