Рецензии

Кон Црната птица од Александра Јовановиќ: Многуте лица на детската болка

11.09.2021.
Кон Црната птица од Александра Јовановиќ: Многуте лица на детската болка

Романот „Црната птица“ на Александра Јовановиќ (1996) е добитник на наградата на „Политикин Забавник“ – најдобра книга за деца и млади напишана на српски јазик за 2020 година. Ова е прв роман на најмладата добитничка досега на оваа престижна награда што се доделува од 1979 година, на секој 25 јануари[1] и претставува вистински книжевен бренд не само во Србија, туку и пошироко во регионот. За среќа, успехот никогаш и немал возраст, ниту пропишана година на раѓање. 

Книжевен „прирачник“

Насловот на романот – „Црната птица“, иако можеби на прв впечаток асоцира на несреќа, на зла коб, во суштината е одлично извлечен од самата приказна, каде што црната птица е еден вид лик, лик во ликот, книжевен „жител“ во песната на таткото на Желба и, сосем спротивно од првиот впечаток, симболизира надеж и истрајност. Верба. Починатиот татко на главниот лик, девојчето Желба, чиешто име е необично и менливо/преводливо од јазик во јазик, зашто е семантизирана општа именка во сопствена, со јасна авторска намера, но и порака[2], е клучниот лик во овој роман. Тој го креира текстот токму со своето отсуство и со мали, функционални реминисценции од неговото „постојно“ време, односно од времето на неговото реално постоење не во текстот, туку во спомените на главниот лик, во минатото на приказната. Врската на Желба со таткото е остварена на повеќе нивоа, со различни и вешто искористени книжевни средства: со неговиот простор на таванот (конзервиран топос на болката), со виолината (материјална конекција со непостојното) и нејзиниот чкрипав или хармоничен звук, со песната за малата црна птица како најлирска нишка... Ова слоевито поврзување на нарацијата со отсуството на клучниот лик е многу суптилно остварено, така што, самиот наслов, а и дијалогот на задната корица токму за малата, црна птица повторно  е вистинско заокружување на приказната и нејзино сведување на самата суштина: да се биде истраен, дури и во болката и во страдањето. Или, како што вели самата авторка: „Животот никогаш нема да биде ист каков што бил пред загубата на родител“, но, целта на овој роман е и токму тоа, да не нè залажува дека сè ќе биде исто, оти тоа е неможно, туку да покаже дека и најстрашните загуби што се ненадоместливи, можат да бидат премостени. Со стрпливост, со пријателство, со додавање (контролирано) време на страдањето, не со негово (неконтролирано) укинување. Романите со вакви психо-социјални теми, особено кога се за деца и млади, паралелно со естетската, секогаш ја „влечат“ зад себе и едукативната, воспитната, емпатичната, дидактичката и лечебната функција на текстот, и токму поради тоа се и исклучително тешки за работа/за пишување, но и исклучително важни. Пораката на овој деликатен роман е мошне јасна: тагата треба да се истагува за да се затвори, не насилно да се скратува времето на болката – зашто со тоа само се продолжува времето на непомирливоста. Во оваа смисла, романот „Црната птица“ е еден вид книжевен „прирачник“ за децата и (за возрасните), кои се соочуваат со страшни загуби при своето растење. „Прирачник“ за тоа како да продолжат и на што да се потпрат. Бездруго, и на вакви книжевни дела во кои авторите, барајќи ја сопствената смисла – ја наоѓаат и онаа на читателите.

Драматуршкиот профил на романот

И кога не се знае дека романот „Црната птица“ првин бил сценарио за филм, а потоа се „пренел/конвертирал“ во друг творечки жанр, читајќи го, лесно се препознава неговото драматуршко лице. Низ сцените, но и низ впечатливите дијалози. Авторката е драматург што сака и поезија, така што сите овие нешта се јасно отсликани во романот. Испреплетеноста со фантастиката, со опасниот свет од другата страна на гробиштата, со ефектно употребениот рингишпил со прецизна наративна, антиципативна и структурна улога во текстот, гласно зборува за умешностa на младата авторка. Романот започнува со рингишпилот и со неговиот чкрипеж како фон на приказната, а дури подоцна во текстот доаѓа и смртта на Вук, мртвото-живо дете од гробиштата, која се случила на истиот тој рингишпил. Сè му се дозира на читателот во мали „лажички“ со цврста пишувачка рака, во точно одбрани мигови.

„Дрвото“ на приказната

„Дрвото“ на приказната во „Црната птица“ е мошне разгрането, но секое ливче на крошната, и секое коренче на стеблото се исцртани со најголема едноставност, но и хармонија. Приказната шумоли во единствен ритам, фрла совршена, компактна сенка пред читателите. Раскажана во трето лице со низа лични јазични белези (формите на мама и тато, на пример, наспроти вообичаените мајката, мајка ù,.. таткото, татко ù за сезнајната нарација), оваа приказна за девојче чијшто татко загинува во сообраќајна несреќа, всушност  е приказна за многуте лица на детската болка внатре – дома, но и надвор – на училиште, на гробиштата... Желба одеднаш останува чудно сама на светот, иако живее со својата мајка и со тетката која доаѓа да помогне, а всушност одмага. Таа воспоставува сосем различни релации со своите блиски: со мајката, со тетката, со пријателот Лука,.. но и со своето куче Жиле; со подалечните: со Миќо, чуварот на гробиштата, на пример, со психотерапевтката и, на крајот од краиштата, со Вук, мртвото-живо дете. Фантастичните шеми при тие комуникациски нијанси, како белата хризантема, белезицата-двоен подарок, од Лука на Желба, од Желба на Вук,.. звукот на рингишпилот што одѕвонува во тишината на годините изминати од несреќниот настан, постојано го збогатуваат жанрот со нови читателски валенции.

Крајот на романот не е и не може да биде класичен „хепи-енд“, зашто загубата на татко никогаш не се надоместува, ниту, пак, се заборава. Но, сепак е оптимистичен, разумно среќен, зашто болката успева да се премости, со помош на пријателството. Тетката си заминува, Желба и Лука повторно почнуваат да се смеат, легнати на снегот. Отсуството на таткото на некој фантастичен, неизречен начин, исто така ужива во последната сцена. Како и сите ние, читателите на овој несекојдневен роман.  

Оливера Ќорвезироска


[1] Ден на „Политика“, еден од најстарите весници на Балканот, што излегува од (25 јануари) 1904 година.

[2] Во српскиот оригинал ликот се вика Жеља.

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 8 MB